„Бомбите“ открија: Решение за името се барало постојано и редица компромиси биле на маса

Преговорите за името -„најмистериозна“ бомба. Фото: pixabay

„Бомбата“ на опозицијата, која се однесува на преговорите за името е многу малку анализирана јавно и во медиумите. А, тоа најверојатно ќе остане така и во иднина зашто ретко кој сака јавно да зборува на оваа тема. Но, и самите прислушувани разговори нудат доволно информации барем да се насети што сè правело македонското раководство на овој план.

 

 

„Бомбата“ на опозицијата, која се однесува на преговорите за името е многу малку анализирана јавно и во медиумите. А, тоа најверојатно ќе остане така и во иднина зашто ретко кој сака јавно да зборува на оваа тема. Но, и самите прислушувани разговори нудат доволно информации барем да се насети што сè правело македонското раководство на овој план.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Проблемот околу спорот со Грција за името на државата е никогаш незавршена тема. Дека најверојатно постоеле и разни обиди за доближување на ставовите помеѓу двете држави покажаа и таканаречените „бомби“, кои минатата година ги лансираше опозицијата.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 16.05.2015 година, во таканарачената „бомба“ под број 33, тврдеше дека тогашниот премиер Никола Груевски, води тајни преговори, без знаење на граѓаните во Македонија за промена на името на државата.

Ова се конкретни и јасни докази за класични UDNERGROUND, подземни пазарења во коишто е инволвиран Никола Груевски, со underground посредници од негова доверба во Македонија и посредници од негова доверба од нашиот јужен сосед Грција – изјави тогаш Заев.

 

„БОМБАТА“ ГИ ОТКРИ ТАЈНИТЕ

Во таа „бомба“ беше објавен разговор помеѓу Антонио Милошоски, Никола Груевски, а преку конференциска врска се вмешува и Сашо Мијалков, поранешен прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Во разговорот јасно се гледа дека се разговара за некој предлог за името и покрај обидите на власта да ги демантира објавите нарекувајќи ги лепени, сечени и монтирани.

Антониот Милошовски во разговор со тогашниот премиер Никола Груевски, во еден од разговорите, кои ги објави Заев, вели дека „да се остави заградата, значи да си постои, тие внатре нека одберат нешто што би стоело, да не биде сé и сешто, ама ете, од нешто што го имаме слушнато досега, а ние пред, напред ваму, најнапред ние да додадеме нешто што ќе биде со политичка конотација“

За попрецизно дообјаснување подоцна тој додава дека „ќе има политичка референца – Независна Република Македонија, или некаква, а за нив па, приказната ќе може да биде дека сериозно е променето името, иако географската, на која што тие инсистираат, стои во заграда, сепак додадени се две придавки и со тоа покажуваме јасно дека сме успеале во нешто што сизифовски труд вложуваме, а не успеваме 20 години“.

Во разговорот се слуша како тие разговараат за конкретен предлог – Независна Република Македонија (Горна).

М: Нема да има short name. Ние ќе им кажеме дека во официјалните називи, може тоа да биде и дел од Спогодбата, дека секаде Македонија ќе оди со единственото, официјално име. Нема да има short name како Macedonia или незнам што.
СМ: На пример, Независна Република. Друго што би можело? Демократска Република?
АМ: Независна, демократска, суверена може да биде. Мислам тие три вака се, горе долу.
СМ: Пред Република?
АМ: Па, пред Република да биде, да. Независна Република Македонија во заграда, сега зборам нај, најдиректно, во заграда горна, независна или суверена Република Македонија, во заграда северна или…Значи ние во случај официјалната компонента, онаа најважната, суштинската од името, нема нас да ни донесе ризици, ќе си го сочуваме Република Македонија со нешто еве, условно речено оплеменето со Независна или со нешто друго, географската нивна ќе стои, во заграда, а тие дома, бидејќи Јорго тоа не може да го помине само во заграда, ќе рече луѓе не можевме ништо повеќе останува Република Македонија во заграда Горна. Ќе рече да, тешко беше, но не е само заградата каде што ние имаме некаква референца, туку дополнително издејствувавме да има уште една одредница и стигнавме до компромис да има и политичка, која прави сепак и одредена политичка дистинкција. Ние сме сепак независна и суверена држава и прави одредена политичка дистинкција и има уште една компонента која е географска и ја прави дистинкцијата на којашто тие инсистираат. Значи, сложено име, посложено здравје, ќе може некако да го продаде кај своите дома.
АМ: Не не, добро, и за референдумот поаѓаме од основ што е тоа за нас прифатливо или неприфатливо. Значи, ако јас имам два избори: едната да биде Горна Република Македонија или на англиски Апер Репаблик оф Маседониа, и втората да биде Индипендент Рипаблик од Маседониа во заграда Апер, јас како Македонец, гледано вака долгорочно би одел на втората.
НГ: Во заграда ВАРДАР?
АМ: Или да, или во заграда Вардар, да. Кога би бирал помеѓу Вардар Рипаблик оф Маседониа и Апер Рипаблик оф Маседониа како едно име, без загради и без ништо друго, или Индипенден Р.М во заграда Вардар или во заграда Горна, јас би ја одбрал ова опција со заградата. Затоа што заградата, сакале тие или не сакале, со тек на време ќе си отпадне и ќе си остане Индипендент Р.М. Е сега проблемот е што, краткорочно, кога на луѓево ќе им го понудиме на референдум ќе речат добро што е сега ова, вие за една референца зборувавте, а сега како Обединети нации 5-6 додавки и придавки. Посложено ќе испадне од привременава што ја имаме сега. Ама ако се гледа долгорочно напред, за 5-10 години, заградата си отпаѓа и си останува тоа што ке биде – Независна, Суверена или нешто слично.

 

НЕЗАВИСНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Предлогот Независна Република Македонија низ политичките кулоари се споменува уште во февруари 2008 година како нов предлог на медијаторот на ОН, Метју Нимиц. Тогаш провладиниот весник „Вечер“ пишуваше дека Демократска Република Македонија, Уставна Република Македонија, Независна Република Македонија и Република Горна Македонија, се варијантите за ново име кои посредникот на ООН, Метју Нимиц им ги предложил на грчката и на македонската страна

„Нова Македонија“, според тогашните информации на весникот, не била меѓу петте варијанти за име на земјава.

За македонскиот државен врв прифатливи се Демократска Република Македонија или Независна Република Македонија, кои не влијаат на националниот суверенитет и идентитет на земјава. Воедно, со овие два предлога нема да дојде до каква било промена на Уставот и името во истиот. За другите предлози не се разговара, напиша тогаш весникот.

Ова е брутално грд предлог вели поранешниот министер за надворешни работи на Македонија, Денко Малески, за „Вистиномер“.

Според него, целата работа со лицитација на можни имиња е несериозна.

Политичарите само им го уриваат достоинството на граѓаните со предлози за можни решенија. Ако некогаш мораме да направиме компромис, имајќи ги предвид интересите на државата, тоа мора да биде процес на помирување помеѓу грчкиот и македонскиот народ. Една граница во случајов дели два идентитета. Преговорите секогаш биле манупулација за да се добие на патриотизмот во даден момент – вели Малески.

Тој потсети дека во 1991 година заедно со првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, имале предлог Република Макеоднија (Скопје) додека не се изнајде вистинско решение, но како што вели предлогот бил дочекан на нож.

Овој предлог го базирав врз основа на мировниот договор помеѓу Германија и Полска за помирување на два народи кои имаат аспирации едни кон други. Од еден ваков договор сакавме да изведеме поволно решение, но предлогот беше дочекан многу лошо – вели Малески.

Професорот Љубомир Фрчковски, пак, вели дека тој што си го смислил тоа нека си го реши овој проблем.

Тие што разговарале треба целосно сами да се остават да го решат овој проблем. Ќе видиме каков ќе биде предлогот кога ќе стигне во Собрание – вели Фрчковски за „Вистиномер“.

 

ТАЈНИ ПРЕГОВАРАЧИ

Како што тогаш обвини Заев, официјални преговарачи на Македонија во Обединетите нации, не биле Никола Димитров или Зоран Јолевски.

Според него „за уставното име на Република Македонија под маса, во тајни простории, преговарал познатиот бизнис партнер од Грција на Никола Груевски, Емануел Малелис, познат како Маноли.

Како потврда на тоа дека владата на ВМРО-ДПМНЕ постојано преговара за името, но во тајност, се вклопува и изјавата на Лазар Еленовски, поранешен министер за одбрана во владата на Груевски. Имено СДСМ во мај 2008 година објави видеоматеријал, од партиски состанок на НСДП, од 30 април 2008 година, каде Еленовски тврди дека премиерот Никола Груевски во Букурешт (самит на НАТО) отишол со предлогот Република Македонија – Скопје.

Со наслов: „Тајни поштари за името помеѓу Скопје и Атина“, весникот Дневник на 8 април 2011 година, повикувајќи се на грчкиот весник „Македонија“, објави дека во паралелниот преговарачки процес, кој е целосно развиен во тајност грчката страна ја претставува А.Р. – советник на грчкиот премиер, кој му дава инструкции на посредникот М.М. Веста поконкретно ја пренесе српскиот весник Блиц кој со имиња и презимиња ги откри идентите на преговарачите за името.

Оваа тема од кога се појави во прислушуваните разговори многу малку се анализираше низ медиумите. „Вистиномер“ побара ставови од повеќе познавачи на состојбите, кои критички ја опсервираат власта, но и на наше чудење одбија да разговараат за ова прашање. Сакавме да дознаеме:

  • што мислат и аналитичарите и експертите за името Независна Република Македонија (Горна),
  • каков е нивниот став дека последниот збор во загради „Горна“ ќе отпаднел „со тек на време“ (како ќе отпадне ако влезе во официјални документи?),
  • сакавме да знаеме дали ова е вообичаен начин на дискутирање на оваа тема (што барал Мијалков во овој телефонски разговор, на пример),
  • потоа, сакавме да чуеме мислење колку навистина земјава била блиску до референдум за името, кој во разговорот на едно место e спомнат од Груевски
  • и дали пропагандата би можела да го смени расположението на јавноста (особено кај членството и симпатизерите на вМРО-ДПМНЕ) и да направи таквиот референдум да успее со оглед на бројните претходни изјави на претставници на власта дека името нема да се менува и слично,

но наидовме или на многу мало расположение или дури и на одбивање да се расправа за оваа тема, иако баравме само мислења, а не нови информации.

Сепак, „бомбите“ открија дека за вакво чувствително прашање се преговарало и тоа во време кога се мислеше дека преговорите или не се одвиваат или се закочени, потоа дека се разговарало и во четири очи, и со посредници и којзнае уште како се не. Во оптек биле повеќе имиња, кои тогашниот премиер, Никола Груевски, секогаш ги отфрлаше како шпекулација. Она што можеби е најважно, тоа е фактот дека македонската власт била подготвена на компромис и прифаќање на компромисно име, како и дека прашањето било кое компромисно име да се прифати. Сето ова за разлика од бројните јавни настапи дека името нема да се менува и дека по ова прашање нема попуштање.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција