„Борба против сатанизмот“: Kако рускиот наратив за духовна војна се шири на социјалните мрежи

Илустрација:Вистиномер.мк

Наративот за „борба против сатанизмот“ е пример како политичките пораки можат да го искористат религиозниот и моралистички јазик за да добијат поголема емоционална сила. Наместо проверливи аргументи, тој нуди едноставна слика на светот во која едната страна е претставена како заштитник на доброто, а другата како извор на злото.

Наративот за „борба против сатанизмот“ е пример како политичките пораки можат да го искористат религиозниот и моралистички јазик за да добијат поголема емоционална сила. Наместо проверливи аргументи, тој нуди едноставна слика на светот во која едната страна е претставена како заштитник на доброто, а другата како извор на злото

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Македонските корисници на социјалните мрежи споделуваат содржини во кои руската инвазија врз Украина не се претставува само како воен или политички конфликт, туку како дел од наводна поширока „духовна битка“. Во овие пораки Русија се прикажува како заштитник на традиционалните и христијанските вредности, додека западните земји и Украина се претставуваат како дел од морална и духовна закана поврзана со поимот „сатанизам“.

Овој тип на пораки не се изолирани појави, туку се вклопуваат во поширокиот модел на про-Кремљ наративи кои се анализирани од организации што следат дезинформации. Европската служба за надворешно дејствување (EEAS) наведува дека руските државни и про-Кремљ актери користат различни канали – државни медиуми, социјални мрежи, посредници и други комуникациски мрежи – за ширење на информациски манипулации и влијание.

Од политички конфликт до „борба меѓу добро и зло“

Еден од главните елементи на овој наратив е претставувањето на војната како морална и духовна пресметка, наместо како политички и воен конфликт меѓу држави.

Сајтот EUvsDisinfo, проект на EEAS за следење на руски дезинформации, има документирано случаи во кои се тврди дека Русија води борба против „глобалниот сатанизам“. Во анализата се наведува дека ова е повторлив дезинформациски наратив во кој Русија се претставува како заштитник на „загрозени вредности“, додека Западот и Украина се прикажуваат како морална закана.

Во оваа рамка, конфликтот не се објаснува преку конкретни политички одлуки или меѓународни односи, туку преку поделба на светот на „добро“ и „зло“. Таквиот начин на комуникација овозможува противникот да не биде претставен како политички субјект со различни интереси, туку како закана што мора да биде поразена.

Религиозниот речник како политичка алатка

Во овој контекст не станува збор за анализа на верските убедувања на граѓаните, туку за начинот на кој религиозните поими се користат како политички симболи.

Термини како „сатанизам“, „духовен пад“ или „борба за спас на цивилизацијата“ имаат силен емоционален ефект затоа што создаваат чувство дека општеството се соочува со егзистенцијална опасност.

EUvsDisinfo анализира и други случаи во кои се шири идејата дека Западот е под влијание на „сатански“ сили и дека Русија има улога на бранител на традиционалните вредности. Според анализата, ваквите пораки се користат за демонизирање на противникот и за оправдување на руската политика кон Украина.

Истражувањата за руската употреба на концептот „традиционални вредности“ покажуваат дека оваа тема е дел од поширока стратегија за градење политички идентитет: Русија се претставува како чувар на моралниот поредок, додека либералните демократии се прикажуваат како општества кои ги изгубиле своите вредности.

Како наративот стигнува до македонските корисници на социјалните мрежи

Фејсбук објавите и видеата што циркулираат во дигиталниот простор покажуваат дека дел од овие пораки се пренесуваат преку локални профили и страници, често без дополнителен контекст или проверка на изворите.

Во нив најчесто се повторуваат неколку мотиви:

  • Западот се претставува како морално деградиран или духовно загрозен;

  • Русија се прикажува како заштитник на традиционалните вредности;

  • политичките конфликти се претвораат во цивилизациски судири;

  • противниците се опишуваат како закана, а не како политички актери.

Така една објава вели:

Ако Русија не го победи “закрепнатиот фашизам”, светот ќе се соочи со невиден тоталитаризам и сатанизам👹 Буквално ќе нема слобода никаде и никогаш!!!

Но, не се сомневам во Божјата промисла,бидејќи многу скапо сме платени ‼️ Слава Му на Бога. Господи,чувај го Православието и сите добри луѓе од канџите на Сатаната.

Друга објава посочува:

Да повториме! Цела закачка со Русија, е црквата! Најголема Христијанска Православна земја. Падне ли она паѓе се! Завладејаве блудничава вера насекаде! А католици? Сатанизам до срж,сиљување деца во ватикан до безсвест. Продавање органи,трговија со деца, сатански ритуали баш во црквата!

Ваквите пораки се ефикасни затоа што се потпираат на емоции – страв, чувство на загрозен идентитет и потреба за јасно дефиниран непријател.

Наративот не се темели на докази, туку на пропагандна рамка

Не постојат докази дека Русија се соочува со реална организирана „сатанистичка закана“ од Украина или од Западот. Во овој контекст, „сатанизмот“ функционира како политичка етикета која има цел да го претстави противникот како апсолутно зло.

Анализа на Atlantic Council посочува дека руската политичка комуникација користела различни оправдувачки рамки за војната, при што со текот на времето се менувале описите на наводниот непријател – од геополитички закани до морални и духовни обвинувања.

Европската Унија го опишува овој поширок феномен како странско информациско влијание и манипулација (FIMI), каде целта не е само ширење поединечни невистини, туку создавање поделби, недоверба и поларизација во општествата.

Наративот за „борба против сатанизмот“ е пример како политичките пораки можат да се облечат во религиозен и морален јазик за да добијат поголема емоционална сила. Наместо проверливи аргументи, тој нуди едноставна слика на светот во која едната страна е претставена како заштитник на доброто, а другата како извор на злото.

Анализата на овие пораки не значи оценување на верата или религиозните ставови на луѓето, туку проверка на начинот на кој религиозните симболи се користат за политички цели. Токму затоа, при вакви содржини најважно е да се разгледа нивното потекло, контекстот и целта што ја имаат во јавната комуникација.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција