Бошковски им веруваше на своите кои го ставија во затвор

Љубе Бошковски. Фото: Википедија

 

 

На Бошковски во јуни му истекува петгодишната затворска казна за случајот „Кампања“, обвинет за наводно незаконско финансирање на предизборната кампања. Индициите дека се работи за наместен случај се подгреаа и со таканаречените „бомби“, во кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев објавуваше прислушувани разговори помеѓу високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Кога дефинитивно стана јасно дека Љубе Бошковски нема да биде ослободен се до целосно одложување на затворската казна, тој малку падна психолошки, но ќе издржи силен е, вели за „Вистиномер“, Виолета Бошковска, сопруга на претседателот на политичката партија „Обединети за Македонија“.

На Бошковски во јуни му истекува петгодишната затворска казна за случајот „Кампања“, обвинет за наводно незаконско финансирање на предизборната кампања. Индициите дека се работи за наместен случај се подгреjаа и со таканаречените „бомби“, во кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев, објавуваше прислушувани разговори меѓу високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. По објавањето на третата „бомба“, во кои се слуша разговор на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и главниот и одговорен уредник на „Сител“ телевизија, Драган Павловиќ-Латас, СДСМ на 3.03.2015 година поднесе кривична пријава  против Сашо Мијалков и НН лица од Министерството за внатреши работи (МВР) за прекршување на правила и прописи при апсењето на Љубе Бошкоски.

 

КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ОД СДСМ

Во кривичната пријава поднесена од СДСМ е наведено дека во текот на месец јуни 2011 година, како службено лице директорот на ДБК при МВР на РМ, спротивно на Законот за полиција, Законот за кривична постапка, Правилникот за начинот на вршење на полициски работи со умисла поттикнал НН овластени службени лица, вработени во МВР на Р. Македонија, да го малтретираат, да предизвикаат тешко телесно и душевно страдање кај оштетениот Љубе Бошковски, а заради негова дискриминација по основ на поинаква политичка определба, на начин што организирал и наредил незаконита постапка за лишување од слобода, по шо НН овластени служени лица, вработени во МВР, на 06.06.2011 година со умисла го спровеле незаконитото лишување од слобода, во тек на кое незаконито лишување од слобода оштетениот Љубе Бошковски бил малтретиран, изложен на сурово, нечовечко и понижувачко постапување со тоа што без потреба бил удиран д НН овластени службени лица, по што НН овластено службено лице со прекар „Пуки“ на оштетениот Љубе Бошковски без никаква потреба му ставило службено оружје-пиштол во устата со цел кај него дополнително да предизвика чувство на страв и пониженост.

  • Документ: КРИВИЧНА ПРИЈАВА, Подносител Социјалдемократски сојуз на Македонија, ул. Бихачка бр. 8, Скопје, против: 1. Сашо Мијалков – Директор на Управата за државна безбедност и контраразузнување приМВР на РМ, 2. НН лица вработени во МВР на РМ (три страници – кликнете на страниците за преглед)

str001-001

str001-002

str001-003

 

 

 

 

 

 

 

 

Со гореопишаните дејствија, стои во пријавата, првопријавените Сашо Мијалков сторил едно кривично дело Мачење и друго сурово, нечовечно и понижувачко постапување и казнување од чл. 142 ст.1 в.в. со чл. 23 од КЗ на Р. Македонија и едно кривични дело Малтретирање во вршење на службата од чл.143 в.в. со чл.23 од КЗ на Р. Македонија, а НН овластени службени лица, вработени во МВР на РМ сториле и едно кривично дело Мачење и друго сурово, нечовечно и понижувачко постапување и казнување од чл.142 ст.1 в.в. со чл. 22 од КЗ на Р. Македонија и едн кривично дело Малтретирање во вршење на службата од чл. 143 в.в со чл.22 од КЗ на Р. Македонија.

Во Кривичниот Законик на Република Македонија на кој се повикува СДСМ во делот:

Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување

Член 142 е наведено:

(1)Тој што во вршењето на службата, како и тој што наведен од службено лице или врз основа на негова согласност, ќе употреби сила, закана иди друго недопуштено средство или недопуштен начин со намера да изнуди признание или некоја друга изјава од обвинетиот, сведокот, вештакот или друго лице, или ќе предизвика кај друг тешко телесно или душевно страдање за да го казни за кривично дело што го сторило или за што е осомничен тој или друго лице, или за да го заплаши или да го присили на откажување од некое негово право, или ќе предизвика такво страдање поради каков било облик на дискриминација, ќе се казни со затвор од три до осум години.

(2) Ако поради делото од став 1 настапи тешка телесна повреда или други особено тешки последици за оштетениот, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години.

Во делот од Законот насловен како: Малтретирање во вршење на службата

Член 143 предвидува:

 Тој што во вршењето на службата малтретира друг, го застрашува, го навредува или воопшто спрема него постапува на начин со кој се понижува човечкото достоинство и човековата личност, ќе се казни со затвор од една до пет години

Разговорите кои ги објави Заев на 20.02.2015 година во тнр. трета „бомба“, наводно се водат помеѓу тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на премиерот Никола Груевски, Мартин Протоѓер, уредникот на телевизија „Сител“ Драган Павловиќ – Латас и сопственикот на „Канал 5“ телевизија, Емил Стојменов.

Овие разговори се однесуваат на периодот од 2011 година, за време на вонредните парламентарни избори, кога Бошкоски беше уапсен за незаконско финансирање политичка кампања, еден ден по изборите, поточно на 6 јуни 2011 година.

Во еден од разговорите, кој, според лидерот на СДСМ, се случува на денот на изборите, на 5 јуни 2011 година, гласот за кој Заев вели дека е на директорот на УБК, Сашо Мијалков, му најавува на Павловиќ–Латас дека ќе има новости.

Утре ќе правиме муабет и ќе ти кажам, ова што сум ти го кажал сега на што сум мислел – вели тој.

Другиот разговор, кој, според СДСМ, се одвива меѓу Мијалков и уредникот на „Сител“, е на денот по изборите, кога се случи апсењето на Бошковски пред ресторанот „Воденица“.

Лежеше таму едно пола саат на стомак, врзан со лисици. Дојдоа новинари го испосликаа, лом го направија, вриштел: Сашо Мијалков ме намести и солзи течеле – му зборува Мијалков на Латас и додава „осум години ќе му биде за ова, да знаеш“.

За овој случај, наречен „Кампања“, Бошковски беше првично осуден на 7 години затвор. Апелацискиот суд ја намали казната на 5 години, а Врховниот суд ја потврди петгодишната затворска казна за незаконско финансирање на изборната кампања. Поранешниот министер за внатрешни работи е осуден и на 10 и пол години затвор за случајот „Ровер“, во кој обвинетите се товареа за двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев, што се случи во 2001 година, но процесот од повисока судска инстанца е вратен на повторно судење.

Во еден од објавените разговори, гласот за кој СДСМ тврди дека е на сопственикот на „Канал 5“, Емил Стојменов, му честита на Мијалков за апсењето.

ЕС: Не друже алал нека ти е ова за денеска. Јас се изненадив, ја не верував. Ја знам дека мене ми кажа ти, ама јас мислев дека од среда, од среќен ден. Ама ти од денеска, ептен онака.

СМ: Не, не, ја реков од понеделник почињам и нема. И тоа почнав од тој највака што е вака нај, најубав за апсење.

ЕС: Од фраерот, најубав да.

СМ: Од лепотанот.

ЕС: Од лепотанот, Шевенинген нека го види сега во Скопје, мамицата глупа.

СМ: Прати камери сега во суд таму.

ЕС: Добро.

СМ: Ќе го носат на суд.

ЕС: Добро.

СМ: Исто и пред Воденица можда имаш камера.

ЕС: Има, има. А бе гледавме во 5 саат.

СМ: Слушај!

ЕС: А?

СМ: Гледам овај, немој …Ќе си го пуштате оргинал како што си го снимале, немој да заматувате ова, она.

ЕС: Не бе, го пуштија во 5 саат со пиштолот и со тоа, јас ги гледав на Канал 5.

СМ: Е така да, да.

ЕС: Го видов, снимката е снимена.

 

БОШОВСКИ НЕ ВЕРУВАЛ ДЕКА ГО МЕСТАТ

Виолета Бошковска, сопруга на Љубе Бошковски ја прашавме и за тоа какви сознанија има околу наводното местење на случајот „Кампања“.

Во септември 2010 година од странски служби добивме најава дека поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и јавниот обвинител, Марко Зврлевски, се сретнале во Чешка со заштитениот сведок со намера да го местат Љубе. Тој не сакаше да верува во ова. Велеше дека тие се мои, нема тоа да ми го направат. На Нова година (2010/2011, н.з.) повторно некои луѓе му кажуваа дека ќе го уапсат, дека го следат, го прислушуваат. Тој не сакаше ниту на ова да верува – вели Бошковска.

Дури кога ги слушна прислушуваните разговори на СДСМ, вели Бошковска, му станало јасно дека е наместен.

Љубе беше наивен. Тој мислеше дека секој политичар треба да прифати критика. Затоа и беше наместен, за критиките кои само тој ги изнесуваше. Од него почнаа потоа индициите за криминал со автомобилот, за становите, за плацевите. Но, тој мислеше дека политичарот треба да го издржи тоа. Самиот кога беше министер за внатрешни работи беше постојана цел на напад од неделникот „Фокус“. Сепак, никогаш ништо не стори за да ги навреди или, не дај Боже, да им напакости. Ова што му го направија може да го стори само монструозен ум – вели Бошковска.

По Договорите од Пржино од 2 јуни и 15 јули 2015 година беше формирно Специјално јавно обвинителство, кое покрена предистражна постапка и за оваа кривична пријава поднесена од СДСМ.

Од кабинетот на Јанева, на 15.01.2016 година, пренесе новинската агенција „Мета“, укажуваат дека не наишле на соработка од страна на судот, кој не им ги доставил предметите, туку побарал обвинителите од СЈО да извршат увид во судот.

Појаснуваме дека ваквото укажување е резултат на новата практика која судот сака да ја наметне во случаите кога се барани предмети на увид од страна на ова јавно обвинителство. Во конкретниот случај, не станува збор само за предметот „Пуч“, кој е во фаза на главна расправа, туку од судот на увид побарани се и архивирани предмети (како, на пример, предметот познат во јавноста како „Изборна кампања“, предметот за убиството на Мартин Нешковски, како и други предмети од интерес на ова јавно обвинителство). Притоа, во согласност со досегашната практика на судот, на барање на јавните обвинителства, вакви предмети биле доставувани на увид, што е видливо и во еден од предметите во кој беше извршен увид. Сепак, на барањето на ова јавно обвинителство одговорено е дека е потребно увидот во списите на предметите да биде извршен во судот, што од наша страна и беше направено. Изразуваме убедување дека во иднина судот ќе пристапи кон соработка со ова јавно обвинителство, бидејќи во законските одредби пропишана е обврска за соработка на сите органи и лица со јавното обвинителство, кога се работи за откривање кривични дела и обезбедување докази, стои во соопштението на Специјалното јавно обвинителство.

На 15.02.2016 година Бошковски беше на распит кај Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева. Тогаш немаше информација дали Бошкоски одговараше за предметот „Кампања“ или за предметот „Ровер“, за кој Јанева сè уште се нема изјасето дали ќе го преземе како случај.

Бошковски, чија казна за случајот „Кампања“ му завршува во јуни, согласно Законот за извршување на санкциите на осудено лице кое за време на одслужување на казната било примерен осуденик, можеше да излезе од затвор на 8 март. Законот предвидува директорот на установата да може да го отпушти осуденото лице и пред истекот на казната ако издржало најмалку 3/4 од казната затвор и ако не добило условен отпуст и тоа до 30 дена за казна затвор до една година, до 90 дена за казна затвор до пет години и до 120 дена за казна затвор над пет години.

Сепак, тоа не се случи.

За Виолета Бошковска досега во историјата на Република Македонија не се случило осудено лице кое ги исполнило условите за предвремено отпуштање пред истекот на казната, да не добие ваков отпуст со одлука на директорот на установата.

Случајот со Љубе по сè изгледа ќе стане преседан поради неодлучноста на директорот на КПУ „Идризово“ да го примени членот од Законот за извршување на санкции, кој дозволува отпуштање по одлука на директорот на установата пред истекот на казната. Знам дека неговата одлука е поради притисокот кој се врши врз него од страна на оние кои беа креатори на овој случај – вели Бошковска.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција