Без потврдени докази се обвинува Украина дека ја финансира унгарската опозиција
Тврдењето оти Украина ја финансира унгарската опозиција не е поткрепено со јавно достапни и независно проверливи докази. Станува збор за политичка изјава која во моментот треба да се третира како непотврдена.
Тврдењето оти Украина ја финансира унгарската опозиција не е поткрепено со јавно достапни и независно проверливи докази. Станува збор за политичка изјава која во моментот треба да се третира како непотврдена. Ниту еден релевантен меѓународен медиум (Ројтерс, АП, Гардијан), не потврдил дека такви докази навистина постојат и се валидни. Сите извештаи го претставуваат ова како „тврдење на владата / Орбан“
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Украина ја финансира унгарската опозиција – портпарол на владата
Унгарските национални безбедносни служби му покажаа на парламентот докази дека опозициските партии се финансираат од Украина, изјави портпаролот на владата Золтан Ковач.
Запленетите средства се совпаѓаат со износот што лидерот на опозициската партија Тиша, Петер Маѓар, го оцени како потребен за нивната изборна кампања, истакна Ковач.
Минатата недела, унгарските даночни агенти уапсија седум Украинци, меѓу кои и поранешен генерал на специјалните служби, кои носеле 40 милиони долари, 35 милиони евра и 9 килограми злато од Австрија во Украина – под сомнение за перење пари.
Обвинувањата на унгарската влада дека Украина ја финансира опозицијата во Унгарија се во центарот на интензивна информативна војна пред изборите на 12 април 2026 година. Иако унгарската влада тврди дека поседува докази, меѓународните медиуми и независните организации за проверка на факти укажуваат на неколку клучни противречности.
Унгарската влада не презентираше јавни докази кои директно го поврзуваат запленетиот кеш со опозициската партија Тиса.
Премиерот Виктор Орбан и портпаролот Золтан Ковач се повикуваат на „строго доверлив“ извештај на безбедносните служби кој допрва треба да биде декласифициран.
Опозицискиот лидер Петер Маѓар ги отфрла обвинувањата како „чиста пропаганда“ и тврди дека неговата кампања се финансира исклучиво преку мали донации од граѓаните.
По апсењето на седум украинските државјани – вработени во украинската државна банка Ошчадбанк Украина, кои превезувале готовина и злато во вредност од околу 82 милиони американски долари, Маѓар изјави дека тоа е „инсценирана претстава“ за да се заплашат гласачите пред изборите на 12 април.
Според Ројтерс, тој поднел и пријава во врска со други манипулативни содржини (вклучително и дипфејк видеа), што укажува на поширок контекст на дезинформации во кампањата.
Унгарската влада сугерира дека запленетите украински пари се дел од нелегални текови на „украинската воена мафија“, наменети за влијание врз изборите. Украинската државна банка Oschadbank и австриските власти потврдија дека пратката била легална и дел од редовен меѓубанкарски транспорт на готовина од Виена за Киев. Слични транспорти се одвивале редовно и претходно без никакви пречки.
Аналитичарите и организациите како EDMO (European Digital Media Observatory) забележуваат дека овој наратив се појавува во момент кога Орбан за првпат во 16 години заостанува во анкетите зад Петер Маѓар.
Додека Орбан ја обвинува Украина, опозицијата и западни разузнавачки извори (пренесени од Financial Times) укажуваат на руско мешање преку социјалните мрежи со цел да му се помогне на Орбан да ја задржи власта.
Унгарскиот парламент донесе итен закон со кој се овозможува конфискација на средствата од конкретните две возила за период од најмалку 60 дена, што правните експерти го опишуваат како преседан — закон донесен за „две конкретни комбиња“ за да се задржат парите додека не поминат изборите.
Нема релевантни извештаи од кредибилни меѓународни медиуми што го поврзуваат овој настан со финансирање на унгарската опозиција. Дури и во случаи на истраги за перење пари, таквата активност не претставува доказ за политичко финансирање.
Тврдењата во овој момент се непоткрепени со докази. Украина ги квалификува потезите на Унгарија како „државен бандитизам“, додека унгарската влада најавува дека извештајот со „фактите“ ќе биде објавен „во догледно време“.
Од сето ова можеме да заклучиме дека тврдењето оти Украина ја финансира унгарската опозиција не е поткрепено со јавно достапни и независно проверливи докази. Станува збор за политичка изјава која во моментот треба да се третира како непотврдена. Ниту еден релевантен меѓународен медиум (Ројтерс, АП, Гардијан), не потврдил дека такви докази навистина постојат и се валидни. Сите извештаи го претставуваат ова како „тврдење на владата / Орбан“.
Поради сето ова објавата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар