Бил Гејтс не е сопственик ниту на „Монсанто“, ниту на германскиот фармацевтски гигант „Баер“

Фото: Википедија

Во подолг и хаотичен текстуален пост на Фјесбук, без јасна временска линија на настаните за кои се говори и кој се чита како комплексна теорија на заговор, меѓу другото, се тврди и дека основачот на софтверскиот гигант „Мајкрософт“, Бил Гејтс, најпрвин го купил земјоделскиот гигант од САД, „Монсанто“, а потоа, пак се тврди дека го купил и германскиот фармацевтски гигант „Баер“

 

Во подолг и хаотичен текстуален пост на Фјесбук, без јасна временска линија на настаните за кои се говори и кој се чита како комплексна теорија на заговор, меѓу другото, се тврди и дека основачот на софтверскиот гигант „Мајкрософт“, Бил Гејтс, најпрвин го купил земјоделскиот гигант од САД, „Монсанто“, а потоа, пак се тврди дека го купил и германскиот фармацевтски гигант „Баер“. На крајот се вели и дека откако ги купил овие две фирми (или поголем удел акции во нив, не е сосема јасно), „Баер“ го купил „Монсанто“ (?), иако двете фирми веќе биле во целосна (или мнозинска) сопственост на Бил Гејтс. И со тоа „Бил си ја плати на Бил целата инвестиција сам на себе, со пари на фирмата која што само што ја купил“, се вели во постот. Понатаму дури и се вели дека за оваа „финансиска малверзација“ засега „уште никој не го повикал на одговорност“.

Ништо од ова, се разбира, не е точно. Бил Гејтс не е сопственик ниту на „Монсанто“, ниту на „Баер“. Единствено нешто што е вистина и што е целосно документирано во јавниот домен, дури и од реномирани меѓународни меѓународни медиуми каков што е лондонски „Гардијан“, е фактот дека Бил Гејтс, навистина, пред 10 години, значи во 2010 година, има инвестирано 23 милиони долари во 500 илјади акции од „Монсанто“. И тоа е сè. Но, 23 милиони долари не претставува ни една дестинка од еден процент од вредноста на „Монсанто“. Во 2016 година „Баер“ го купи „Монсанто“ за износ од над 60 милијарди долари, а спојувањето заврши во 2018 година.

 

ТАЕН СОПСТВЕНИК?

Од каде знаеме дека Бил Гејтс не е сопственик ниту на „Баер“, ниту на „Монсанто“? Одговорот е едноставен. За такво нешто ниеден од светските медиуми не известил и затоа што такви информации не постојат дури и онаму каде што по закон мора да ги има. А, тоа е невозможно, И „Баер“ и „Монсанто“ (пред да биде купен) беа и се јавни компании кои котираат на берза. „Монсанто“ (берзанска кратенка: MON) котираше на Њујоршката берза (NYSE), додека „Баер“ сè уште котира на НАСДАК (NASDAQ – берзански кратенки: BAYZF – обични акции и BAYRY – странските акции на „Баер“ со кои се тргува во САД). И потенцијалниот купувач, според прилично острите американски закони, кога станува збор за акционерски друштва и берзански трансакции (закони, кои, пак, се остаток уште од кризата од 1929 година, која – како и поновата од 2008-09 година – беше последица на берзански малверзации), мора писмено да ја извести американската Комисија за хартии од вредност (КХВ) за својата намера и тоа не само кога сака да купи некоја компанија во целост, туку и кога сака да го купи минималниот доминантен пакет акции, па дури и само една четвртина од вкупниот број акции. Патем речено, слични вакви се законите и кај нас. Но, такво нешто, значи официјално писмо за намери на Бил Гејтс за купување на „Баер“, на страницата на компанијата на НАСДАК нема. Можете во целост да ги прегледате сите документи (овде), кои „Баер“ ги има доставено до американската КХВ, како и сите документи од други ентитети, но кои се однесуваат на „Баер“ и такво писмо за намери од Бил Гејтс нема да најдете. А, би морало да го има. Како што го има писмото за намери доствено до американската КХВ и потоа објавено на страницата на „Баер“ на НАСДАК, кога германскиот фармацевтски гигант најави дека има намера да го купи „Монсанто“.

Понатаму, и двете компании, и „Монсанто“ и „Баер“ имаат по илјадници акционери. И, ако станува збор за купување доминантен пакет акции од 51%, (што претставува минимум за да може да се каже дека некој ја „купува компанијата“), компаниите таквиот допис мораат да го достават и до своите акционери, уште пред тие да се согласат (или да одбијат) да му ги продадат своите акции на новиот потенцијален газда. Така што, такви зделки, Бил Гејтс да ги купи најпрвин „Монсанто“, а потоа и „Баер“, едноставно не можат да се скријат. Тие компании се мултинационални, имаат добавувачи ширум светот и клиенти во најголем дел од земјите од светот, па нема никаква можност таква зделка да остане скриена. Настрана што криењето на таква зделка е спротивно на американските закони, но и на законите во најголем број од земјите во светот. Имено, И „Монсанто“ и „Баер“ имаат свои филијали, дистрибутивни центри, магацини, фабрики и што уште не во многу земји и на речиси сите континенти. Тие капацитети се регистрирани како локални фирми, па при вакво големо спојување на централните ентитети и таквите локални фирми во разни земји на „Монсанто“ и „Баер“, исто така, треба да се спојат и тоа, исто така, не може да остане скриено. На пример, за зделката за купување на „Монсанто“ од страна на „Баер“, која навистина се случи (но не со пари на Бил Гејтс) известија сите светски медиуми. За ова се пишуваше наголемо и уште се пишува, а ќе се пишува и во иднина. Неодамна, „Баер“ се согласи да плати дури 10,9 милијарди долари за тужби против „Монсанто“ (чии обврски ги презеде со купувањето), зашто судовите во САД пресудија дека некои од пестицидите, кои „Монсанто“ ги употребуваше долги години, предизвикуваат рак. Други информации го прогласуваат спојувањето како комплетен неуспех. Имено, „Баер“ за „Монсанто“ плати над 60 милијарди долари, но од тоа не виде никаква добивка. Напротив, денеска врендоста на „Баер“ на берза, со вклучен „Монсанто“ е токму 60 милијарди долари, значи и двете фирми споени вредат онолку колку што „Баер“ плати за „Монсанто“ пред две години. Заради ова, бордот на „Баер“ на чело со генералниот директор, Вернер Бауман, беа сменети од акционерското собрание на компанијата. Ако Бил Гејтс навистина стоел зад ваквата зделка, сега воопшто немаше да биде среќен, туку ќе беше многу лут заради залудно потрошените милијарди долари.

 

„МОНСАНТО“ КУПЕН ДВАПАТИ?

Особено, пак, е нејасно тврдењето каде што се вели дека „Баер“ го купил „Монсанто“ и тоа откако и двете фирми веќе биле во сопственост на Бил Гејтс. Зошто во таква ситуација Гејтс би требало двапати да плаќа за „Монсанто“ не е јасно. Тој еднаш го купил, а потоа друга компанија, која е наводно, исто така, во негова сопственост, би требало да го купи наново, значи повторно со пари на Бил Гејтс. Такво нешто нема смисла.

Имајќи го предвид, сето ова, тврдењето дека Бил Гејтс го купил најпрвин „Монсанто“ (без да се каже кога), па потоа го купил „Баер“ (повторно без да се прецизира кога), за на крај сето тоа да заврши така што „Баер“ во сопственост Бил Гејтс повторно, по втор пат, го купил „Монсанто“, исто во сопственост на Бил Гејтс, ја сметаме за невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција