Благодарение на вакцините се искоренети опасни болести
Многу чести болести и заболувања во денешно време се превенирани со вакцинација. Најголем дел од доенчињата и малите деца во САД веќе не се разболуваат од дифтерија или голема кашлица поради вакцинацијата. Откако вакцините се воведени во Обединетото Кралство болести како сипаници, полио и тетанус, кои што убиваа или онеспособуваа милиони луѓе, или се искоренети или ретко може да се видат. Според СЗО двоумењето за вакцинација е најголемата закана за глобалното здравје
Многу чести болести и заболувања во денешно време се превенирани со вакцинација. Најголем дел од доенчињата и малите деца во САД веќе не се разболуваат од дифтерија или голема кашлица поради вакцинацијата. Откако вакцините се воведени во Обединетото Кралство болести како сипаници, полио и тетанус, кои што убиваа или онеспособуваа милиони луѓе, или се искоренети или ретко може да се видат. Според СЗО двоумењето за вакцинација е најголемата закана за глобалното здравје
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук насловена: „Вакцинална измама“ и во која се тврди дека вакцините не штитат од болести, туку го намалуваат имунитетот и наводно се направени заради богатeње на фармацевтската индустрија. Во објавата пишува:
Вакцинална ИзмамаДенес ќе напишам збор два Вистина која е базирана врз основа на официјално објавени податоци. Денес ќе пишувам за Фармацевтската индустрија, нејзиниот развој и нејзината иднина. Вие почитувани пријатели, прочитајте, размислете и делувајте секој спрема својот умствен капацитет.
1950 година, во Америка постојат 3 препорачани вакцини.1960 година, исто така три но обавезни вакцини.1970 година, во Америка посојат 10 обавезни вакцини.1980 година, во Америка постојат 20 обавезни вакцини.Да не се повторуваме, денес во Америка постојат 78 обавезни вакцини кои децата ги добиваат од првиот ден па се до нивната 18 година. Во блиска иднина затоа што веќе е одлучено, Америчките деца ќе примаат 256 дози на вакцини. Денес со вакцините се заработува 6 милијарди долари а кога ќе почнат да вакцинираат 256 дози тие ќе заработаат 60 милијарди долари.
Но ова е само почетокот. Така хемиски обработените деца во иднина ќе станат одличен перципиент на разни лекарства кои ќе ги добиваат заради разни заболувања предизвикани од намалување на имунитетот и нарушување на здравствената состојба воопштено. По некој пресметки фармацевската индустрија си искалкулирала добивка од над 1000 милијарди долари на годишно ниво. Пазете ова се работи само за Америка. А каде е Европа ??? Каде е останатиот свет???Следи логичното прашање. зарем треба нашите деца да примат 256 дози на хемикалии за да бидат здрави ??? Како до пред 1950 година нашите родители кои не примиле нитуедна вакцина денес се здрави и живи ??? Имаме ли алтернатива на вакцините ???Почитувани, Ние постоиме ради фармацевтската индустрија. Како ??? Така, лесно. Ако сме здрави, ќе нема потреба од вакцини, апчиња, терапии итн. Во интерес на фармацевтската индустрија е да сме ние што поболни, што понеинформирани, што поглупави. Ние сме едноставно принудени конзументи на нивните производи. Што е најлошо, не се нити трудиме да се разбудиме, информираме, заштитиме од сето она што влијае на кратење на нашиот живот за просек 50 години. Да да, добро ме прочитавте , 50 години ги фрламе заради нашата неукост, верба во науката и нашата заспаност. Бог ни дал 125 години рок на употреба односно живот за живеење, но за тоа нешто понатаму…Продолжува …
Барем од 15 век наваму, луѓето во различни делови од светот се обидувале да превенираат болести преку намерно изложување на здрави луѓе на сипаници – практика наречена „вариолација“ (според името вариола). Во 1940 година имало вакцини за дифтерија, тетанус, пертусис и сипаници кога се создале услови за нивна масовна продукција. Во 1950-тите била создадена и вакцината против полио (орална вакцина). Во 1963 е создадена вакцината против сипаници, во 1969 против рубела и сите тие биле препорачани, а не задолжителни. Значи во шеесеттите години во САД имало препорака за вакцини против дифтерија, тетанус, пертусис, мали сипаници, полио и МРП вакцина.
Во 2024 година многу чести болести и заболувања се превенирани со вакцинација. Најголем дел од доенчињата и малите деца во САД веќе не се разболуваат од дифтерија или голема кашлица поради вакцинацијата. Затоа вакцините се толку важни. Во Америка сите држави дозволуваат медицински исклучоци од вакцинација, а некои држави дозволуваат исклучоци поради религиозни или филозофски причини, според Центарот за контрола и превенција на болести.
Студиите покажуваат дека исклучоците од вакцинација имаат тенденција да се групираат географски, со што некои заедници се иложени на поголем ризик од епидемии, пишува на сајтот на Центарот за контрола и превенција од болести на САД.
Тоа што со текот на годините се имплементирани поголем број на вакцини во имунизациските календари за децата, овозможи да се искоренат болести и да се заштитат децата. Доказ за ова е, тоа што во сиромашните држави каде што ги нема овие вакцини за децата, сè уште има епидемии за болести што во САД се искоренети благодарение на имунизацијата.
Откако вакцините се воведени во Обединетото Кралство болести како сипаници, полио и тетанус, кои што убиваа или онеспособуваа милиони луѓе, или се искоренети или ретко може да се видат. Други болести, како дифтерија, се намалени на многу мал број на случаи секоја година, откако е воведена вакцинацијата и тоа за случаи кои се поврзани со патувања. Како и да е, ако луѓето престанат да се вакцинираат, можно е инфективните заболувања брзо повторно да се прошират. Според СЗО двоумењето за вакцинација е најголемата закана за глобалното здравје, пишува британската Национална здравствена агенција.
Оттаму додаваат дека ако 95 проценти од децата примат МРП вакцина ова би го спречило ширењето на сипаниците. Ама ако опфатот е под 90 проценти тогаш опасноста демне.
На сајтот на Центарот за контрола и превенција на болести на САД е објавен распоредот за имунизација на децата до 18 години и може да се погледне овде.
Токму тоа што на него се наведени поголем број на вакцини отколку што ги имало во четириесеттите години на минатиот век, претставува медицински напредок и причина поради којашто американските деца се заштитени од голем број на болести.
Во објавата, пак, се преви обид да се претстави развојот на вакцините како некоја голема теорија на заговор за богатење на фармацевтските компании и уништување на здравјето и животот на луѓето. Во тој дух во неа неточно се тврди дека вакцините го намалуваат имунитетот.
Бебињата се родени со имунолошки систем кој може да се бори со патогени ама има некои сериозни болести со кои тој не може да се справи. Затоа се потребни вакцини за да им се зајакне имунолошкиот систем. Овие болести во минатото убиваа многу бебиња, деца и возрасни. Но сега, со вакцините, вашите деца може да стекнат имунитет од овие билести без да мора да се разболат. А за некои вакцини, самата вакцинација може да им даде подобар имун одговор отколку заразувањето со болеста, пишува американската библиотека за здравство од каде што се посочува и тоа дека вакцините не го преоптоваруваат имунолошкиот систем на детето.
Секој ден имунолошкиот систем на здраво дете, успешно се бори со илјадници патогени. Кога вашето дете ќе се вакцинира, тие стануваат ослабнати или мртви патогени. Така што дури и ако прими повеќе вакцини во еден ден, тоа е мало изложување споредено со она кое се случува во природата.
Од распоредот се гледа дека од 0 до 15 месеци на децата во САД им се препорачуваат 27 дози вакцина.
Тие се обележани со жолто во распоредот.
Од 18 месеци до 18 години пак се препорачуваат 17 дози.
Во објавата се прашува како тие што не примиле ниедна вакцина пред 1950 се живи и здрави, а одговорот е едноставен – поради вакцинацијата што ја примале после тоа во животот која искорени епидемии и ги минимизираше на поединечни случаи.
Вакцините може да превенираат чести болести кои сериозно им наштетуваа, па дури и ги убиваа новороденчињата и возрасните. Без вакцини вашите деца се во ризик сериозно да се разболат, па дури и да умрат од детски болести како сипаници и магарешка кашлица. Секогаш е подобро да се превенира болест отколку да се третира кога таа ќе се случи. Вакцинацијата е безбедна и многу ефективна. Препорачаниот вакцинален календар е создаден согласно тоа кога за детето има веројатност да биде изложено на болести и која вакцина би била најефективна. Вакцините се тестирани за да се осигури дека може да се даваат безбедно и ефективно кај препорачаните возрасти, наведува Центарот за контрола и превенција на болести.
Не e точно дека вакцините го ослабуваат имунитетот. Фармацевтската индустрија во објавата се сатанизира како голем непријател на човештвото и се тврди дека „ако сме здрави ќе нема потреба од нивните вакцини, апчиња и терапии“. Но, фармацијата е создадена како последица на тоа што луѓето се разболуваат и тоа било така секогаш во историјата. Дополнително, во денешно време луѓето живеат подолго. Во 1900 просечно се очекувало бебе да живее 32 години. Во 2021 година просечната очекувана должина на животот е 71 година.
Фармацијата и вакцините имаат удел во тој факт дека животот на луѓето денеска е подолг отколку просечниот во 1900 година.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина оти развојот на фармацијата и зголемувањето на бројот на вакцините е на штета на животниот век и граѓаните, туку тие имаат голема улога во продолжувањето на животниот век. Да се примат повеќе вакцини одеднаш не е штетно и не го намалува имунитетот, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. Не пронајдовме ниеден извор каде се вели дека Америка планира 256 вакцини за децата. Календарот за имунизација во САД ги штити децата од болести коишто може да се смртоносни, а од кои во делови каде тие вакцини не се достапни – децата и ден денешен страдаат и умираат.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар