Британија не „генерира хаос“ и не заговара продолжување на војната во Украина
Секретарот за надворешни работи на ОК, Купер кажа дека тие не ја поддржуваат идејата да се продолжат директни разговори со Путин. Но, тоа не значи дека „целта на Британија е продолжување на војната против Русија“, како што се тврди во објавата
ЕУ од почетокот на руската инвазија на Украина повикува на мир и никогаш не била за „продолжување на војната“, ниту како Унија ниту некоја поединечна држава како Британија. Секретарот за надворешни работи на ОК, Купер кажа дека тие не ја поддржуваат идејата да се продолжат директни разговори со Путин. Но, тоа не значи дека „целта на Британија е продолжување на војната против Русија“, како што се тврди во објавата
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Најновиот хаос генериран од Британија со цел продолжување на војната против Русија за кратко време заврши неуспешно. Не само што резултатот е НАТО против НАТО туку и ЕУ на колена пред Русија, молејќи ја и јавно Москва за разговори.
Во склоп на објавата на англиски јазик пишува и дека „Европа се оддалечува од САД и повикува на мир со Русија“.
Наспроти изнесеното, ЕУ отсекогаш повикуваше на мир од почетокот на воената инвазија што Русија ја почна во Украина во 2022 година и никогаш не била за „продолжување на војната“, ниту како Унија ниту некоја поединечна држава како Британија. За тоа сведочи хронолошкиот тек на изјавите од ЕУ од почетокот на воената инвазија до денес.
ЕУ ја осуди руската инвазија и експлицитно побара Русија веднаш да ги прекине воените дејствија и целосно да ги повлече своите сили од Украина на 24 февруари 2022.
Основното мировно барање на Европскиот совет од самиот почеток на инвазијата е Русија веднаш да ги прекине своите воени дејствија, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од целата територија на Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитетот и независноста на Украина.
Институциите на ЕУ и земјите членки постојано даваа слични изјави – на пример, на седници на ОБСЕ и во поврзани соопштенија, ЕУ и нејзините партнери повикаа Русија да ја прекине воената агресија и да ги повлече трупите. Санкциите, пак, беа јасно поврзани со целта на ЕУ за прекин на војната.
Неделава италијанската премиерка Џорџа Мелони, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц сигнализираа за нова отвореност за дијалог со Москва, а Мерц повика на „баланс во односите“ со Русија.
Мелони предупреди дека на Европа ѝ треба координиран пристап или ризикува „да му направи услуга на Путин“. Таа изјави дека „дојдено е времето исто така да разговараме со Русија и ако Европа разговара само со едната страна која е на теренот, се плашам дека придонесот што може да го даде ќе биде лимитиран“, пишува „Политико“.
Одговорот на секретарот за надворешни работи на Обединетото Кралство Ивет Купер гласи дека тие не ја поддржуваат идејата на лидерите на Франција и Италија да се продолжат директни разговори со Путин.
Мислам дека нѝ требаат докази дека Путин навистина сака мир во моментот. Уште не го гледам тоа. Она што го гледаме е голема посветеност од страна на Украина, но засега не гледаме докази дека Путин е подготвен да дојде на масата или да има дискусии, рече таа во интервју за Политико.
Тоа сепак не значи дека „целта на Британија е продолжување на војната против Русија“, ниту пак, дека нешто во таа смисла „завршило неуспешно“, како што се тврди во објавата.
Купер едноставно посочи дека центарот на дипломатските напори останува во Украина и кај блиските сојузници.
Ставовите на Европа останаа конзистентни во смисла на тоа дека и на почетокот на 2026 година Европската комисија издаде соопштение во кое се вели дека директните разговори со рускиот претседател Владимир Путин би морало да се случат „во некој момент“ ако се сака војната во Украина да заврши.
Мирот во Украина зависи од една единствена личност. Таа како што знаете е претседателот Путин. Така што, очигледно, во некој момент ќе мора да има разговори со претседателот Путин, изјави портпаролката на Европската Комисија Паула Пињо.
Британија нема генерирано „хаос со цел продолжување на војната“, како што тоа невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. НАТО не е против НАТО, ниту ЕУ е на колена пред Русија. ЕУ не е во војна со Русија, туку го поддржува украинското право на самоодбрана.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар