Бил Гејтс не предупредил на појавата на мајмунски сипаници

Фото: Принтскрин видео

Милионерот навистина има зборувано за можноста тип на сипаници да се користат како биотерористичко оружје. Но, тоа никогаш не се однесувало на мајмунски сипаници, а нивната појава не значи дека е резултат на биотероризам. Нема ниту еден извор или индиција дека мајмунските сипаници се производ на терористички напад. Освен тоа, можноста за биотерористички напад од сипаници е дискутирана со години во бројни истражувачки документи, пред Гејтс да го спомене ова јавно

Милионерот навистина има зборувано за можноста тип на сипаници да се користат како биотерористичко оружје. Но, тоа никогаш не се однесувало на мајмунски сипаници, а нивната појава не значи дека е резултат на биотероризам. Нема ниту еден извор или индиција дека мајмунските сипаници се производ на терористички напад. Освен тоа, можноста за биотерористички напад од сипаници е дискутирана со години во бројни истражувачки документи, пред Гејтс да го спомене ова јавно

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека Бил Гејтс во два наврати и во 2017 и во 2021 година, зборувал за биотерористички напад со сипаници. Во постот е споделен напис од сајтот Коловрт, во кој се вели дека Бил Гејтс „неколку пати во текот на последните неколку години предупредил за појава на вирусот на мајмунски сипаници“. Првпат, според написот, тоа го направил во 2017 година на Минхенската безбедносна конференција, а во 2021 предупредил дека владите мора да се подготват за идни пандемии и терористички напади со сипаници преку инвестирање милијарди во истражување и развој.

Вие велите, добро, што ако биотерорист донесе сипаници на 10 аеродроми? Знаете како светот би реагирал на тоа? Постојат природно предизвикани епидемии и епидемии предизвикани од биотероризмот, што може да биде уште полошо од она што го доживеавме денес“, се вели во написот и оваа изјава му се атрибуира на Гејтс.

Милионерот навистина има зборувано за можноста тип на сипаници да се користат како биотерористичко оружје. Но, тоа никогаш не се однесувало на мајмунски сипаници, а нивната појава не значи дека е резултат на биотероризам. Нема ниту еден извор или индиција дека мајмунските сипаници се производ на терористички напад. Гејтс, пак, честопати беше мета на теории на заговор низ пандемијата со ковид-19. Тој неретко, без никаква основа беше портретиран како архитект на ковид кризата.

Неговите коментари во случајов се извлечени надвор од контекст со оглед на тоа што ниту во 2017 година ниту во 2021 година, Гејтс не би можел да знае дека мајмунски сипаници ќе се појават во 2022 година. Не станува збор за никаква организирана акција или план зад кој Гејтс е мозокот туку тој во годините пред појавата на мајмунските сипаници, зборувал за биотерористички напади во хипотетичка смисла, за тоа како човештвото да се одбрани од нив, доколку дојде до тоа и за таа цел го има користено примерот со сипаниците, без да се споменуваат мајмунски сипаници. Ова подетално ќе го образложиме во продолжение.

Во ноември 2021 година, за време на интервју, Гејтс спомена дека владите треба да се подготват за идни пандемии и терористички напади на сипаници. Одговарајќи на прашање за тоа што глобалните влади треба да направат за да се заштитат против идни пандемии Гејтс рече дека ќе бидат потребни многу пари за истражувања и развој и многу години за да се формира единица во СЗО за одговор на пандемии.

Некои од извештаите од ова интервју споменуваат дека Гејтс предупредил дека терористи ќе се обидат да користат сипаници како оружје. Таквото толкување е делумно погрешно зошто Гејтс зборува за симулирање на можноста од таков напад, без да каже дека таков напад навистина ќе се случи.

Тој вели дека се надева дека за пет години ќе може да напише книга која кажува дека сме спремни за следната пандемија, но дека ќе требаат многу пари, а САД и Велика Британија да бидат дел од процесот.

Ќе бидат потребни многу години за да се состави тим во СЗО којшто ќе следи и ќе ги спроведува „игрите со бактерии“ каде што би се вежбал одговор на ситуација, на пример, каде биотерорист донел сипаници на 10 аеродроми. Знаете, како би одговориле на тоа? Има природно предизвикани епидемии и биотерористички епидемии кои би можеле да бидат уште полоши од она што го искусуваме денеска, а напредокот во медицинската наука би требал да ни даде алатки за да може драматично да се подобриме, истакна Гејтс.

Гејтс има зборувано за заканата од напади со сипаници пред пандемијата со ковид-19. Во април 2017 година, тој во интервју рече дека „напредокот во биологијата направи да е полесно терористите да рекреираат сипаници“.

Кога размислувате за работите кои би можеле да предизвикаат прекумерна смртност од 10 милиони луѓе, дури ни нешто трагично како нуклеарно оружје не би допринело до тоа ниво. Така што, најголемиот ризик е од природна епидемија или од интернационално предизвикана инфекција предизвикана од биотероризам, вели тој.

Истата година, на безбедносна конференција во Минхен тој рече дека следната епидемија би можела да биде резултат на синтетичка верзија на сипаници или супер заразен вид грип.

Но, можноста за биотерористички напад од сипаници е дискутирана со години во бројни истражувачки документи, пред Гејтс да го спомене ова јавно.

Клучно е што Гејтс не споменува мајмунски сипаници специфично во неговите излагања, туку претежно зборува за заканата од биотероризам во хипотетички наратив.

Тој претходно предвиде дека координиран напад на сипаници може да предизвика десетици милиони смртни случаи, а досега, само мал број случаи на мајмунски сипаници се регистрирани ширум светот.

Како што може да прочитате на следниот линк, изворот на инфекцијата со мајмунски сипаници е засега непознат, според Светската здравствена организација. Биотерористички напад, каков што споменува Гејтс, за разлика од овие непознати причини за настанувањето на мајмунските сипаници, би бил многу полесен за детекција.

Поради сите горенаведени причини, оценуваме дека не е вистина дека Бил Гејтс низ годините неколку пати предупредил на појава на мајмунски сипаници. Неговото излагање  е извадено надвор од контекст, затоа што тој не зборува за конкретни напади или епидемии, туку за идни можни епидемии и како светот да се подготви за нив. Конкретно, тој споменува сипаници како можен патоген кој би можеле терористи да го симулираат, меѓутоа, не како нешто што реално би се случило, туку како хипотеза – што доколку терористи внесат сипаници на десет аеродроми, како светот ќе се справи со тоа? Не се работи за конкретните мајмунски сипаници, ниту пак Гејтс некако ги предвидел нив. Оттаму, постот го оценуваме како објава во која е испуштен контекстот.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција