„Безбеден град“ не е претворање на земјата во комунистичка Кина

Фото: Официјална ФБ страница на МВР

Снимањето на јавните простори е законски уредена категорија. Целта на системот „Безбеден град“ според властите е во 2026 да ја нема сегашната мрачна статистика – 142 жртви на улиците, што во просек е 78 на милион жители.

Снимањето на јавните простори е законски уредена категорија. Целта на системот „Безбеден град“ според властите е во 2026 да ја нема сегашната мрачна статистика – 142 жртви на улиците, што во просек е 78 на милион жители 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува информацијата дека стартува системот „безбеден град“ и пишува:

На здравје дигитализирана полициска држава, која изгледа само ќе се продлабочува. Слобода ли е секаде да си сниман и следен? Тоа ли е начинот? Губење на слободата за тн. безбедност?
„Оној што ја жртвува слободата за безбедност, ќе ги изгуби и двете“.
Во комунистичка Кина се претвораме. Ќе ви пишуваат петки на рачето ако сте умни.

Вистиномер се обрати во Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека информациите дека дигитализацијата ја претвора државата во „дигитализирана полициска држава“ се неточни.

Процесот не служи за следење на граѓаните, туку за поголема ефикасност, транспарентност и законито постапување. Сите технички алатки се користат строго по закон и под надзор, без нарушување на приватноста. Дигиталната трансформација е механизам за подобра заштита на граѓаните, а не закана за нивната слобода, велат од МВР за „Вистиномер“.

Со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, прекршоците документирани со технички средства – камери, сензори и уреди за снимање – се сметаат за валиден доказ. Во првата фаза системот ќе регистрира: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.

Кога системот ќе биде во целосно пуштен во употреба сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог.

Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот беа регистрирани неверојатни 65.000 прекршоци, од кои за поминување на црвено светло 2800 и нерегистрирани автомобили 1000.

Оваа алармантна бројка според МВР уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој се очекува значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата.

Министерот Панче Тошковски потврди дека и странските возила ќе бидат опфатени со системот „Безбеден град“.

Снимањето на јавните простори е законски уредена категорија. Според Тошковски, целта е од 1 јануари 2026 да се започне со имплементација. Тој информираше дека изминатиот период претставници од МВР и Министерството за транспорт, заедно со сите други институции, интензивно работат на ревидирање на сите постоечки патишта низ земјава, на кои ќе бидат лоцирани безбедносните камери.

Размислуваме дали тоа да биде на 1 јануари или на 1 февруари, заради тоа што не сакаме да наметнеме решение кое нема да биде подготвено за имплементација. Можеби граѓаните ќе оценат дека е потребно уште еден месец за адаптација, можеби ќе продолжиме уште месец дена плус, со цел да го допровериме и да се осигураме граѓаните да бидат целосно запознаени – рече Тошковски.

Според него, целта е во 2026 да нема 142 жртви на улиците, што според сегашната мрачна статистика во просек е 78 на милион жители.

Скандинавскиот просек е околу 20 жртви на милион жители, а европскиот просек е околу 44-45 на милион жители. Ја разбирам потребата на јавноста да ги постави сите прашања поврзани со имплементацијата на овој проект. Но треба да се има предвид дека ние сме меѓу најлошите земји во светот според бројот на луѓе загинати на улиците. Бројката од 142 жртви не е само статистика – тоа се луѓе со семејства, со деца, со родители, кои секојдневно ги губиме на улиците – рече министерот.

Не е точно наведеното во објавата дека „со системот Безбеден град се претвораме во комунистичка Кина“. Системот „безбеден град“ не ги ограничува прекршителите на сообраќајните правила да добиваат други добра и услуги како што тоа се прави во Кина. Во Кина преку сајтот на Врховниот суд се објавуваат т.н. „лоши граѓани“ а „добрите граѓани“ добиваат попусти на услугите како кино, јавен превоз итн. Кина ги рангира своите граѓани како „добри“ и „лоши“ граѓани зависно од тоа што пазарат во супермаркетите. На пример, доколку жена купи цигари во продавница тоа би ѝ носело лоша репутација и губење поени во кредитниот систем на државата, но доколку пазари пелени во продавница-  тоа би ѝ сигнализирало на државата дека е „добра мајка“ и би ѝ носело позитивни поени.

Во Кина ризиците се дека има надзор, ограничување на слободите врз основа на „доверливост“, но во Северна Македонија системот е изграден спротивно од моделот на централизираното општествено оценување и единствено со цел да се регулира сообраќајот и да се санкционираат прекршителите на сообраќајните правила на ефикасен начин.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција