Болницата во Кавадарци сè уште без ветениот компјутерски томограф

Фото: Официјална ФБ страница на Општа болница Кавадарци

 

Ќе набавиме апарат за компјутерска томографија за општата болница во Кавадарци.

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 226 , датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) дека во привите шест месеци по доаѓањето на власт Општата болница во Кавадарци ќе добие апарат за компјутерска томографија, досега (02.11.2018),  не  е исполнето.

Ова изборно ветување на социјалдемократите  е посочено  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , во „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“,  во делот Здравство“  ( стр. 226).  Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата (првите шест месеци од мандатот), компјутерскиот томограф  за Општата болница во Кавадарци, требаше да биде набавен најдоцна до крајот на ноември 2017 година – со оглед на тоа што новата Влада на премиерот Зоран Заев беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, наспроти ваквите планови, иако е поминато  година и половина од промената на власта, тоа не се случи.

Засега од Министерството за здравство има само најава дека болницата во Кавадарци ќе добие ваков апарат. Според тоа што го соопшти министертот за здравство, Венко Филипче, на 18 јуни оваа година (2018) при посетата на кавадаречката болница, компјутерскиот томограф допрва треба да се набави.

Во информацијата од настанот што ја пренесоа медиумите , а беше објавена и на официјалната ФБ страница на „Општа болница Кавадарци“, беше соопштено дека:

 Министерот  средбата со менаџменотот на болницата и вработените најави дека до крајот на годината (2018)  компјутерскиот томограф ќе биде поставен во болницата во Кавадарци

Ние од Министерството отпочнуваме постапка за набавка на компјутерски томограф. Со тоа болницата ќе стане регионален центар кој што ќе пружи услуга за околу 70 илјади граѓани кои живеат во овој регион (Филипче)

Во соопштението од 18 август оваа година, во кое раководството на „Општа болница Кавадарци“ ја информира јавноста „за реализираните проекти во изминатата една година по преземањето на раководната позиција, но и за приоритетите за следниот период“, акцентот е ставен на подобрувањето на состојбите во гинеколошко-акушерското одделение и воопшто не се споменува компјутерскиот томограф. Нови информации околу набавката на овој апарат нема ниту на официјалната Фејсбук страница на „Општа болница Кавадарци“ , каде се објавуваат сите новости поврзани со болницата.

Па имајќи предвид дека рокот за исполнување на ова изборно ветување е поминат уште пред една година (ноември 2017), а во мометот кога е пишуван овој текст (02.11.2018), во болницата во Кавадарци сѐ уште нема комјутерски томограф, ветувањето го сметаме за неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција