Британија, Шпанија, САД и Австралија одамна не ги репресираат домородните јазици

Фото: Graphic was made by Jonasz in CDR file format on GFDL licence, to SVG converted by Piotr Michał Jaworski, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Објавата тврди дека Британија, Шпанија, САД и Австралија „ги забрануваат домородните јазици“, но иако такво нешто се правело против ирскиот, велшкиот, шкотско-галскиот, каталонскиот, индијанските и абориџинските јазици, тие се сега признати или официјализирани, па дури се ревитализираат.

 

Објавата тврди дека Британија, Шпанија, САД и Австралија „ги забрануваат домородните јазици“, но иако такво нешто се правело против ирскиот, велшкиот, шкотско-галскиот, каталонскиот, индијанските и абориџинските јазици, тие се сега признати или официјализирани, па дури се ревитализираат. Објавата тврди и дека „ирскиот јазик е забранет во Ирска“, која е „под британска власт“, но Република Ирска е независна држава, чиј официјален јазик е токму ирскиот, кој не така одамна стана официјален дури и во Северна Ирска, која е реално под британска власт

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

Во денешниот  „демократски“ атлантистички Запад забранети се следнива јазици: Македонскиот во Грција ( и во Бугарија), Ирскиот во Ирска, Галскиот шкотски во Шкотска, Велшкиот во Велс (сите три под британско владеење), Каталонскиот во Шпанија, јазикот на домородните Индијанци во САД и јазикот на Абориџаните (домородните) во Австралија.

Ова се застарени информации или дезинформации, што детално ќе го аргументираме, а исклучок е само делот околу Грција и Бугарија, но тоа е само мал процент од објавата.

Ирска

Ирска е остров, поголем дел од кој спаѓа во Република Ирска, а остатокот во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Значи, цела Ирска не е „под британско владеење“ како што тврди објавата, а Република Ирска си е независна држава, во која ирскиот јазик не само што не е забранет, туку е официјален согласно чл. 8, став 1 од Уставот, кој вели:

Ирскиот јазик како национален јазик е прв официјален јазик

Но, таму е многу присутен и англискиот јазик, кој е втор официјален согласно чл. 8, став 2 од Уставот, а причината за тоа е следна. Во минатото, сиот остров бил под британска власт, која го наметнувала англискиот и го репресирала ирскиот јазик. Додуша, степенот на угнетеност зависел од историскиот период и не мора да значи дека ирскиот јазик бил постојано и целосно забранет.

Ирците го говореле во секојдневието, а и печателе понекои книги и весници на тој јазик, особено при крајот на 19 век и почетокот на следниот. Но, тоа биле приватни инцијативи, кои немале поддршка од власта, која ги дискриминирала говорителите на тој јазик или ги гледала со сомнеж.

По поделбата на островот, тие негативности продолжиле во С. Ирска, но со тек на времето тоа се подобрило, па во 2022 г. бил донесен Актот за идентитетот и јазикот, со што ирскиот јазик станал во добра мера официјален и сега може факултативно да се изучува, да се користи на суд и сл.

Патем, објавата ја претставува Ирска како атлантистичка, што не е целосно точно. Република Ирска ја следи таа атлантистичка идеја и соработува со земјите во тој дел од Атлантикот, но во тоа, сепак, не оди докрај, па не е членка на Северноатлантската алијанса, попозната како НАТО.

Шкотска

Вистина е дека галскиот јазик во Шкотска бил репресиран од страна на британските власти во полза на англискиот, поради што тој таму се наметнал, но со собранискиот Акт за галскиот јазик во Шкотска од 2005 г., тој таму се здоби со еден вид на официјален статус, па тој таму не е забранет.

Велиме „еден вид“, затоа што официјалната употреба на галскиот јазик не ја покрива буквално цела Шкотска, туку само оние делови, кај што тој има значаен број на говорители.

Велс

И велшкиот јазик некогаш бил репресиран, но тој денес има најдобра позиција од сите јазици во Обединетото Кралство, освен англискиот. Така, на пример, изучувањето на ирскиот јазик во С. Ирска е факултативно, изучувањето на галскиот јазик во Шкотска е предимно факултативно, а изучувањето на велшкиот јазик во Велс е задолжително.

Благодарение на таа подобра промоција и заштита, која произлегува од Актот за велшкиот јазик (1993), Мерката за велшкиот јазик (2011) и Актот за велшкиот јазик во образованието (2005), тој доживува преродба, што, иронично, е нешто сосема спротивно од она што го тврди објавата.

Каталонија

Каталонскиот јазик не само што не е забранет во Шпанија, туку е во официјален во нејзината автономна заедница (или покраина) Каталонија, но и на автономните Балеарски Острови. Вистина е дека тој јазик бил репресиран во Шпанија, особено под фашизоидната диктатура на Франциско Франко во периодот 1939 – 1975 г., но ситуацијата е сега сосема поинаква.

Домородните јазици во САД и Австралија

Јазикот на индијанското племе Сијукси има официјален статус во американската сојузна држава Јужна Дакота, хавајскиот – во сојузната држава Хаваи, а во Алјаска таков статус имаат дури 20 домородни јазици (ескимски и индијански).

Индијанските племиња во САД се признати како т.н. Суверени нации, па си имаат свои територии (резервати и сл.), на кои можат да ги прогласуваат своите јазици за официјални и да ги користат во својата администрација.

Во 1990 г. бил донесен Актот за домородните американски јазици, по што следеле и други акти, а сето тоа придонесува за подобра заштита и промоција на тие јазици. Во 2017 г. австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс донесе таков Акт за јазиците на тамошните Абориџини.

Неспорно е дека САД и Австралија ги угнетувале домородните народи, но тоа било во подалечното минато, а ситуацијата сега е подобрена. Можеби не идеална, но, сепак, подобрена.

Што е мотивот на објавата и за што таа молчи?

Објавата е од еден Фејсбук-профил, кого повеќепати сме го забележувале во ширење на проруски, проирански и општо антизападни дезинформации, кои сме ги побивале: тука, тука, тука, тука и тука, па мотивот за објавата е ширење пропаганда, а не некаква грижа за загрозените јазици.

Објавата селективно рони „крокодилски солзи“ за домородните народи во западните земји, но, интересно, не и за оние во Русија, кај што тие народи и нивните јазици се загрозени од силната русификација или се на граница на исчезнување, а некои се веќе исчезнати (извори: тука, тука, тука, тука, тука и тука). Такви јазици во Русија се: алеутскиот, керекскиот, орокскиот, ителменскиот, кетскиот, тофаларскиот, чулимскиот, евенкскиот, енецкиот и др.

Доста од тие народи се сибирски и тие дури физички потсетуваат на Индијанци или Ескими, а руските освојувачи брутално им ја одзеле земјата, создавајќи империја на дури три континенти, кај што спаѓала дури и Алјаска, но објавата за тоа нималку не се интересира.

Таа изнесува застарени податоци како да се актуелни, а ако е веќе така, зошто тука не се наведени и забраните за украинскиот јазик како Валуевскот циркулар (1863) и Емскиот указ (1876), кои биле спроведувани под Руската Империја, или, пак, нејзината забрана за полскиот јазик?

Објавата молчи и за гонењето на украинскиот јазик под актуелната руска окупација, како и за загрозеноста на белорускиот јазик во неговата сопствена земја – Белорусија. Тој таму е систематски потиснуван во полза на рускиот, па дури ни претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, не говори на белоруски, туку речиси исклучиво на руски.

Повеќе од јасно е дека објавата е тенденциозна и дезинформаторска, од што има само мал исклучок на кого посочивме на почетокот, па објавата ја оценуваме како делумно невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција