Босански портал измислил и апсење на министер и медиум што ја објавил „веста“

Типичен пример на лажна вест пронајде босанскиот сервис за борба против дезинформациите и за проверка на фактите, raskrinkavanje.ba. Имено, станува збор за целосна измислица дека е уапсен министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Фахрудин Радончиќ, а згора на тоа порталот што ја објавил „веста“ целосно го измислил и медиумот што бил посочен како извор на веста.

Како што пишува raskrinkavanje.ba, анонимниот портал „Originalno“ на 2 јануари годинава објавил вест со наслов кој зборува дека бил уапсен министерот за безбедност на БиХ и претседател на „Сојуз за подобра иднина“. Насловот на веста бил „Денеска во СА уапсен Фахро, причината е затајување данок“.

На фејсбук-страницата на „Originalno“ пак била споделена вест со друг наслов, имено „Денеска во Сараево е уапсен Фахрудин Радончиќ, гледајте ја снимката од апсењето (ВИДЕО)“.

Во текстот под наведениот наслов, пак, има само две реченици „За Вас денеска подготвивме една шокантна снимка на апсење на познат политичар. Како што наведува „BH list“, тој е уапсен поради затајување данок и примање мито. Ова е скандал што ја тресе државата, гледајте ја снимката од апсењето“.

Босанскиот сервис за борба против дезинформациите и за проверка на фактите, raskrinkavanje.ba се обидел да го пронајде посочениот „BH list“ и утврдил дека не постои медиум со такво име, ниту пак дека текстот објавен на „Originalno“ не бил објавен на ниту еден друг портал.

Дополнително, на видеото што треба да претставува снимка од апсењето не се распознава речиси ништо, квалитетот и резолуцијата се многу ниски, а единствено што може да се заклучи е дека е снимано во природа, како и дека не е снимено во Босна и Херцеговина, односно не е она за што се претставува.

Од утврденото јасно е дека веста е целосно измислена, со намера преку шокантниот наслов да се привлечат што е можно повеќе посети, односно е кликбејт.

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција