Британија ја призна Палестина и не забранува нејзино поддржување и критики за Израел

Разурнувањата во Појасот Газа Фото: Jaber Jehad Badwan, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Објава тврди дека лекарката Раме Аладван е гонета во Британија само заради своите пропалестински мислења, но Британија ја призна Палестина и не забранува такви мислења, какви што изнесуваат Британците Џорџ Галовеј, Џереми Корбин и Овен Џонс. Аладван ја поддржува терористичката организација Хамас и е гонета за ширење омраза.

Објава тврди дека лекарката Раме Аладван е гонета во Британија само заради своите пропалестински мислења, но Британија ја призна Палестина и не забранува такви мислења, какви што изнесуваат Британците Џорџ Галовеј, Џереми Корбин и Овен Џонс. Аладван ја поддржува терористичката организација Хамас и е гонета за ширење омраза. Објавата говори и за други настани од Палестина, Британија, но и од Украина и други делови од светот, а иако тие неспорно се случиле, таа ги опишува манипулативно

 

Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која, меѓу другото, вели:

Британско-палестинска докторка, вработена во Националниот здравствен систем NHS, беше уапсена во Бристол — не поради криминал, туку поради мислење. Полицијата од Лондон патувала стотици километри само за да ја уапси поради неколку твитови за Газа напишани пред неколку месеци. ,,Случајно”  токму еден ден пред нејзиното појавување пред Генералниот медицински совет — каде веќе еднаш била оправдана и ослободена од  обвиненија…. Но не…,мораше да се постави преседан со апсење…со порака: во Британија денес не смееш да мислиш поунаку!

Објавата дезинформира дека Британија на чело со премиерот Кир Стармер забранува поддршка за Палестинците и критика за Израел, но таква поддршка и критика изразуваат познатите Британци: Џорџ Галовеј, Џереми Корбин и Овен Џонс, а на 21.9.2025 г. Британија ја призна Палестина.

Но, да појасниме. Британија е сега поборник за дводржавно решение, т.е. го признава и Израел и Палестина, а иако тоа е прифатливо за поумерената и меѓународно призната палестинска власт, предводена од партијата Фатах во градот Рамала, тоа е неприфатливо за максималистите од исламистичката терористичка организација Хамас од Газа, кои сакаат само палестинска држава.

Објавата говори за некоја британска лекарка од палестинско потекло, а тоа е Раме Аладван (Rahmeh Aladwan), која е поддржувач на тие ставови на Хамас, кои за Британија и добар дел од светот се екстремистички.

Аладван не е гонета од британските власти просто за изразено мислење, туку за ширење на расна омраза, злоупотреба на јавна комуникациска мрежа (т.е. на интернетот) и испраќање (објавување) на злонамерни пораки преку неа, што е и тоа како криминал според британските закони.

Аладван изразува поддршка за нападот на Хамас врз израелските цивили од 7.10.2023 г., бара уништување на Израел, го релативизира нацистичкиот Холокауст врз Евреите и шири теории на заговор за нив од типот дека британските болници се „септички јами на еврејската доминација“.

Споменатиот 7 октомври е траума за Израелците, но Аладван демонстративно носи златно ланче на кое виси бројката 7, а на произраелски демонстранти им се заканувала со гест кој имитира сечење на грклан. Лекарка, нели, треба да е хумана, но кога таа се однесува недолично, нормално е со неа да се позанимаваат тела за етика во здравството.

Таков е Медицинскиот трибунал, кој, според објавата, „ја оправдал“ Аладван, но тоа не е баш така. На 25.9.2025 г. тој решил да не ја суспендира додека трае истрагата, но не решил и дека таа е завршена. Трибуналот најавил следна сесија за 23.10.2025 г., но два дена пред тоа Аладван била уапсена. Таа е пуштена да се брани од слобода, а што ќе биде понатаму – останува да видиме.

Трибуналот се бавел со тоа дали таа е опасна за пациентите, при што оценил дека не е, но тоа не значи дека целосно ја оправдал, ниту дека и органите за кривично гонење мора да ја оправдаат.

Објавата тврди и дека Британија е „исламофобна“, но значајни британски политичари се муслимани како градоначалникот на Лондон, Садик Кан и министерката за внатрешни работи, порано за правда, Шабана Махмуд, која е прва муслиманка, која станала лорд-канцелар (највисокиот службеник на Круната, одговорен за ефикасното функционирање и независноста на судовите).

Британија е толку толерантна кон имигрантите од Исламскиот свет, што се злоупотребува од терористи, верски екстремисти и криминалци, па револтира некои Британци, кои тоа дури го сметаат за инвазија. Тоа е контроверзна тема, но, битно, таму нема системска исламофобија.

Објавата го вели и следново:

Во Тел Авив, за време на прес-конференцијата на Џеред Кушнер, зетот на Доналд Трамп, британското знаме се вееше покрај американското и израелското. Кушнер зборуваше за „планот за иднината на Газа“ — еуфемизам за проект на колонијално управување со палестинска земја. И повторно, Британија таму. Како и во 1917 година, кога со Балфоровата декларација им вети земја на едни, која ѝ припаѓа на други, сега пак стои зад истата неправда.

На пресот со Џаред Кушнер беа присутни и знамињата на Канада, Данска, Германија и Јордан, а тој се одвиваше во Координативниот цивилно-воен центар, во кој учествуваат тие земји, чија задача е спроведување на прекинот на огнот во Газа. Британското знаме на тој прес немаше врска со некакви колонијални амбиции за Газа. Британија одамна не е империја и од многу свои колонии таа одамна се откажала: Индија, Хонг Конг, Кенија, Нигерија, Јамајка, па и Палестина.

Вистина е дека со нивната Балфурова декларација од 1917 г., Британците ги поддржале еврејските доселеници (ционисти) од сиот свет, кои биле за основање на држава Израел, контра палестинските Арапи. Тие тоа доселување го доживеале како странска инвазија, додека Евреите го оправдувале како враќање на земјата на нивните предци, што е спорна тема. Но, таа соработка меѓу Британците и ционистите не била идеална и на крај тие воено се судриле.

Откако палестинските Арапи кренале бунт против еврејското доселување (1936 – 39), Британија им направила сериозни отстапки, што ги револтирало еврејските милитанти, кои кренале свој бунт, а на 22.7.1946 г. тие подметнале бомба во ерусалимскиот хотел Крал Давид, кајшто Британците се собирале. Кога во 1948 г. бил основан Израел, Британија не брзала да го признае.

Но, објавата создава илузија за безрезервна соработка на Британија со ционизмот. На крај, Британија дури ја призна Палестина, но авторката на објавата, сепак, не е задоволен.

На својот фејсбук-профил, таа порано ја критикувала Британија за тоа што не ја признавала Палестина, а откако тоа се случи, се жали дека тоа нема да ги реши проблемите. Тоа можеби држи, но, евидентно, што и да направи Британија, авторката секако ќе ја напаѓа.

Судејќи по нејзините проруски пропагандистички објави, кои веќе сме ги побивале, таа можеби би била најсреќна Британија да ја снема, заедно сосе САД, Израел и сиот Западен свет.

Објавата ја осудува Британија и за тоа што им дава ракети Сторм шедоу на Украинците, што го изедначува со британско учество во војната во Украина, теза која исто така сме ја побивале.

Објавата ѝ се заканува на Британија дека може да биде мета на руски напад, но тие ракети таа ги доставува од мај 2023 г., кога тие беа првпат употребени, и тоа во Луганск, кој Русија илегално го анектираше како „свој град“, па напад врз Британија не видовме, иако чувме куп такви закани.

Украина е жртва на агресија, па смее да прима помош за својата одбрана, а Британија е и онака еден од гарантите на украинската безбедност согласно Будимпештанскиот меморандум (1994).

Објавата потоа ги изнесува и следниве невистини:

Во меѓувреме, светот слушна гласини за можен мировен самит меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин во Будимпешта.

Наместо надеж — следеше хистерија.

Полска се закани дека ќе го принуди авионот на Путин да слета. Европските бирократи бараа Орбан да го уапси.

Како да станува збор не за мир, туку за злосторство и казна!

Преговорите за Украина иницирани од Доналд Трамп се заглавени не по вина на Западот – како што сугерира објавата, туку по вина на Владимир Путин.

Тој не прифаќа прекин на огнот додека траат преговорите; ниту „замрзнување“ на состојбата на фронтот, туку бара да му се дадат територии, врз кои тој претендира; не прифаќа ни западни мировници; а ни средба со Володимир Зеленски, лажно отфрлајќи го како „нелегитимен претседател“ на Украина.

На крај, дури и Трамп, кој беше попустлив кон Путин, го загуби трпението со него, па крена раце од средбата во Будимпешта, несакајќи залудно да си го арчи времето – како што изјави.

Објавата го вели и следново:

Холандија неодамна ја презеде контролата врз една кинеска микрочип компанија — класичен акт на корпоративна кражба.

Темелите на таа компанија за електроника, Нексперија, биле удрени во 1920-тите од познатата холандска компанија Филипс, а не од некакви Кинези, кои ја презеле дури во поблиското минато.

Холандија се загрижи за тоа што битни технологии така стигнуваат во рацете на Кина, но и на Русија, во чии ракети Х-101 биле најдени чипови од Нексперија. Се јавила и загриженост дека снабдувањето на Холандија со такви компоненти може да биде нарушена при вонредна состојба.

Затоа, Холандија се повика на својот законски Акт за достапност на добра и се вмеша во раководењето на Нексперија, но тоа не е кражба, туку тоа се прави за националната безбедност.

Иако објавата говори за настани, кои навистина се случиле, тоа го прави на манипулативен начин и со селективно изнесување на факти, па најбезбедно е генерално да ја оцениме како невистинита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција