Борбата против Ковид-19, преглед на меѓународните донации и косовскиот дискурс

Помина речиси еден месец откако во Косово се појавија првите случаи на вирусот Ковид-19, а покрај внатрешната мобилизација за да се спречи ширењето, започна и меѓународната поддршка во медицински средства и пари.

Немајќи големи буџетски и здравствени капацитети за справување со инвазијата на смртоносниот вирус, косовските официјални претставници ја поздравија помошта од Европската Унија, САД, разните меѓународни организации и други земји.

Ваквата помош Владата на Косово ги нарече помош за имунизација на здравствениот систем пред критичните седмици што се очекуваат. Сепак, не недостасуваа ниту дебатите околу тоа кој најмногу му помогна на Косово и дали имало дискриминација во однос на соседните земји околу добиената помош. Лидерите и разните институции ѝ дадоа различен третман и публицитет на укажаната помош.

Помош од ЕУ, САД и од пошироко

На косовската влада ѝ беше понудена различна странска помош, но базата на податоци која содржи бројки за тоа кој донирал и што е донирано, сè уште не е објавена.

Портпаролот на Владата на Косово рече дека информациите за помошта треба да се побараат во редовните официјални соопштенија што се објавуваат на веб-страницата на Министерството за здравство.

Сепак, тие податоци се расфрлани и не се структурирани. Исто така, во официјалните соопштенија честопати не се назначени видот или висината на донацијата, туку само се споменува државата или донаторската организација.

Во својот одговор, Криезиу спомена некои од овие донации.

„ …Комплетирање на лабораторијата за молекуларна микробиологија во Клиниката за инфективни болести со помош на италијанската влада, потоа помош на други држави, поддршка со донации од агенции за професионална заштита на ООН (ЕПП), поддршка од ЕУ со 5 милиони евра за првата фаза на управување со пандемијата „Ковид-19“, донации од 3,6 тони од УНИЦЕФ, помош од владите на Швајцарија; Норвешка и скорешната донација од Република Турција, итн “, се вели во неговиот одговор.

ЕУР 5 милиони евра како итна помош од здравствените фондови
САД 1,1 милиони евра
УНИЦЕФ 3,6 тони донации
Швајцарија 500.000 франци
Норвешка Околу 500.000 евра
Турција Медицински средства
Италија Комплетирање на лабораторијата на Клиниката за инфективни болести

 

Критика и пофалби за донаторите

На 30 март годинава, Косово го потпиша првиот договор за донација од ЕУ за борбата против Ковид-19, вреден 5 милиони евра. Како што беше речено, оваа донација е доделена за итните и непосредни потреби на косовскиот здравствен систем.

Истовремено, покрај оваа сума, канцеларијата на ЕУ во Косово објави дека издвоила 68 милиони евра за Косово. Според кажаното, 50 милиони евра ќе бидат наменети за економијата сектор и 13 милиони евра за буџетот на Косово.

Неколку дена пред тоа, ЕУ издвои 7,5 милиони евра за Србија, потег што предизвика реакции. Првично, поранешниот министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, го нарече двоен стандард дискурсот на ЕУ во однос на помошта за Косово и Србија.

Потоа реагираше и Артан Бехрами, советник на претседателот на Косово, Хашим Тачи. Тој напиша дека ЕУ има повеќе дела за Србија и повеќе празни ветувања за Косово.

„Сé што нуди амбасадорката на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, се пофалби за Министерството за здравство. Арбен Витија е несомнено најдобриот министер во кабинетот на Курти. Но, амбасадори, потребна ни е и поддршка со медицинска опрема. Таа им е потреба на здравствениот персонал и на тимовите кои директно се борат со оваа пандемија; ним им е потребна заштитна опрема, затоа поддржувајте го Косово исто колку и Србија. Со дела, а не со зборови “, напиша Бехрами.

Како и да е, добивањето 5 милиони донација од ЕУ беше добро прифатено од владата, која организираше прес-конференција за овој настан.

Прес-конференција беше организирана уште за еден донатор на Косово. На 8 април во Косово, на аеродромот во Приштина, се одржа официјален прием на контингентот помош што доаѓаше од Турција. Косовската влада не ја објави точната вредност на оваа помош.

За помошта во медицинска опрема од Турција благодарност изрази и претседателот Хашим Тачи, кој, пак, не се заблагодари за другите донации.

„Ова е прва странска помош што стигна во Косово. Благодарни сме на претседателот Ердоган, на државата Турција и на турскиот народ, кои ни помагаат и во ова тешко време, што заедно ќе го надминеме “, напиша Тачи на Фејсбук.

Во меѓувреме, Косово изрази подготвеност да ѝ помогне на Италија со медицински персонал.

Дорунтина Балиу  Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција