Бил Гејтс не го затемни Сонцето и тоа не е причината за високите температури
Проектот, на кој што се повикува оваа објава на „Фејсбук“, не е на Бил Гејтс туку го спроведува универзитетот Харвард, односно програмата за истражување на соларно геоинженерство. Единствената поврзаност на Гејтс со овој проект е што тој е еден од финансиерите на проектот, но не учествува во истражувањата кои што ги спроведува Харвард. Проектот (SCoPEx), не работи на блокирање или затемнување на сонцето. Наместо тоа, проектот се обидува да ги разбере потенцијалните ризици од геоинженерството
Богатството на сопственикот на Мајкрософт, Бил Гејтс му овозможува да инвестира во различни проекти низ целата планета. Дел од овие проекти, јавноста, а особено јавноста на социјалните мрежи, ги оценува како контроверзни и ова го прави Гејтс честа мета на теории на заговор. Една од тие теории на заговор објавена на Фејсбук е дека милијардерот „го затемнил Сонцето“ и дека е виновен за високите температури кои ни се секојдневие овие денови. Ова е неточна информација. Притоа Гејтс сензационалистички се нарекува „синот на ѓаволот“.
Синот на ѓаволот – Бил,
откога го затемни Сонцето и нашата атмосфера со неговите отровни гасови, се надевам ги чувствувате “благодетите” од неговиот проект….
На здравје пржење.
Проектот се вика “Dimming the Sun”.
Како и да е,
за некои се е теорија на завера…
Проектот, на кој што се повикува оваа објава на „Фејсбук“, не е на Бил Гејтс туку го спроведува универзитетот Харвард, односно програмата за истражување на соларно геоинженерство. Единствената поврзаност на Гејтс со овој проект е што тој е еден од финансиерите на проектот, но не учествува во истражувањата кои што ги спроведува Харвард.
Проектот (SCoPEx), не работи на блокирање или затемнување на сонцето. Наместо тоа, проектот се обидува да ги разбере потенцијалните ризици од геоинженерството.
Технологијата која се истражува треба потенцијално да ја рефлектира сончевата светлина надвор од атмосферата и површината на Земјата, предизвикувајќи глобален ефект на ладење. Ова е целосно спротивно од она што го тврди објавата дека со овој проект се постигнало загревање односно „пржење“, тврдење кое што освен што е неточно е и нелогично.
Експериментот, лансиран од научници од универзитетот Харвард, има за цел да го испита решението со прскање на прашина од нетоксичен калциум карбонат (CaCO3) во атмосферата – аеросол што може да ги надомести ефектите на глобалното затоплување.
Првиот дел од истражувањето, сосема мал дел ќе започнува овој месец, што значи дека овие високи температури на воздухот што ги имаме сега никако не може да бидат резултат на овој проект, како што лажно се тврди во Фејсбук постот.
Истражувањето овој јуни започнува во близина на градот Кируна, Шведска, каде што Шведската вселенска корпорација се согласи да помогне во лансирање балон кој ќе носи со научна опрема 20 км во атмосферата. Лансирањето нема да ослободува стратосферски аеросоли. Наместо тоа, ќе послужи како тест за маневрирање на балонот и испитување на комуникациските и оперативните системи. Доколку е успешно, ова може да биде чекор кон втората експериментална фаза што ќе испушти мала количина на калциум карбонат (CaCO3) прашина во атмосферата.
Тврдењето дека Бил Гејтс го затемнил Сонцето и дека поради тоа сега се соочуваме со многу високи температури го оценуваме како невистинито. Проектот сè уште не е започнат, а Бил Гејтс е само еден од донаторите на овој проект и не е директно вклучен. Но и покрај тоа, теории на заговор поврзани со неговото име се шират секојдневно, а изнесените тврдења, без притоа да бидат проверени, ги манипулираат корисниците на социјални мрежи.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар