„Боко Харам“ изврши злосторства во Нигерија и против девојчиња и против момчиња – за сите е известувано
Далеку поголем од 78 е бројот на девојчиња на кои оваа радикална терористичка група им го има одземено правото на образование, а организациите за човекови права и медиумите известуваат и за машките ученици кои беа жртви на деструктивната идеја на организацијата да ги лиши од образование со насилство, тортура и радикализам, а не изостануваат ниту убивањата
Далеку поголем од 78 е бројот на девојчиња на кои оваа радикална терористичка група им го има одземено правото на образование, а организациите за човекови права и медиумите известуваат и за машките ученици кои беа жртви на деструктивната идеја на организацијата да ги лиши од образование со насилство, тортура и радикализам, а не изостануваат ниту убивањата
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
2011-та, американската јавност се занимаваше со #БокоХарам фундаменталистите што на 78 девојчиња од средно школо во Нигерија им забранија образование. #Фемињарите ја „молзеа” темата. Мишел Обама проповедаше.Вистината?Школото беше опколено. 78 девојчиња беа испратени дома ( избркани од школото ), 178 момчиња запалени живи внатре во школото.Никаде нема да чуете како на 178 момчиња им беше забрането образование зошто беа запалени живи во школото…Никој не ги спомна.Потоа дојде #MeToo движењето….
„Вистиномер“ не успеа да најде настан од 2011 година во кој радикалната терористичка група „Боко Харам“ (чие име во превод значи „западното образование е недозволено“) во Нигерија опколила средно училиште, 78 девојчиња испратила дома а запалила живи 178 момчиња внатре во училиштето. Постојат бројни документирани напади на „Боко Харам“ насочени против ученици, со различен документиран модус-операнди и цел да се сопре западното образование и да се присилат учениците да се откажат од училиште кое не е исламско, но еден настан каде 78 девојчиња биле испратени дома, а 178 момчиња внатре биле запалени живи не пронајдовме.
Иако таков конкретен настан не пронајдовме, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме – известувано и документирано е убивање на момчиња во училиштата. Далеку поголем од 78 е бројот на девојчиња на кои оваа радикална терористичка група им го има одземено правото на образование, а организациите за човекови права и медиумите известуваат и за машките ученици кои беа жртви на деструктивната идеја на организацијата да ги лиши од образование со насилство, тортура и радикализам, а не изостануваат ниту убивањата.
„Боко Харам“ специфично таргетираше машки ученици во средно училиште и постари – и за да ги спречи да одат на училиште и за да им се одмаздат за нивното активно учество во одговорот од безбедносните сили. Тактиките вклучувааат пукања, гранати и самоубиствени напади. Во март 2013 година „Боко Харам“ почна смртоносни напади на неколку училишта и градови. На 19 јуни девет ученици во училиштето „Ансарудин“ во Борно беа застрелани и убиени во нивните училници додека одговарале на тестови. „Боко Харам“ подоцна тврдеше дека нападите биле за да ги казнат зашто им помагале на владините војници против „Боко Харам“. Во Јобе машки ученици беа убиени во Даматуру, Гонири и Мамудо. На 12 јуни 2013 година убиени беа двајца наставници, 6 ученици и малолетниот син на наставничка во државното средно училиште „Даматуру“. Бунтовниците на 6 јули 2013 година опколија училишен хостел, фрлија рачни гранати во собите во кои спиеја тинејџери (машки деца) и убија двајца кои се обидоа да избегаат низ прозорец. 22 ученици и 1 наставник загинаа во овој напад. На 28 септември 2013 година 100 бунтовници влегоа во „Јобе државниот земјоделски колеџ“ и убија 42 машки студенти и професор, се наведува во описите на дел од нападите извршени од „Боко Харам“ објавени на сајтот на УНХЦР.
Тие се базираат на интервјуа со 215 лица, 99 професори, 31 ученик, 36 родители и 25 директори на училишта за нападите на „Боко Харам“ во периодот од 2009 до 2016. Како дел од методите на „Боко Харам“ издвоени се таргетирани убиства, самоубиствени напади, широкораспространети киднапирања, палење на училиштата. Некои од нив се еквивалентни на злосторства против човештвото и воени злосторства по својата суровост.
Мишел Обама на социјалната мрежа Твитер во 2014 година објави фотографија со хаштаг „вратете ги нашите девојчиња“, откако ноќта меѓу 14 и 15 април 2014 година, 276 девојчиња беа киднапирани од училиштето во Чибок од страна на Боко Харам. Нејзината објава не е од 2011 година како што се тврди во објавата што ја рецензираме. Оттогаш Амнести Интернешнал документираше барем 17 случаи на масовни киднапирања во кои најмалку 1.700 деца беа киднапирани од нивните училишта од вооружени лица и однесени во шуми каде во многу случаи биле сериозно малтретирани, некои и силувани.
Амнести Интернешнал доби и тврдења дека 20 од девојчињата киднапирани во Чибок биле принудени да се омажат за киднаперите. Тоа е спротивно на наведеното во објавата дека „биле пуштени дома“. Исто така, факт е дека дејствата на „Боко Харам“ се насочени против тоа „девојчињата да не бидат подложни на западно образование“. Момчињата исто така. „Вол Стрит Џрнал“ во август 2016 година известува за киднапирање на 10 илјади момчиња од страна на терористичката група во последните 3 години.
Откако Мишел Обама во мај 2014 година објави фотографија со поддршка на кампањата на социјалните мрежи за девојчињата да бидат вратени, глобалното внимание врз деструктивните и терористички активности што ги спроведува Боко Харам во Нигерија добија видливост и внимание, но тоа не значи дека претходно истото го немаше и не значи дека машките ученици не биле вклучени во информациите кои го обиколија светот за злосторствата вршени врз нив за да се отстранат од образовниот процес.
Движењето Me Too (И јас), е произлезено во сосема поинаков контекст – се фокусира на кревање на свеста за сексуалното вознемирување на работното место. Ова движење стана популарно во 2017 година по обвинувањата против Харви Епстин. Движењето има за цел да им даде глас на преживеаните, да воспостави одговорност и да промовира системски промени. Ова движење нема никаква врска, ни поврзаност, ни причинско-последичен однос со настаните во Нигерија поврзани со злосторствата на Боко Харам.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар