„Безбеден град“ нема никаква врска со дигитално ропство, ниту пак го најавува „антихристот“

Дигитален ИД Фото: Gregori-luxair, CC0, via Wikimedia Commons

Не постојат докази од официјални документи, истражувања или правни документи дека некоја глобална технологија е дел од план за „дигитално ропство“.

Не постојат докази од официјални документи, истражувања или правни документи дека некоја глобална технологија е дел од план за „дигитално ропство“. Отворањето на дигитални системи (како ЕУ дигитални идентитети) има реални правни и технички документи кои може да се проверат – и тие не содржат тајни механизми за контрола на граѓаните

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

ТЕСТОТ “БЕЗБЕДЕН ГРАД” е УВОД во ДИГИТАЛНО РОПСТВО, СО ОДЗЕМАЊЕ НА СЛОБОДАТА и ВОВЕДУВАЊЕ на ТОТАЛНА ДИКТАТУРА – АНТИХРИСТОТ НА ГОЛЕМА ВРАТА

Им се брза, нема пари, ги притискаат стратешките, да воведат и ДИГИТАЛЕН ПАРИЧНИК после следи УКИНУВАЊЕ НА КЕШ, имаш пари, ама немаш, следи социјален кредит….ама мигранти немало, а буџет дупка. Зошто нема дебати за вакви промени кои се опасни за опстанок на човештвото??? ЗАТОА ЛИ СИТЕ ПАРТИИ МОЛЧАТ и не замајуваат со небитни работи??? И сето тоа ќе биде легално, бидејќи вашите “избраници” ќе изгласаат закони за КОНТРОЛА И УЛТИМАТИВНИ ЗАБРАНИ на СЕ’ ШТО ЗНАЧИ ЧОВЕЧКИ ЖИВОТ и ЛИЧЕН ИЗБОР.

Без разлика, дали е во прашање здравје, болест, вакцини, воздух, вода, одгледување деца, семејство, родителство, финансии, верски убедувања, исхрана, желби, комуникации, патување…ЕДНОСТАВНО СЕ’ ШТО ЗНАЧИ ЖИВОТ ќе БИДЕ во НИВНИ РАЦЕ со ДУШЕВНА ЕГЗЕКУЦИЈА. ДАЛИ ова ЗНАЧИ КРАЈ НА ЧОВЕШТВОТО со АПОКАЛИПТИЧЕН КРАЈ??? ОД НАС ЗАВИСИ.

Објавата без никакви докази тврди дека системот „Безбеден град“ е вовед во дигитално ропство со кој на луѓето ќе им се одземе слободата, па го спомнува и „антихристот“. Очигледно е дека објавата шири добро познати теории на заговор кои и претходно се дебанкирани.

Имено, теоријата на заговор за дигитално ропство (или дигитална робовладетелска контрола) е дел од поголем сет на конспиративни наративи кои тврдат дека технологии како дигитални идентитети, мобилни апликации, вештачка интелигенција или дигитални валути ќе доведат до тотална контрола и „робување“ на луѓето. Овие идеи обично вклучуваат тези за надзор и контрола на однесувањето преку алгоритми, отстранување на приватноста и слободата или дека технолошките алатки се тајни „алатки“ за глобалните елити да ја ограничат нашата автономија.

Во ЕУ, со воведувањето на европски дигитални идентитети и дискусии околу дигиталните валути, некои групи ширеа тези дека тоа ќе биде „електронско јаже“ за контрола на граѓаните — т.е. дека ќе ги направи зависни и ќе им ги одземе правата и слободите. Меѓутоа фактите говорат дека такви тврдења не се точни и немаат основа во реалните документи.

Системот „Безбеден град“, како што претходно веќе пишуваше Вистиномер, не служи за следење на граѓаните, туку за поголема ефикасност, транспарентност и законито постапување. Сите технички алатки се користат строго по закон и под надзор, и како што се тврди од надлежните, без нарушување на приватноста. Дигиталната трансформација е механизам за подобра заштита на граѓаните, а не закана за нивната слобода.

Кога системот од следната година ќе биде целосно пуштен во функција, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

Во конткест на „дигиталното ропство“ често се спомнува и дигиталниот идентитет, а теоретичарите на заговор тврдат дека со него ќе се врши контрола врз парите и слободата на луѓето. Како што Вистиномер веќе пишуваше, не постои глобален план или систем поткрепен со докази за користење на дигиталниот идентитет за „контрола“ на тоа кој може да пристапи до пари или да живее слободно. Тврдењата дека некој создава единствен систем за ограничување на финансиите не се поткрепени со докази.

Теориите на заговор поврзани со дигиталниот идентитет често го поврзуваат „користењето на дигитален идентитет со контрола кој може да купи храна или да пристапи до пари“. Всушност невистинито се тврди дека луѓето што нема да се согласат да имаат дигитална лична карта таа можело да биде „исклучена“ оставајќи ги луѓето неспособни да купуваат или да јадат. Понекогаш ова е поврзано со тврдења за 15-минутни градови. Но, нема координиран план за користење на дигитални лични карти за изгладнување или контрола на луѓето и нивните пари.

Паричникот за дигитален идентитет (eID) на ЕУ е европскиот одговор на предизвиците за идентификацијата. Тој ќе им овозможи на корисниците пристап до јавни и приватни услуги преку интернет и офлајн, складирање и споделување дигитални документи и креирање обврзувачки потписи.

Теоријата дека дигиталното ID е „дело на антихристот“ најчесто се поврзува со погрешно толкување на технолошките програми за дигитална идентификација, како на пример:

Некои интернет корисници и групи тврдат дека овие системи ќе овозможат тотална контрола врз населението, односно дека се дел од „планот на Антихристот“.

Сајтот за проверка на фактите Сноупс, пишува дека организацијата ID2020 не создава никакви „микрочипови“ или „жигови“, туку развива дигитални решенија за идентификација базирани на шифрирани податоци и доброволна согласност.

Нема докази дека програмата е поврзана со шпионажа, контрола на населението или религиозни мотиви, се наведува во анализата на Сноупс.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека не постојат докази од официјални документи, истражувања или правни документи дека некоја глобална технологија е дел од план за „дигитално ропство“. Отворањето на дигитални системи (како ЕУ дигитални идентитети) има реални правни и технички документи кои може да се проверат — и тие не содржат тајни механизми за контрола на граѓаните.

Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција