Британскиот војник кој загинал во Украина, не бил на фронтот

Украински војник Фото: Ministry of Defense of Ukraine, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Oфицијални британски воени или владини извори не потврдуваат распоредување на борбени сили како регуларна армија. Еuvsdisinfo оценува дека дел од ваквите тврдења се дезинформација.

Oфицијални британски воени или владини извори не потврдуваат распоредување на борбени сили како регуларна армија. Еuvsdisinfo оценува дека дел од ваквите тврдења се дезинформација

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Британската влада не може да признае дека нивните војници гинат во Украина, па затоа ѝ кажува на јавноста дека загинале во ракетна несреќа во стилот на „Wile E. Coyote“.

Наведениот стил „Wile E. Coyote“ алудира на ликот на којотот од анимираните филмови кој секогаш трагично завршува во залудните напори да ја улови брзата птица итрица.

Во склоп на објавата има и фотографија од известување од британското Министерство за одбрана во кое се посочува:

Со длабоко жалење мораме да соопштиме дека припадник на Британските вооружени сили загина утрово, вторник 9 декември, во Украина. Тој беше повреден во трагична несреќа додека набљудуваше украински сили како тестираат нова одбранбена способност, далеку од фронтовската линија. Семејството е известено и нашите мисли се со нив во ова тажно и тешко време.

Известувањето е објавено и на официјалната Фејсбук страница на Министерството.

Ден потоа, британското министерство за одбрана на Фејсбук го потврдило идентитетот на загинатиот војник.

Со тага мора да потврдиме дека припадникот на Британските вооружени сили кој загина во Украина во вторник, 9 декември, е помладиот десетар Џорџ Хули од Падобранскиот полк. Тој имаше 28 години. Нашите мисли се со семејството и пријателите на помладиот десетар Хули во ова неверојатно тешко време.

Како што е посочува во објавата на Министерството, војникот загинал во трагична несреќа додека набљудувал украински сили како тестираат нова одбранбена способност, далеку од фронтовската линија. Значи, тој не се борел на фронтот како што тоа сака да го прикаже објавата која ја анализираме.

Наративот во објавата е на иста линија со наративот на Русија.

Лондон мора искрено да признае што правел нивниот Хули таму. Се чини дека можеби некој во Британија почнал внимателно да го подготвува јавното мислење на својата земја за воени загуби во Украина што би било невозможно едноставно да се сокријат и да продолжат да се прикриваат,  рече портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

Нема докази од јавни извори („The Guardian“, „Al Jazeera“, британско министерство за одбрана и сл.) дека Велика Британија има војници распоредени во Украина, ниту пак, дека загинале нејзини војници.

Бројките на жртвите во војната генерално се поврзани со руските и украинските сили, а не со војници од Велика Британија на фронтот како директни борбени единици.

Постојат статии (на пример, локални медиуми или протечени извештаи) кои тврдат дека „британски војници“ се присутни „на терен“ во Украина.

Меѓутоа, официјални британски воени или владини извори не потврдуваат распоредување на борбени сили како регуларна армија. Еuvsdisinfo оценува дека дел од ваквите тврдења се дезинформација.

Ова е про-Кремљ дезинформативен наратив во контекст на руската агресивна војна против Украина. Широка коалиција од над 50 земји, вклучувајќи ги и земјите-членки на НАТО, ја поддржува Украина со воена и техничка помош, но трупите на Алијансата не се борат на фронтот. Претставниците на НАТО имаат чести контакти со своите украински колеги, но нема трупи на НАТО на фронтот. Странците кои служат во Меѓународната легија на Украина се целосно легални војници на вооружените сили на Украина, а не платеници. Странските волонтери, кои официјално се приклучија на редовите на вооружените сили на Украина, во согласност со протоколот на Женевските конвенции од 1977 година (Дел I, член 1), се борат против руските окупатори во Украина легално, бидејќи се дел од структурата на потчинување на украинските владини агенции, наведува Еuvsdisinfo во својата анализа.

Поранешниот британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, во 2024 година, исто така негираше дека има британски војници на фронтот во Украина.

Ние не испраќаме британски трупи на терен во Украина… Тоа е секако ставот на Велика Британија и останува став на Велика Британија во овој момент.

Според документ на британскиот Парламент (Commons Library Research Briefing), министер за одбрана Лук Полард, изјавил:

Став на британската влада е дека немаме и нема да испратиме британски трупи за борбени улоги во Украина.

Во истиот документ се наведува дека „тренингот … ќе продолжи“ преку програмата Operation Interflex, но тоа е одделено од борбени операции.

Вистиномер и претходно има дебанкирано слични дезинформации, како на пример дека германски војници се борат во Украина.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција