Брендови на македонски и странски маркети злоупотребени во лажни наградни игри

На две посебни страници на Фејсбук, креирани се две лажни наградни игри, едната со злоупотреба на Биг Маркет, а другата со злоупотреба на брендот на КАМ маркет. Целта на нивното креирање е да се собираат на личните податоци од страна на корисниците на Фејсбук кои ќе наседнат

На две посебни страници на Фејсбук, креирани се две лажни наградни игри, едната со злоупотреба на Биг Маркет, а другата со злоупотреба на брендот на КАМ маркет. Целта на нивното креирање е да се собираат на личните податоци од страна на корисниците на Фејсбук кои ќе наседнат

 

 

Рецензираме две објави на социјалната мрежа Фејсбук во кои се злоупотребуваат брендови на два супермаркети, едниот македонски другиот странски, со цел да се приберат лични податоци од корисниците на социјалната мрежа со лажно ветување за награда.

На две посебни страници на Фејсбук, креирани се две лажни наградни игри, едната со злоупотреба на Биг Маркет, а другата со злоупотреба на брендот на КАМ маркет.

Во објавата за Биг Маркет се ветува  „специјален подарок“ и се упатуваат корисниците да го напишат нивниот месец на раѓање во коментар, како и да се регистрираат во посебен формулар. Дополнително, набројани се месеците од јануари до декември, а до нив се испишани суми без валута, коишто лажно наведуваат дека станува збор за суми кои учесниците во „наградната игра“ ќе ги добијат доколку го испишат во коментар месецот на своето раѓање. На крајот на постот се тврди дека „оваа програма е официјална“, за да се претстави како валидна оваа очигледно невистинита и фабрикувана наградна игра.

Со сличниот начин на придобивање на довербата на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук, се пласира и втора наградна игра, на друга Фејсбук страница, со злоупотреба на брендот на КАМ маркет.

И во оваа лажна наградна игра, односно во постот кој истата ја промовира, се повикуваат лојалните клиенти на КАМ да го напишат својот месец на раѓање во коментар  по што им се ветува „изненаден подарок“.

И двете наградни игри се невистинити.

Целта на нивното креирање е собирање на личните податоци од страна на корисниците на Фејсбук кои ќе наседнат. За таа цел, под постот со наградната игра на КАМ оставен е дополнителен линк за регистрација, што води формулар на којшто откако ќе ги оставите вашите лични податоци не знаете каде ќе завршат и за какви цели ќе бидат искористени. Никаква награда не следува по пополнувањето на формуларот, кој инаку изобилува со мноштво граматички и печатни грешки и не е објавен на официјалната страница на КАМ маркет.

На формуларот се бара името презимето и мејлот на корисниците, при што се ветуваат 500 евра откако тоа ќе го направите тоа, и дека ќе ви бидат доставени за 45 минути! Всушност се работи за измама којашто има за цел да изнуди реакција од страна на корисниците што побрзо да ги остават своите податоци. Скандалозно е и тоа што во формуларот пишува дека „за да ја подигнете вашата награда ќе ви биде потребна вашата кредитна картичка”, што претставува дополнителен основ за да се уверите дека наградната игра е нелегитимна и дека станува збор за обид да се злоупотребат вашите лични податоци. На официјалната страница на КАМ маркет на Фејсбук, повеќе пати компанијата предупреди дека во нивно име се шират лажни наградни игри.

Во постот за Биг Маркет, исто така, станува збор за невистинита наградна игра споделена од профил кој е специјално креиран за да се шири таа лажна содржина и да се собираат личните податоци на корисниците. Биг Маркет нема маркети во Македонија. Станува збор за ланец маркети кој постои во Тирана Албанија.

Во постот каде во име на Биг Маркет се објавува лажната наградна игра, се ветуваат недефинирани парични суми и нема валути. Споделувањето на постот е од страница каде таа лажна наградна игра е единствената содржина. Нема поранешни промоции, нема производи од супермаркетот никакви адреси и контакти, што се знаци за неверодостојна и лажна фан-страница на Фејсбук. На нечесен начин, дополнително, се бара од корисниците на социјалната мрежа Фејсбук што побрзо да го остават својот месец на раѓање со пласирање на невистината дека регистрацијата е временски ограничена.

Во последно време особено актуелна на Фејсбук е злоупотребата на брендови и логоа на веќе етаблирани македонски и странски брендови, кои се користат за да се убедат граѓаните да оставаат лични податоци во специјално дизајнирани формулари. Податоците потоа може да бидат продадени или злоупотребени. Карактеристиките според кои може да препознаете лажна наградна игра на Фејсбук, пред се имаат врска со страницата на која што таа наградна игра се објавува. Доколку станува збор за страница која нема долга историја, а е наводно од етаблиран бренд, тогаш станува збор за лажна наградна игра. Дополнително, ако нема контакти, адреси, официјални промоции, тогаш исто така станува збор за специјално дизајнирана фан-страница со цел промоција на лажна наградна игра. Големите брендови коишто се злоупотребуваат на ваков начин, најчесто со години имаат свои фан-страници кои се официјални и каде имаат објавено податоци адреси, промоции и каде има секојдневна комуникација и интеракции со купувачите. Така што, тие немаат воопшто потреба да креираат нови фан-страници за некоја наградна игра.

Поради сите горенаведени факти, постовите коишто ги рецензираме ги оценуваме како невистинити.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција