Без ТВ дуели за претседател ќе ги бираме партиите, место кандидатите

Првиот претседателски ТВ дуел: Никсон-Кенеди, 26 септември 1960 година. Фото: mundanelunacy
Првиот претседателски ТВ дуел: Никсон-Кенеди, 26 септември 1960 година. Фото: mundanelunacy

Немањето вистински дуел и коректен однос кон обврската за информирање на јавноста е една форма на поигрување со медиумите, а често и одраз на фактот дека поголем дел од нив се контролирани.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Гласачите на априлските двојни избори нема да видат телевизиска дебата меѓу главните протагонисти на политичкиот мегдан. Тоа речиси сигурно важи за претседателските избори, каде кампањата е отпочната, а многу е веројатно е дека, според досегашната практика, ќе продолжи и во кампањата за парламентарните избори.

Како што објави деновиве телевизијата со национална дозвола, Телма, и овојпат, оние кои последните осум години се на власт, решиле да го игнорираат нивното студио. Веќе тоа го кажаа, да потсетиме и од другите телевизии, кои се условно независни – 24Вести, на пример, каде во студиото на закажаниот термин се појави само кандидатот Пендаровски.
Како дебатата Никсон-кенеди го промени светотFireShot Screen Capture #258 - 'How the Nixon-Kennedy Debate Changed the World - TIME'

Претседателските дебати и дуели не се секако, измислица, на телевизијата. Тие се одамна неизоставен дел од демократијата, само што малите екрани овозможуваат таа дебата да стане многу попресудна од другите форми на „одмерување на силите“ меѓу спротивставените актери на политичката сцена. Некогаш се вели дека таа дебата е дури и клучна, како што беше во случајот со дебатата Никсон-Кенеди во 1960 година.

И телевизиските дебати пред изборите за Бундестагот имаат долга традиција во Германија. Во 1970-тите и 80-тите беше вообичаено раководствата на сите партии застапени во парламентот да дебатираат по четири часа. Ваквата традиција, меѓутоа, престана по изборите во 1987 година. Во предизборието во 1990-тите години немаше вакви дискусии за теми од кампањата. Дури во 2002 година се случи првиот, обновен дуел меѓу Герхард Шредер и неговиот предизвикувач Едмунд Штојбер. Интересот беше огромен и кај медиумите и кај избирачите. Секој од дуелите имаше по 15 милиони гледачи. Квоти какви што инаку има само кога игра фудбалската репрезентација. Двата дуели од 2002 година етаблираа нова традиција, зашто по еден дуел имаше и на изборите кои следуваа. Тие беа пренесувани паралелно од јавниот радиодифузен сервис и двете најголеми приватни телевизии, кои имаа по еден свој водител.

Навистина, со дуелот во фокус се ставаат само двете големи партии и нивните кандидати за канцелар, а „малите“ натпреварувачи во изборната трка се исклучени. Во 2002 година тогашниот врвен кандидат на либералите, Гидо Вестервеле, поднесе тужба пред Уставниот суд поради тоа што на дуел смееја да настапат само двајцата кандидати на големите партии, ЦДУ и СПД, но не и тој.

И додека, како што гледаме, во западните земји политичарите би тужеле ако не се присутни во одмерување на политичките позиции и ставови со противниците (конкурентите), кај нас состојбата последниве години се сведува на најчесто целосно, а понекогаш само делумно одбегнување на надмоќната партија на сите избори да се соочува со своите политички конкуренти! Зошто ова што сега го гледаме во нашата стварност, а по повод претседателските избори (исто се случуваше и со изборите за парламентот наназад) не е дозволиво? Што тука се прекршува? Ова прашање секако си го поставуваат сите читатели, а секако меѓу нив и помладите новинари, кои веројатно сметаат дека и политичарите се слободни во изборот на „оружјето“ со кое ќе се користат во предизборниот период!

 

Селектирање телвизии за безбеден настап

 

Најнапред, првиот фаул е што владините политичари ги селектираат телевизиите на кои ќе настапуваат. Значи тие – како што велат и во Телма,  како медиум се соочуваат со нерамноправен пристап до информациите, нелојална конкуренција на медиумскиот пазар, поттикната директно од владата и обид за потценување. Индиректно, имаме појава на „кабинетски листи за подобни и неподобни“, која ги надминува високите прагови на толеранција, дури и кај нас.

Следната недозволива постапка која власта ја прави во нашата ситуација е што владеачката партија, односно нејзините претставници, без оглед за какви тоа изборни соочувања да се работи (локални, национални, претседателски, парламентарни) одбегнува дуел генерално! Значи, соперниците ги нема во рингот во исто време, а селективноста, која ја споменавме, означува дека се оди во оние студија каде постои сигурност дека нема да има непријатни прашања, односно „нелојални“ водители. И секако, каде ќе го нема – политичкиот конкурент.

Што значи непостоењето на дебата? Дали е тоа навистина политички прекршок?

Прд последните претседателски избори пред пет години македонската јавност се соочи со честото одбивање на кандидатот, сега сѐ уште актуелен претседател, да излезе на ТВ дебата, кога беше канет.

Еве што рече тој и што рекоа неговите конкуренти во првиот круг.

„Не сум против ТВ дуели, но дуелите меѓу Црвенковски и Георгиевски и меѓу Црвенковски и Кедев повеќе личеа на дуели на омаловажување на личностите, отколку спротивставување на идеите и програмите. Едноставно, тоа беа дуели на суети и личности“ – изјави Ѓорѓи Иванов.

„Апсолутно прифаќам ТВ-дуел. Тоа е нужност. Без тоа не можат да се видат ставовите на кандидатите за одредени прашања. Како што е во САД и кај нас може ТВ-дуелот да биде на три теми, како, на пример, за надворешната политика, за внатрешната безбедност и за мултикултурноста на општеството“ – рече проф. Фрчкоски.

Нано Ружин кусо рече дека прифаќа ТВ дуел, а кандидатот Имер Селмани објасни дека „за мене дуелот е прифатлив. Тоа е можност претседателските кандидати да им помогнат на гласачите да се определат за вистинскиот кандидат“.

И конечно претседателскиот кандидат Љубе Бошкоски: „Секој што не прифаќа соочување пред ТВ-екраните е несериозен политичар“

(цитати според: http://forum.kajgana.com/threads/ Ќе-има-ли-ТВ-дуели-на-престојните-избори.27472).

Во тоа предизборно одмерување на крајот дојде до само една ТВ дебата – на националната телевизија.

 

Политичари надвор од европскиот калап

 

Во неодамнешната дебатна емисија на Ал Џазира-Балкан со наслов „Политичари: каде е Западот, каде сме ние“, се констатира дека немањето вистински дуел и коректен однос кон обврската за информирање на јавноста, преку соочување со противниците, е една форма на поигрување со медиумите, а често и одраз на фактот дека поголем дел од медиумите се контролирани (во прилогот се споменува само Србија под Вучиќ, ама ние ги знаеме меѓународните оценки за ова прашање на контрола на медиумите кај нас), па и нема потреба од политички ризик! Нема сомнение дека ова последното е и македонска стварност.

Регионалните политичари несомнено заостануваат зад своите европски колеги, од кои ја копираат формата, но не и содржината, вели професорот и аналитичар Суад Арнаутовиќ од Сараево во истиот ТВ прилог. Во модерните демократии се смета дека политичарите се слуги на народот, кој ги избира, плаќа и на кого на крајот на денот му полагаат сметки. Тие исти политичари се должни да комуницираат со своите гласачи, а како посредник во таа симбиотска врска, пред сѐ, се користат јавните медиуми.

Сето ова се прави, бидејќи гласачите на модерните општества бараат апсолутна одговорност. И, кога се работи за донесување и спроведување на витални одлуки (како што се изборите – н.з.) и кога се работи за јавно однесување некои политичари од нашиот регион не се правени по тој калап, однесувајќи се често како средновековни кралеви, кои своите соговорници, припадниците на медиумите и политичките противници ги третираат како да се пониска класа.

 

ТВ дуелите – кулминација на квалитетна кампања

 

Климе Бабунски, експерт за комуникации, цени дека секоја сериозна и квалитетна изборна кампања подразбира и телевизиски соочувања на кандидатите.

„Јавноста ќе просуди и ќе процени дали некому, кој не се согласува на јавен настап, треба да му се честита или да се исвирка. Вообичаено, таквите ТВ-дуели секогаш се свртени во корист на квалитетната кампања и во целата изборна трка претставуваат кулминација. Ако, пак, некој од кандидатите мисли дека ТВ-дуелот му штети или не му е потребен, всушност, бара причини да каже оти нема потреба од такво нешто. Тоа не значи дека не му требаат ни медиумите, бидејќи само тие овозможуваат пристап до толку бројна публика.“

За Бабунски е дискутабилна секоја стратегија и тактика кога некој во 21 век се лишува од користење на медиумите во екот на кампања со врвот на медиумското претставување – ТВ дуелите.

„На крајот на краиштата“, вели Бабунски, „и сериозните театри секогаш имаат претстава што се вика генерална проба по која реакциите од публиката им кажуваат што треба да поправат пред премиерата. А, секој паметен изборен штаб остава соодветно време меѓу ТВ-дуелот и денот на гласањето за да ги види и слушне реакциите на граѓаните“.

Според него, кампањата ќе биде монотона без ваквите соочувања и, бездруго, ќе биде упростена, бидејќи јавноста само ќе ги слуша партиските машинерии, а нема да го види квалитетот на кандидатите, зашто секоја политичка комуникација, особено во изборите, се сведува на партиски соопштенија. Според Бабунски, „предноста на ТВ-дуелот е и во тоа што јавноста во живо ќе ги види реакциите и коефициентот на интелигенција во политичкото комуницирање на самите кандидати, што е особено важно затоа што не ги бираме партиите за претседател, туку ги бираме кандидатите“.

На ова може да додаме дека последното гостување на претседателскиот кандидат Иванов во соло настап во студиото на Сител 3, кај познатиот водител Јанко „Јади Бурек“ го покажа како политичар со многу елементарни непознавања, дури и да не се работи за највисока функција во државата. Во услови на соочувања со конкуренцијата дебаклот би бил уште поголем и – поочигледен
.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција