Британско-руски аналитичар го толкува говорот на Путин: Неизбежно е разбивање на хегемонијата на Западот

Фото: Принтскрин, Јутјуб, https://bit.ly/3EpAnmW

Константин Кисин, руско-британски комичар и политички коментатор кој пишува за голем број светски мејнстрим медиуми, на Твитер даде свое гледиште во однос на говорот на Путин, обидувајќи се да го преведе на јазик за секој да може да ги разбере дури и скриените пораки на рускиот претседател, откако тој ја објави анексијата на четирите украински региони. Кисин, чија сопруга е Украинка, е редовен соработник на Би-Би-Си, АјТиВи, објавува публикации во Телеграф, Спектатор, Квилет, Дејли Мејл и често е опишуван како „објективен глас од центарот на политичкиот спектар“

Константин Кисин, руско-британски комичар и политички коментатор кој пишува за голем број светски мејнстрим медиуми, на Твитер даде свое гледиште во однос на говорот на Путин, обидувајќи се да го преведе на јазик за секој да може да ги разбере дури и скриените пораки на рускиот претседател, откако тој ја објави анексијата на четирите украински региони

 

Пишува: Мери Јордановска

 

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот (30.09.2022 г.) објави формална анексија на четири региони на Украина, потег што Украина и западните сили го осудија како незаконски. Речиси 40 минути Путин говореше за распадот на Советскиот Сојуз, за западната „колонијална политика“, нуклеарното оружје и за неговиот поглед на т.н. „западен морал“, а неговиот говор се обидоа да го одгатнат голем број светски медиуми.

Знаете дека референдуми се одржаа во Доњецк, Запорожје, Херсон и Луганск. Гласовите се преброени и народот дефинитивно одлучил, без никакво сомневање. Денеска ќе ги потпишеме договорите за анексија. Ова е волја на милиони луѓе, го започна својот говор рускиот претседател Владимир Путин.

Говорот на Путин на моменти беше полн со незадоволство, на моменти апокалиптичен, понекогаш месијански, но во најголем дел, беше насочен против Западот.

Константин Кисин, руско-британски комичар и политички коментатор, кој пишува за голем број светски мејнстрим медиуми, на Твитер даде свое гледиште во однос на говорот на Путин, обидувајќи се да го „преведе“ на јазик за секој да може да ги разбере дури и скриените пораки на рускиот претседател.

Како и сите манипулатори, Путин не го кажува јасно и гласно она што точно сака да го каже, туку го затскрива зад многу терминологија и реторика со цел да не ја збуни руската јавност, затоа што многу од неговите тврдења се однесуваат на минатото и Путин постојано прави обиди исотријата да ја преслика во сегашноста и да го обвини денешниот Запад за постапки кои се случувале пред 70, 150 години, па и неколку векови наназад. Ваквото оцрнување на Западот му е потребно за да ја оправда агресијата врз Украина. А, за ова манипулација да му помине, тој мора да ја прикрие зад „празен од“ или стилски и ораторски фигури.

Подолу следи говорот на Путин исчистен од сите терминолошки и манипулативни магли, искажан со разбирлив јазик и во кратка форма, за разлика од фактичкото 40-минутно беседење на Путин, откако тој објави анексија на четирите украински региони. Во овој говор Путин отиде најдалеку со манипулациите, дезинформациите и изместување на контекстот, како и оцрнување на Западот. Токму затоа е важно да се прочита неговиот говор во ваква јасна и недвосмислена форма:

Поредокот заснован на правила што го спроведува Западот е „глупост“. Кој ги направи овие правила? Кој се согласи со нив? Русија е античка земја и цивилизација и ние нема да играме по овие „наместени“ правила. Западот нема морален авторитет да ги оспорува референдумите, бидејќи ги загрозува границите на други држави. Западните елити се „тоталитарни, деспотски и апартхејдистички“ – директен цитат. Тие се расисти против Русија и другите земји и нации. „Русофобијата е расизам“. Тие дискриминираат, нарекувајќи се себе „цивилизиран свет“.

Тие колонизираа, ја започнаа глобалната трговија со робови, вршеа геноцид врз домородци Американци, ја ограбија Индија и Африка, ја принудија Кина да купува опиум преку војна. Ние, од друга страна, сме горди што го „водевме“ антиколонијалното движење, кое им помогна на земјите да се развијат, за да ја намалат сиромаштијата и нееднаквоста.

Тие се русофоби (нè мразат) затоа што не дозволивме да ни ја ограбат државата со создавање силна ЦЕНТРАЛИЗИРАНА (со нагласок: неговата) држава заснована на христијанството, исламот, јудаизмот и будизмот. Тие се обидуваат да ја дестабилизираат нашата земја уште од 17 век во времето на неволјите. На крајот од 20-иот век успеаја да „пружат рака кон нашите богатства“. Нè нарекуваа пријатели и партнери додека испумпуваа трилиони долари (неговата иронија деновиве е многу засилена).

Се сеќаваме на ова. Не заборавивме. Западот тврди дека носи слобода и демократија во другите земји, но тоа е сосема спротивно од вистината. Еднополарниот свет е антидемократски по својата природа. Тоа е лага. Тие користеа нуклеарно оружје, создавајќи преседан. Тие ги срамнија германските градови без „било каква воена потреба за да го сторат тоа“. Немаше потреба за ова, освен да нè плашат нас и остатокот од светот. Кореја, Виетнам. Тие до ден денес ги „окупираат“ Јапонија, Јужна Кореја и Германија и други земји додека цинично ги нарекуваат „сојузници“.

Западот има надзор над водачите на овие народи кои „ги голтаат овие навреди како робови какви што се“. Потоа зборува за истражување на биолошко оружје (не сум слушнал за ова веќе некое време) и човечки експерименти „вклучително и во Украина“.

Тие ги решија проблемите на почетокот на 20-иот век со Првата светска војна, а САД воспоставија доминација во светот преку доларот како резултат на Втората светска војна. Во 80-тите имаа уште една криза што ја решија со „ограбување на нашата земја“. Сега сакаат да си ги решат проблемите со „кршење на Русија“.

Русија „ја разбира својата одговорност пред меѓународната заедница“ и „ќе направи сè за да ги излади главите на овие неоколонијалци на кои им е судено да пропаднат“. Тие се луди. Сакам да зборувам со сите руски граѓани, дали сакаме да ги замениме мама и тато со родителот 1 и 2?

Тие ги измислија половите и тврдат дека можете да „транзитирате“. Дали го сакаме ова за нашите деца? Ние имаме поинаква визија. Тие ја напуштија религијата и го прифатија сатанизмот – директен цитат.

Светот минува низ револуционерна трансформација. Мултиполарниот свет им нуди на нациите слобода да се развиваат како што сакаат и тие го сочинуваат мнозинството од светот. Имаме многу истомисленици во западните земји. Ја гледаме и ја цениме нивната поддршка.

Има ослободителни, антиколонијални движења, додека зборуваме – директен цитат. Тие само ќе растат. Ние се бориме за праведен свет за нашата земја. Идејата за исклучителност е криминална и мора да ја свртиме оваа срамна страница. Разбивањето на хегемонијата на Западот е НЕИЗБЕЖНО (нагласено од негова страна).

Нема враќање назад. Се бориме за нашата „голема, историска Русија“. Нашите вредности се (иронија, крешендо): љубов кон нашиот ближен, сочувство и милост. Вистината е со нас, Русија е со нас.

Голем број странски медиуми се обидоа да ги извадат клучните поенти од говорот на Путин и нивното значење. Како клучни поенти, Ал Џезира ги нагласи „бранењето на нашата земја“, „пораката до Киев“, „истекувањето на гас од цевките на гасоводот Северен тек“, „западниот империјализам“, „нуклеарниот преседан“, и „западниот морал“.

Се разбира, тешко е да се оправда и аргументира тврдењето, на пример, дека „западните елити се тоталитарни, деспотски и апртхејдистички“. Затоа Путин не се ни обидува, освен во еден момент кога вели дека Советскиот Сојуз се ставил на страната на анти-колонијализмот. Но, денешна Русија не е Советскиот Сојуз од пред 50 или 60 години, а плус ни работите не се толку едноставни. Поранешниот СССР беше на страната на анти-колонијализмот затоа што тоа за него беше и политички корисно со оглед на тогаш актуелната Студена војна меѓу Западот и Истокот. На крајот, колонијализмот не пропадна заради ангажманот на СССР, туку заради немањето волја за негово одржување од страна на Западот, големите противења на домашните јавности во западните земји во кои анти-колонијалистичките ставови веќе одамна беа созреани, противењето на пошироката меѓународна јавност, како и заради силните автохтони револуционерни и национални движења во некои колонии. Ова е само еден пример на симплифицирање на историјата во говорот на Путин, а има многу такви.

Но, уште поважно е тоа што во својот говор тој говорише премногу за историјата, а ништо за актуелната војна во Украина и многу малку за проблемите со кои се соочува светот денес, а кој тој самиот го врли во вртлогот на неизвесност со својата империјално поткрепена агресија врз соседна земја.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција