Бит-пазар сè уште не стана модерен пазар

Само најави за модернизација на Бит-пазар Фото: mk.wikipedia.org

 

 

На 12 март 2013 година градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити вети  дека за три месеци  ќе почне да се гради модерен пазар  Бит-пазар.

Бит-пазар е многу значаен за цело Скопје, а посебно за Чаир. На влезот на Чаир е, има хаотична слика и долго работиме да се најде решение кое ќе биде најдобро и за тезгаџиите и за тие што купуват. При крај сме со усвојување на измените на деталниот план (Изет Меџити)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во почетокот на март 2013 година, за време на кампањата за локалните избори  кои се одржаа на 24 март 2013 година, градоначалникот на Општина Чаир, во тоа време кандидат за нов градоначалнички мандат, Изет Меџити,  како што пренесоа медиумите,  најави дека  ќе почне изградбата на новиот Бит-пазар од затворен тип. Ова ветување досега (04.04.2017) не е исполнето.

На 12 март 2013 година Општина Чаир, „Скопски пазар“ и Здружението на пазарџии го презентираа новиот проект за Бит- пазар вреден околу 10 милиони денари.  Според тоа што тогаш беше соопштено,  новиот модерен Бит-пазар ќе ги задржи традиционалните белези , ќе има приземно и надземно ниво, а ќе се простира на површина од 15.000 квадратни метри.

Проектот е од голема важност за општина Чаир, но и за цело Скопје. Моментално се привршуваат измените на ДУП-от за тој дел, по што ќе се пристапи кон реализација на проектот со кој ќе се решат проблемите на пазарџиите, купувачите и сите што циркулираат околу овој познат простор ( Изет Меџити)

На промоцијата на проектот директорот на инвеститорот „Скопски пазар“, Сашо Давитковски информираше дека  објектот ќе се изведува фазно, а дел од тезгите привремено ќе се дислоцират на друга локација за  да можат пазарџиите да работат не пречено.

Сепак, ваквите најави не се оставрија.

На 28 јули 2015 година , медиумите информирааа, дека Советот на Општина Чаир го усвоил  нацртот на Деталниот урбанистички план за Градски Четврт ЦС 02 Блок 4 за целосна реконструкција и надградба на Бит- пазар. Тогаш беше пренесена и изјава на градоначалникот Меџити во која тој вели:

Бит-пазар е еден од најголемите зелени пазари во земјава, каде егзистенција обезбедуваат голем број семејства. Со новиот нацрт-план, откако ќе ги помине сите процедури, ќе се зголеми бројот на тезгите, ќе се направи нов проект кој ќе обезбеди доволен број паркинг-места, со што новиот пазар ќе добие нов модерен изглед. Идејата е во новиот проект да се вклучат сите тезги кои сега се надвор од пазарот, со што ќе се отвори патот кон театарот и кон улицата 192, а ќе растовари и тротоарот до трговскиот центар „Мавровка“. Така ќе се отвори и просторот кон Старата скопска чаршија, со што ќе обезбедиме една нова урбана димензија. (Изет Меџити)

Од Општина Чаир тогаш (јули 2015)  најавија дека за овој проект ќе има јавна анкета и јавна презентација, на која сите заинтересирани физички и правни лица ќе можат да достават свои предлози и забелешки, кои потоа ќе ги разгледува стручна комисија и ќе бидат земени предвид во следните фази за развој на овој проект.

Во август 2015 година, според информациите пренесени во медиумите, градоначалникот на Чаир Изет Меџити и Екрем Долек од Здружението на пазарџии „Просперитет”,  објавија дека најголемиот пазар во земјава, Бит-пазар, ќе биде покриен со голем паркинг за 240 возила, кој ќе биде изграден на столбови. Истовремено, беше најавено дека  изградбата ќе започне во октомври и ќе трае една година, за кое време пазарот нема да биде затворен.

Но, и оваа најава за изградба на пазарот не се реализираше.

Во февруари  2016 година  АД „Скопски пазар“, како дел од својата инвестициска развојна програма за 2016г.,  најави ново идејно решение за целосна реконструкција на најголемиот пазар во Скопје. Според оваа најава,  градежните активности за изградба на новиот Бит-пазар  требаше да стартуваат  во средината на април (2016). Медиумите тогаш информираа дека

Општина Чаир во претстојниот период треба да го одобри предложениот проект, по што градските власти треба да дадат сопствено мислење. Со идејното решение за новиот Бит – пазар се обезбедува целосно покривање на пазарот, поставување на 1.000 нови тезги, целосно обновување на водоводната и канализационата инфраструктура, обезбедување на паркинг простор со капацитет од 230 возила и изградба на нов деловен простор со површина од 600 метри квадратни.

Меѓутоа и ова ветување не се исполни, а  прашањето повторно се актуелизира минатата недела – 28 март 2017 година, кога Комората на трговци итно побара да почне изградбата на објектот Бит-пазар, поради субстандардните и катастрофалните услови што владеат на најголемиот зелен пазар во Скопје. Претседателот на Комората на трговци која ги застапува зелените пазари, Екрем Долек, во изјава за медиумите кажа дека:

Градежната дозвола е готова и апелираме до инвеститорот Скопски пазар да почне да го гради објектот на Бит Пазар. Скопски пазар треба да почне со реализација на тоа што сме се договориле уште во 2010 година. Значи иницијативата и согласноста е постигната во 2010 година да се гради пазарот Бит Пазар, потоа Зелен пазар и да заврши со пазарот Буњаковец (Екрем Долек) 

Во врска со ваквото барање на трговците, „Дневник“ пренесе реакција од Скопски пазар , од каде одговорија  дека:

Техничките прашања се решени и нема пречки за изградба, меѓутоа со оглед на актуелната политичка состојба и севкупна тешка економска состојба, компанијата сè уште е во фаза на чекање за почнување на проектот. По избор на нова влада и расчистување на политичката неизвесност „Скопски пазар“ ќе почне со реализацијата на овој значаен проект.

Според проверка на факти, може да се констатира дека  веќе неколку години во повеќе наврати од страна на градоначалникот на Општина Чаир Изет Меџити и од инвеститорот  „Скопски пазар“, е дадено ветување дека во најскоро време ќе се започне со израдба на новиот објект Бит – пазар, но овој горлив проблем сè уште( 04.04.2017) не е решен, така што  ветувањето  го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Оцени: Александар Писарев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција