Бојкот на локалните избори не значи поништување на Преспанскиот и на договорoт со Бугарија
Дали ќе се излезе на гласање на локалните избори или тие ќе се бојкотираат како што се манипулира во објавата што ја рецензираме, воопшто нема ефект врз договорите со Грција и Бугарија, туку има ефект врз изборот на граѓаните за тоа кој ќе управува со општините во кои живеат и со процесите што се одвиваат на локално ниво.
Дали ќе се излезе на гласање на локалните избори или тие ќе се бојкотираат, како што се манипулира во објавата што ја рецензираме, воопшто нема ефект врз договорите со Грција и Бугарија, туку има ефект врз изборот на граѓаните за тоа кој ќе управува со општините во кои живеат и со процесите што се одвиваат на локално ниво
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Со бојкотот поништуваме и преспански и бугарски договор.
Не е точно наведеното во објавата дека со бојкотот (се мисли на претстојните локални избори кои ќе се одржат во Република Северна Македонија нa 19 октомври 2025 година) на некаков начин „ќе се поништи Преспанскиот и бугарскиот договор“. Локалните избори се распишани со цел да се избере локалната власт, поточно градоначалници и советници во 80 општини во државата и во градот Скопје.
Во кампањата на различните кандидати на изборите, воопшто не се споменуваат двата става наведени во објавата што ја рецензираме – поништување на Преспанскиот договор и поништување на бугарскиот договор (договор за добрососедство со Бугарија). Во кампањите за локалните избори кандидатите ги кажуваат своите решенија за поинакви аспекти од живеењето – локалната заедница, загадувањето на воздухот, јавниот превоз во Скопје, зеленилото, улиците, канализацијата, чистотата, состојбите во градинките кои се под надлежност на општините и урбанизацијата.
Дали ќе се излезе на гласање на локалните избори или тие ќе се бојкотираат, како што се манипулира во објавата што ја рецензираме, воопшто нема ефект врз договорите со Грција и Бугарија, туку има ефект врз изборот на граѓаните за тоа кој ќе управува со општините во кои живеат и со процесите што се одвиваат на локално ниво. Граѓанска должност и право е да се излезе на гласање и на таков начин да се избере локална власт со што поголема репрезентативност.
Имено, Преспанскиот договор е меѓународен договор потпишан од тогашните министри за надворешни работи на Грција и на Македонија – Никос Коѕијас и Никола Димитров, и посредникот на ООН за спорот со името на Македонија Метју Нимиц на 17 јуни 2018 година во селото Нивици на Преспанското Езеро, Егејска Македонија. Договорот ја раскинува Времената спогодба потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година. Според договорот, Република Македонија го промени своето официјално и уставно име во Република Северна Македонија ерга омнес (за севкупна употреба), а Грција го призна државјанството како македонско/граѓанин на Северна Македонија, се согласи да го именува јазикот како македонски и се обврза да не го попречува членството во меѓународните организации.
Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија е потпишан на 1 август 2017 година помеѓу премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов во Скопје.
Договорот е составен од 14 члена со кои се уредуваат економските и билатералните односи на двете земји, врз база на меѓународното право и добрососедство. Властите на двете земји се обврзуваат да создаваат неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за обезбедување на најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал, како и да ја зголемат туристичката соработка, да ги подобрат транспортните врски и комуникациите меѓу нив, вклучително во рамките на регионалните инфраструктурни проекти.
Двете држави во делот на културното наследство се обврзуваат со заемна согласност заеднички да чествуваат историски настани и личности. Во делот на соработката во област на културата, образованието, здравството, социјалната грижа и спортот, се предвидува во рок од три месеци од стапувањето на договорот на сила да се формира заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која врз база на историски докази ќе работи на подготвување на образовните содржини.
На 1 јули 2024 премиерот Христијан Мицкоски изјави дека според него, договорот со Бугарија може да се „репреговара“.
На тоа бугарскиот претседател Румен Радев одговори дека договорот мора да се почитува и спроведува, а не да се ревидира.
И коментарот на амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, беше дека нема преговори за договори што се веќе направени, а го тангираат напредокот на земјава кон ЕУ.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Не е вистина дека бојкот на локалните избори закажани во Северна Македонија би се „поништиле Преспанскиот и бугарскиот договор“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар