Бојкотот на маркетите е резултат и на трендот што го зафати регионот
Анализа на случувањата покажува дека тренд на незадоволство од високите цени во малопродажбата, посебно во маркетите, постои пошироко во регионот. Владите се справуваат очигледно повеќе неуспешно отколку успешно, а поради тоа трендот од незадоволство се претвори и во тренд на бојкот на маркетите. Тој беше проширен не од политички партии, иако кај нас дури и владејачката го поддржа, туку преку социјалните мрежи доби пошироко прифаќање од граѓаните, со што се претвори во своевиден феномен на граѓанскиот отпор
Анализа на случувањата покажува дека тренд на незадоволство од високите цени во малопродажбата, посебно во маркетите, постои пошироко во регионот. Владите се справуваат очигледно повеќе неуспешно отколку успешно, а поради тоа трендот од незадоволство се претвори и во тренд на бојкот на маркетите. Тој беше проширен не од политички партии, иако кај нас дури и владејачката го поддржа, туку преку социјалните мрежи доби пошироко прифаќање од граѓаните, со што се претвори во своевиден феномен на граѓанскиот отпор
Новиот генерален секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ во телевизиско интервју за 360 Степени на МРТ даде одговор на прашање во кој може да се детектира делумна вистина:
Со сите случувања коишто ги имаме во последниот период, не би рекол дека граѓаните не го препознаваат тоа. Прв пример е бојкотот на маркетите што се случуваше. Тоа е производ на лошите, грешните политики на ВМРО-ДПМНЕ во сите овие изминати месеци, со кои не успеа да ги стабилизира цените. СДСМ во целиот овој период нудеше конкретни решенија за намалување на цените, коишто арогантно беа одбивани од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Го гледаме сега резултатот, рече генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ во емисијата 360 степени.
[Извор: СДСМ/веб – Димитријевиќ/вест; датум – 03.02.2025]
Образложение:
Зборувајќи за осумте месеци во кои Владата на Христијан Мицкоски, според призмата на СДСМ е влада со најнеуспешен старт во сите области, генералниoт секретар на опозициската СДСМ, меѓу другото, сакаше да го презентира и бојкотот на големите маркети од минатиот петок како резултат на неуспешните политики на Владата, што е само делумна вистина.
Имено, точно е дека Владата сè уште не најде успешен механизам за стопирање на растот или намалување на цените во трговијата, пред сè на прехранбените и другите производи неопходни за домаќинствата. Oвој факт го признава и самиот премиер Мицкоски во неколку наврати. Тоа го призна и три дена пред бојкотот за кој како премиер прво изрази поддршка, но со внимателната формулација дека „има разбирање“ (на 28.01), а два дена подоцна на (30.01) и од собраниска говорница изрази разбирање и рече дека „легитимно право е да има граѓанска иницијатива за бојкот на маркети“. Но она што уште признава Мицкоски, е дека постојат различни оценки дали политиката на потрошувачки кошнички со производи што треба да бидат поевтини за дадени периоди пред големи празници дава или не дава резултати:
Дали дава резултати или не, тука имаме поделено мислење, некои велат дава резултати, некои дека не дава. Она кое ние го направивме, а е различно од претходните, седнавме и со производителите и со маркетите, разговаравме и утврдивме производи кои на доверба од страна на владата кон нив оставивме да биде дефинирана како листа ставена на располагање на граѓаните. Тоа е различно од она кое беше пракса во минатото кога се водеше политика на сила и политика на притисок.
Сепак, само два дена порано при првата поддршка на бојкотот со разбирање за истиот, Мицкоски изјави:
Јас имам лично разбирање за оваа акција на граѓаните и тука не треба да имаме никаква дилема бидејќи од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити. Институциите и Пазарниот инспекторат ја следат состојбата и навремено реагираат.
Оваа изјава на Мицкоски не е ништо друго туку признание дека политиката на Владата во однос на малопродожните цени во трговијата, особено кај големите марките е барем делумно неуспешна зашто зборува за поединци во бизнисот кои играат по свое. И во тој контекст, тоа е тој вистинит дел од изјавата на Димитријевиќ од СДСМ.
Сепак, бојкотот не е резултат на тоа или поточно не е резултат само на тие неуспешни политики на ВМРО-ДПМНЕ. Бојкотот е феномен на регионот и регионален тренд. Не треба да се заборави дека првиот бојкот на маркетите во Хрватска се одвиваше на 24.01.2025, а по вестите дека е успешен следуваше повик на социјалните мрежи во неколку држави од регионот на Балканот за следење на примерот и организирање бојкот на 31.01.2025 г. Во оваа вест тоа се потврдува:
Трендот што започна пред неколку денови во Хрватска, потоа и во Црна Гора, а имаше најава и во Босна и Херцеговина, продолжува и во Македонија, каде преку социјалните мрежи се праќа повик за бојкот на продавниците има и во нашата земја. Организаторите повикуваат граѓаните в петок 31 јануари 2025 година да се воздржат од купување и користење услуги на маркетите, со цел да испратат јасна порака до одговорните за оваа економска состојба.
По оваа следуваа проценки на успешноста, па резултатите од УЈП, па најава за втор бојкот во Хрватска, па зошто не успеал во БиХ, итн, итн.
Анализа на случувањата покажува дека тренд на незадоволство од високите цени во малопродажбата, посебно во маркетите, постои пошироко во регионот. Владите се справуваат очигледно повеќе неуспешно отколку успешно, а поради тоа трендот од незадоволство се претвори и во тренд на бојкот на маркетите. Тој беше проширен не од политички партии, иако кај нас дури и владејачката го поддржа, туку преку социјалните мрежи доби пошироко прифаќање од граѓаните, со што се претвори во своевиден феномен на граѓанскиот отпор.
Поради овие аргументи ставот на Димитријевиќ дека бојкотот се должи на лошите политики на ВМРО-ДПМНЕ кој не успеал да ги стабилизира цените е делумна вистина, зашто бојкотот очигледно е дело и на регионален тренд на граѓани потрошувачи кој се прошири во земјата.
Извори:
- (03.02.2025) СДСМ/веб-Димитријевиќ/вест – [Проверено на 04.02.2025]
- (23.01.2025) Тајм.мк – вести за бојкотот во Хрватска– [Проверено на 04.02.2025]
- (25.01.2025) Рацин.мк-Зошто успеа бојкотот…– [Проверено на 04.02.2025]
- (28.01.2025) Макфакс – Мицкоски/вест – [Проверено на 04.02.2025]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар