БРИКС – нова глобална сила или сојуз на интереси?

Фото: Pixabay, CC0, via Wikimedia Commons

Двете најчести крајности – „БРИКС ќе го замени Западот“ и „БРИКС е само руска пропаганда“ – ја промашуваат посложената слика. Податоците покажуваат нешто помеѓу. БРИКС навистина расте како глобален центар на економска и дипломатска тежина. Но засега не е единствен геополитички блок, нема заедничка валута, не го заменува доларот и нема структура што би го направила нов НАТО. Она што најверојатно се менува е нешто друго: светот станува помултиполарен, а државите од Глобалниот Југ добиваат повеќе простор да не избираат исклучиво меѓу Вашингтон и Пекинг/Москва

Двете најчести крајности – „БРИКС ќе го замени Западот“ и „БРИКС е само руска пропаганда“ – ја промашуваат посложената слика. Податоците покажуваат нешто помеѓу. БРИКС навистина расте како глобален центар на економска и дипломатска тежина. Но засега не е единствен геополитички блок, нема заедничка валута, не го заменува доларот и нема структура што би го направила нов НАТО. Она што најверојатно се менува е нешто друго: светот станува помултиполарен, а државите од Глобалниот Југ добиваат повеќе простор да не избираат исклучиво меѓу Вашингтон и Пекинг/Москва

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

По самитот на БРИКС (Бразил–Русија–Индија–Кина–Јужна Африка) во Њу Делхи повторно се засили наративот дека светот влегува во „постзападна ера“, дека доларот го губи приматот, а Русија и Кина го предводат создавањето на новиот светски поредок.

„ФАМИЛИЈАТА БРИКС – најмасовна на планетава Земја“;

„Остатокот од светот се дедоларизира“;

„Новиот светски поредок предводен од Русија и Кина“,

„БРИКС е невозможно да се совлада со долар или оружје“

Ова се само  дел од пораките што деновиве се споделуваат на македонските социјални мрежи.

Во други објави се тврди дека „повеќе од половината човештво“ е собрано во БРИКС, дека организацијата гради нов финансиски систем и дека „BRICS Pay“ ќе го промени начинот на кој се одвива глобалната трговија.

Фактите покажуваат дека зад овие тврдења навистина постои голема геополитичка промена. Но, тие не ја потврдуваат целосно сликата за БРИКС како единствен нов блок што го заменува Западот.

БРИКС не е една економија, една држава или една политичка сила

На самитот во Њу Делхи на 12 и 13 септември беше усвоена заедничка декларација, во време кога организацијата е значително поголема од првичниот формат Бразил–Русија–Индија–Кина–Јужна Африка.

Според индиските официјални податоци, проширениот БРИКС претставува околу 49,5 отсто од светското население, околу 40 отсто од глобалниот БДП според паритет на куповна моќ и околу 26 отсто од светската трговија.

Тоа е значајна економска и демографска тежина.

Но, токму тука почнува проблемот со дел од наративите на социјалните мрежи: БРИКС не е една економија, една држава или една политичка сила.

Кина, Индија, Русија, Бразил, Иран, Обединетите Арапски Емирати и останатите членки имаат различни економски модели, безбедносни интереси и односи со САД и ЕУ.

Затоа 40 отсто од глобалниот БДП не значи дека БРИКС располага со 40 отсто од глобалната политичка или финансиска моќ.

„Повеќе од половината човештво“?

Една од честите пораки на Фејсбук е дека БРИКС ги обединува „повеќе од половината жители на планетата“.

Тоа е малку пренагласено.

Според индиските податоци, уделот е околу 49,5 отсто – практично половина од човештвото, но не повеќе од половина.

Тоа не ја намалува тежината на организацијата. Напротив, покажува колку е голема.

Но бројот на жители не е исто што и политичка кохезија.

Дали БРИКС го заменува доларот?

Ова е една од најчестите тези.

БРИКС навистина работи на поголема употреба на национални валути, прекугранични плаќања и намалување на трошоците и зависноста од западната финансиска инфраструктура. На самитот во Њу Делхи повторно беа поддржани плаќањата во локални валути и интероперабилноста на финансиските системи.

Но од тоа не следи дека доларот е пред исчезнување.

Според најновите податоци на ММФ, американскиот долар во првиот квартал од 2026 година сочинувал 57,13 отсто од светските официјални девизни резерви.

Оттука, попрецизно е да се каже дека се случува диверзификација и постепена дедоларизација на дел од трговијата, а не дека светот веќе го напуштил доларот.

И уште поважно: БРИКС нема заедничка валута.

Наместо создавање една валута за сите членки, актуелниот фокус е на користење национални валути и поврзување на платежните системи. Ројтерс во септември 2026 година извести дека Индија предлага поврзување на дигиталните валути на централните банки на земјите од БРИКС за полесни прекугранични плаќања, но дека целта не е замена на американскиот долар како резервна валута. Ројтерс исто така наведува дека претходната идеја за заедничка валута на БРИКС не напредувала.

Што е со „BRICS Pay“?

И тука постои реална основа за дел од тврдењата, но и претерување.

БРИКС навистина развива механизми за прекугранични плаќања и поголема поврзаност на националните платежни системи.

Но тоа не значи дека веќе постои единствен платежен систем кој ги заменил SWIFT, доларот или западните финансиски мрежи.

Во својата Декларација од Њу Делхи од септември 2026 година, БРИКС зборува за развивање ефикасни прекугранични платежни механизми, интероперабилност на платежните системи и поголема употреба на националните валути. Во документот не се наведува создавање готова заедничка валута, туку се нагласува дека нема едно решение што одговара на сите членки.

Затоа тврдењето „BRICS Pay го заменува западниот систем“ е претерано, иако развојот на алтернативни платежни механизми е реален.

Најголемиот проблем за тезата дека БРИКС е единствен блок е односот меѓу Кина и Индија

Двете се членки на БРИКС и двете бараат поголем простор за Глобалниот Југ.

Но тие истовремено се стратешки конкуренти, имаат нерешени гранични прашања и различни безбедносни партнерства.

Индија, на пример, е членка на БРИКС, но истовремено е дел од дипломатското партнерство Quad, заедно со САД, Јапонија и Австралија.

Свежата анализа на Фондацијата Карнеги (Carnegie Endowment) за индиската надворешна политика покажува дека Њу Делхи не го гледа БРИКС како замена за западниот систем, туку како еден од повеќето формати преку кои може да ја зголеми сопствената автономија и да влијае врз глобалните институции.

Уште подиректно, анализата на Фондацијата Карнеги за индиското претседавање со БРИКС во 2026 година предупредува дека најголемиот проблем за организацијата е тензијата меѓу нејзиното проширување и нејзината институционална кохезија.

Тоа се гледаше и пред самитот. На состанокот на министрите за надворешни работи во мај не беше усвоена заедничка министерска декларација, туку само изјава на претседавачот, токму поради разликите меѓу членките околу Блискиот Исток и други прашања.

Самитот во Њу Делхи: Единство, но со граници

На самитот сепак беше усвоена заедничка декларација.

Членките повикаа на дипломатија и воздржаност во конфликтите, поддржаа мултилатерален пристап и нагласија дека меѓународните спорови треба да се решаваат преку дијалог и консултации. Но, самитот истовремено покажа колку се различни интересите во групата. БРИКС ги вклучува и Иран и Обединетите Арапски Емирати, при што ОАЕ е сојузник на САД, што според Ројтрес го направило постигнувањето консензус за заедничка позиција за конфликтот на Блискиот Исток особено чувствително. На крајот, членовите успеале да усвојат заедничка декларација, но со внимателно формулиран повик за „максимална воздржаност“ и мултилатерален пристап.

Овој пример покажува дека БРИКС полесно се усогласува околу општи принципи како дипломатија, мултилатерализам и поголема улога на земјите во развој, отколку околу конкретни безбедносни прашања каде интересите на членките се разликуваат.

Може ли БРИКС да стане „нов НАТО“?

Засега нема показатели дека тоа се случува.

Причината е едноставна: БРИКС и НАТО се сосема различни типови организации.

Засега нема показатели дека БРИКС се трансформира во воен сојуз налик на НАТО. Причината е што станува збор за сосема различни типови организации. НАТО е формален военополитички сојуз со обврска за колективна одбрана според член 5 – кој предвидува дека вооружен напад врз една членка на НАТО ќе се смета за напад врз сите членки и повлекува обврска за секоја членка да ѝ притекне на помош – и со развиена воена командна структура, додека БРИКС е поширока политичко-економска платформа без таква обврска за меѓусебна воена одбрана.

Нема член 5, заедничка армија или интегрирана воена команда на БРИКС. Уште поважно, самите членки немаат единствена безбедносна политика. Фондацијата Карнеги во анализа од 2026 година забележува дека проширувањето на БРИКС не ја зголемило неговата кохезија, дека односите на членките со САД се движат од непријателски до безбедносно зависни, а дека Индија и Кина имаат свои стратешки тензии, додека Индија истовремено е дел од Quad.

БРИКС не треба ниту да се потценува

Тезата дека БРИКС е само „руска пропаганда“ би била исто толку неточна.

Постои реална институционална соработка.

Новата развојна банка на БРИКС до крајот на 2025 година одобрила околу 43 милијарди долари за 140 проекти, според податоците на самата банка.

БРИКС исто така создава механизми за поголема употреба на националните валути и за прекугранични плаќања.

Значи, организацијата не е празна политичка декларација.

Но нејзините институции сè уште се далеку од тоа да бидат целосна замена за ММФ, Светската банка или западниот финансиски систем. Carnegie ги опишува заедничките институции на БРИКС како делумни, а не целосни алтернативи на постојниот глобален поредок.

Од каде доаѓа наративот за „новиот светски поредок“

Овој наратив е особено силен во руските и про-кремљ медиумите.

EUvsDisinfo по самитот на БРИКС во Казан во 2024 година забележа дека прокремљските медиуми го претставувале БРИКС како доказ за создавање нов мултиполарен светски поредок, а Путин како негов главен архитект.

Во друг пример, EUvsDisinfo го документираше наративот дека Русија се бори за „нов меѓународен поредок“ и мултиполарен свет наспроти американската доминација.

Тоа не значи дека секој што зборува позитивно за БРИКС шири руска пропаганда.

Напротив, реално постои процес на прераспределба на глобалната економска и политичка тежина.

Проблемот е кога од тоа се извлекува заклучок дека сите членки на БРИКС имаат една заедничка стратегија, дека Русија и Кина го контролираат блокот или дека западниот систем веќе е заменет.

Значи, што е БРИКС?

Најточно би било да се опише како сојуз на интереси, а не како нов НАТО.

Неговата сила е во бројот, економската тежина, ресурсите и фактот што поврзува големи држави од Азија, Африка, Блискиот Исток и Латинска Америка.

Неговата слабост е токму истото: тие држави имаат различни интереси.

БРИКС може да биде важен инструмент за промена на глобалниот поредок без да стане единствен центар на тој поредок.

Затоа двете најчести крајности – „БРИКС ќе го замени Западот“ и „БРИКС е само руска пропаганда“ – ја промашуваат посложената слика.

Податоците покажуваат нешто помеѓу.

БРИКС навистина расте како глобален центар на економска и дипломатска тежина. Но засега не е единствен геополитички блок, нема заедничка валута, не го заменува доларот и нема структура што би го направила нов НАТО.

Она што најверојатно се менува е нешто друго: светот станува помултиполарен, а државите од Глобалниот Југ добиваат повеќе простор да не избираат исклучиво меѓу Вашингтон и Пекинг/Москва.

Токму во тоа лежи вистинската сила на БРИКС – ненужно во тоа што ќе го „замени“ Западот, туку во тоа што може да придонесе Западот повеќе да не биде единствениот центар околу кој се организира глобалниот систем.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција