Бранко Црвенковски

 

Бранко Црвенковски во текот на својата политичка кариера бил премиер на Македонија во периодот од 1992 до 1998 и од 2002 до 2004 година, како и претседател на Македонија од 2004 до 2009 година.

 

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Роден е на 12 октомври, 1962 во Сараево, тогашна Социјалистичка Република Босна и Херцеговина. Во 1963 година неговото семејство се вратило да живее во Скопје. Бранко Црвенковски е женет со Јасмина, со која се запознал во текот на нивното студирање во Скопје. Тие се родители на Љупчо и Марија.

 

ОБРАЗОВАНИЕ

Основно и средно образование завршил во Скопје. Во 1980 година се запишал на Електротехничкиот факултет во Скопје, Отсек за информатичка технологија и автоматика. Факултетот го завршил во 1985 година.

 

КАРИЕРА

Црвенковски бил директор на „Семос“.

 

ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА

Активната политичка кариера на Бранко Црвенковски започнала во 1990 година, кога станал член на Претседателството на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).

Во 1990 година, на првите повеќепартиски избори во Македонија, која сè уште се наоѓала во рамките на СФР Југославија, избран бил за шеф на Изборниот штаб на СДСМ, а по ова и за пратеник во првиот состав на Собранието. Како пратеник во првиот состав на македонскиот парламент Црвенковски бил потписник на иницијативата за распишување референдум за независна Македонија.

 

Претседател на СДСМ и потоа премиер

Во април 1991 година Црвенковски бил избран за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. На 5 септември 1992, тој станал вториот премиер на Република Македонија по нејзиното осамостојување од Југославија.

Со 29 години, тој бил најмладиот премиер во Европа во тој период. Како премиер и политичар, Бранко Црвенковски ја промовирал идејата за учество на партиите на Албанците во Владата на Република Македонија. Тој успеал да формира широка коалиција со Либералната партија, Социјалистичката партија и Партијата за демократски просперитет, во која членувале само Албанци.

Вториот премиерски мандат (за уште 4 години) го добил по изборите во декември во 1994 година. Во периодот 1994-1998 Македонија успеа да стане член на повеќе меѓународни организации, како што се: Организацијата на Обединетите нации (ООН), ОБСЕ и Советот на Европа.

Црвенковски исто така е потписник на првиот договор со ММФ и Светска Банка.

 

Премин во опозиција

По поразот на парламентарните избори во 1998 година, од 1998 до 2002 година бил лидер на опозицијата во македонското Собрание.

Поради започнувањето на воениот конфликт во 2001 година, Социјалдемократскиот сојуз се приклучил кон Владата на политичко единство, која била формирана со цел да запре кризата во земјата.

Црвенковски, заедно со тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски и со лидерите на Партијата за демократски просперитет, Имер Имери, и на Демократската партија на Албанците, Арбен Џафери, како и со претседателот Борис Трајковски, се потписници на Рамковниот договор од Охрид.

 

Повторно премиер

На парламентарните избори во 2002 година СДСМ повторно ја освоил власта заедно со партнерите од коалицијата „За Македонија заедно“, при што со политичките сојузници од коалицијата освоиле 60 од вкупно 120 пратенички места во парламентот. Така по крајот на изборите, во 2002 година повторно застанал на премиерската позиција.

 

Претседател на Македонија

На третите вонредни претседателски избори во Република Македонија, во вториот круг одржан на 28 април 2004, Бранко Црвенковски бил избран за претседател на државата. Црвенковски, кандидат на СДСМ и тогашен премиер на Република Македонија, освоил 553.520 гласови, или 62,70% од гласовите, додека неговиот противкандидат Сашко Кедев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, освоил 329.271 гласови, или 37,30%.

На 12 мај 2004 ја презел функцијата претседател и се повлекол од премиерската положба и претседателската функција во партијата. За време на претседателскиот мандат на Црвенковски, Република Македонија стана земја-кандидат за прием во Европската унија. На функцијата Претседател на Македонија се задржа до 12 мај 2009 година.

 

Лидер на опозицијата

На 24 мај 2009 г. Бранко Црвенковски повторно застана на чело на Социјалдемократскиот Сојуз. По јунскиот конгрес на СДСМ (2 јуни 2013), Бранко Црвенковски е заменет со Зоран Заев како претседател на СДСМ.

 

Прислушуваните разговори

Во прислушуваните разговори името на Бранко Црвенковски е споменато од Сашо Мијалков, дека наводно Црвенковски не сакал Андреј Жерновски да победи во Општина Центар, па се споменува некој договор.

СЈО во предистражна постапка го започна обвинението со кодно име „Надеж“, кое се однесува на кабинетот на Бранко Црвенковски, кој во тој период беше Претседател на Република Македонија.

Со аболицијата на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, беше опфатено и името на Бранко Црвенковски, кој пак со писмен допис на 13 април 2016 година, ја одби аболицијата и побара да биде изземен од листата на помилувани од претседателот Иванов.

 

ИЗВОРИ

Веб-сајт на поранешниот претседател на Република Македонија Биографија на Бранко Црвенковски

Википедија: Бранко Црвенковски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција