Бранко Героски не кажа дека Сашо Мијалков му испратил СМС порака додека бил во бегство
Во веста изнесена е дезинформација, во која на новинарот и уредниик на порталот Плусинофо, Бранко Героски, му се накалемуваат зборови кои тој, во текот на своето гостување на Канал 5 Телевизија, воопшто не го кажал
На порталот „Мактел“ објавена е вест со Фејсбук пост со наслов: Шокантно, што се случи со човеков, Геро: Имам редовна комуникација со Сашо Мијалков, дури и кога беше избеган, мислам дека е невин за прислушкувањето!
Во веста изнесена е дезинформација, во која на новинарот и уредниик на порталот Плусинофо, Бранко Героски, му се накалемуваат зборови кои тој, во текот на своето гостување на Канал 5 Телевизија, воопшто не го кажал.
Редовно се слушам со Сашо Мијалков, дури и кога беше избеган ми пиша СМС порака, инаку не сум баш сигурен дека е виновен за прислушкувањето, ќе видиме, тоа ќе каже апелација, стои во текстот кој го рецензираме, а кој е илустриран од фотографија од Героски со логото на телевизија Канал 5, со што се инсинуира дека ваквата наводна изјава, ја дал во емисијата „Само интервју“ на „Канал 5“ телевизија.
Целосното интервју со Бранко Героски на Канал 5, може да се погледне на следниот линк. Во видео материјалот (од 25.00-27.40 мин.) Героски вели:
Реално гледано, ако тоа бегство се оствареше, се најавуваа сериозни жртви, веројатно министерот за внатрешни работи немаше да опстане во такви околности. Имаше шпекулации дека обвинителката Вилма Русковска ќе биде на удар поради нејзиното поведение во целата приказна. Поведението нејзино е чудно. Треба да оставиме истрагата да покаже. Постојано во Македонија се создава тој триумфализам. Ќе создадете проблем во државата, па некако ќе успеете да го решите и после прогласувате триумф. Во случајот на Мијалков тие проблеми, тој настан непријатен за сите, гаф настан, направен во афект, ја фрли во сенка и можноста за анализа на процесот и на пресудата и станува збор за најзначајниот процес.
Новинарот Гоце Михајловски го прашува Героски дали има комуникација со Сашо Мијалков (33.30 мин.). Одговорот од Героски е:
Па немам. Последниот контакт ми беше во петокот пред интересниот викенд, барав да ги добијам завршните зборови на адвокатите. Тоа беше краток контакт и понатаму почна „филмот“. Сега е бесмислено, бидејќи тој е во притвор, пар денови беше во домашен притвор под специјални мерки. Во една порака барав потврда, откако „Фокус“ прв ја објави веста дека се дал во бегство, но не добив повратен одговор и сфатив дека проблем има. (33.30 – 34.28 мин).
Поради тоа што во ниеден момент од интервјуто, Героски не го кажува тоа што се тврди во текстот на порталот „Мактел“, оценуваме дека неговата изјава е фабрикувана, односно изманипулирана. Не е вистина дека Бранко Героски кажал оти Сашо Мијалков му испратил СМС порака додека бил во бегство. Напротив, тој во интервјуто вели дека Мијалков не му одговорил на неговата порака, од што Героски сфатил дека постои проблем.
Не е точно дека Героски кажал оти Сашо Мијалков не е одговорен за прислушкувањето. Напротив, тој во интервјуто тврди дека Мијалков, поради неговата функција директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, има ОБЈЕКТИВНА одговорност за прислушкувањето, поради тоа што во времето кога се случувало прислушкувањето, тој бил прв човек на Управата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар