„Безбеден град“ не е за хиперконтрола на слободата на движење

Фото: Официјална ФБ страница на МВР

Процесот не служи за следење на граѓаните, туку за поголема ефикасност, транспарентност и законито постапување. Сите технички алатки се користат строго по закон и под надзор, без нарушување на приватноста, велат од Министерството за внатрешни работи за „Вистиномер“

Процесот не служи за следење на граѓаните, туку за поголема ефикасност, транспарентност и законито постапување. Сите технички алатки се користат строго по закон и под надзор, без нарушување на приватноста, велат од Министерството за внатрешни работи за „Вистиномер“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Жими амишов. Само некој кој има тежок облик на шизофренија или е платен јаничар може да поверува дека овој систем е за сообраќајот. Амеби, телетабиси, жители на етноцидна геноцидна фашистичка творба наречена северџанија ова е за хипер контрола на слободата на движење со локатод преку паметен телефон а визуелно со камера. Што не ви е јасно бе шашардисани среќни робови гласачи.

Во склоп на објавата се споделува фотографија од една од камерите од новиот систем за контрола на прекршоците во сообраќајот – „Сејф Сити“ (Безбеден град) инсталиран во Скопје. Дека фотографијата е од системот „Безбеден град“ потврдува фактот што истата е објавена на Фејсбук страницата на Министерството за внатрешни работи, во објава од 1 декември годинава во којашто министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски информираше дека започна пробниот период на системот „Безбеден град“ и дека прекршоците автоматски се бележат, а сопствениците добиваат известување. Според Тошковски за 12 часа регистрирани се над 65.000 прекршоци.

Фотографијата е споделена дента кога Тошковски го посети објектот каде е сместен централниот систем „Безбеден град“.

Со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, прекршоците документирани со технички средства – камери, сензори и уреди за снимање – се сметаат за валиден доказ. Во првата фаза системот ќе регистрира: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци, сподели министерот за внатрешни работи Тошковски.
Но, не е точно дека системот „безбеден град“ е за хиперконтрола на движењето со локатор преку паметен телефон и визуелно со камера. 

Процесот не служи за следење на граѓаните, туку за поголема ефикасност, транспарентност и законито постапување. Сите технички алатки се користат строго по закон и под надзор, без нарушување на приватноста, велат од Министерството за внатрешни работи за „Вистиномер“. 

МВР информираше дека кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд. Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот беа регистрирани 65.000 прекршоци од кои за поминување на црвено светло 2.800 и нерегистриран автомобил 1.000. 
Оваа алармантна бројка уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата. Со стартот на овој систем испраќаме јасна порака – безбедноста на граѓаните е врвен приоритет. Нема толеранција за несовесно возење, без разлика дали е во градска зона или на отворен пат. ‘Безбеден град’ е проект кој штити животи и ја враќа дисциплината во сообраќајот. МВР ќе продолжи со тестирањето и унапредувањето на системот, со цел негово целосно функционирање во наредната фаза, наведе Тошковски.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција