Брижит Макрон не била родена како маж

Брижит и Емануел Макрон | The Kremlin, Moscow, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Во септември 2024 година, две жени коишто први ја проширија невистината дека Брижит Макрон е „родена како машко“, судски се осудени од кривичниот суд на Париз да ѝ платат отштета на сопругата на претседателот за клеветата што ја сторија против неа ширејќи такви лаги. Тужбата ја поднесе самата сопруга на францускиот претседател.

Во септември 2024 година, две жени коишто први ја проширија невистината дека Брижит Макрон е „родена како машко“, судски се осудени од кривичниот суд на Париз да ѝ платат отштета на сопругата на претседателот за клеветата што ја сторија против неа ширејќи такви лаги. Тужбата ја поднесе самата сопруга на францускиот претседател

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

По мрежите, а сега и некои национални медиуми во Франција ја споделуваат информацијата дека 40 годишниот возрасен човек кој имал односи со 15 годишно дете, во суштина бил маж. Во суштина ова е лицето на ЕУ и заПАДнатиот свет, кој е подигнат на школите на Рим и Атина и политичка определба на 50% Македонци. Еден е изборот!?

Во објавата се споделува одамна демантирана невистина, дека сопругата на Емануел Макрон „била маж“. Во конкретната ситуација во постот што го рецензираме, лажно се тврди дека Макрон, чија сопруга е 24 години повозрасна од него, всушност „била маж“. Дополнително се користи таа дезинформација за да се сатанизира западното општество и да се каже дека „ова е лицето на ЕУ“.

На една од фотографиите во објавата без никаква корелација се споделува фотографија од посетата на Макрон на островот Сен Мартен на Карибите, една година откако тој беше погоден од ураган. Фотографијата предизвика контроверзи и критики затоа што еден од луѓето на неа направи непримерен гест, а другото лице на фотографијата само што излегло од отслужување казна затвор.

Макрон ја правдаше својата средба со лицата на оваа фотографија со тоа што ги сака сите деца на Републиката, дури и тие што направиле грешки, објасни дека му порачал на младиот човек да не прави повеќе грешки, да не оди во затвор и дека „неговата мајка заслужува подобро“. Потоа посочи и дека овие двајца млади луѓе на фотографијата му донеле девојче со хендикеп за да го поздрави. Ниту првата, ниту втората фотографија во објавата што ја рецензираме не може да се стави во контекст на „лицето на ЕУ и на западниот свет“.

Што се однесува на делот од фотографијата на која се наоѓа сопругата на Макрон, Брижит Макрон – станува збор за стара невистина. Би-Би-Си уште во 2021 извести дека таа ги тужи сите оние кои што тврдат дека била родена како маж. Како што пишува Би Би Си, оваа теорија на заговор е пласирана во пресрет на претседателските избори во пролетта 2022 година.

Сопругата на претседателот на Франција со тужба ѝ се спротистави на теоријата на заговор која кружи на интернетот (а и во објавата што ја рецензираме) дека е „трансродова и дека е родена како машко“. Првата дама на Франција се најде на мета на социјалните мрежи каде бројни тврдења за оваа невистина беа објавувани од страна на теоретичари на заговори. 

Овие невистини одеа дотаму што се тврдеше дека „е родена како машко под името Жан Мишел Троњо“. Името на социјалните мрежи се споменуваше десетици илјади пати.

„Ројтерс“ нотираше дека во оваа хајка против Брижит Макрон постоеа и споделувани беа различни фабрикувани фотографии за да се претстави „како таа наводно изгледала во детството кога била родена како машко“. Но, станува збор за невистина и за фотографии кои што не се веродостојни туку креирани со помош на алатки.

Во септември 2024 година, две жени кои што први ја проширија невистината дека Брижит Макрон е „родена како машко“, судски се осудени од кривичниот суд на Париз да ѝ платат отштета на сопругата на претседателот за клеветата што ја сторија против неа ширејќи такви лаги.

Двете жени играа главна улога во пропагандата со ваква содржина во 2021 година на начин што имаа долго интервју над 4 часа, презентирајќи се како „независни новинарки“ на тема „завера“ „измама“ и „државна лага“ за која тврдеа дека ја откриле. Во четиричасовното интервју на Јутјуб, двете жени покажаа фотографии од Брижит Макрон и нејзиното семејство, зборуваа за „операции што таа ги имала“, тврдеа дека не е мајката на нејзините 3 деца и издадоа лични податоци за нејзиниот брат, пишува француски „Ле монд“.

Според адвокатот на Макрон, Жан Еночи, не станува збор за победа со оваа пресуда – туку за вообичаено применување на правото.

На судењето адвокатот Еночи инсистираше дека оваа теорија на заговор предизвикала огромна штета предизвикана од лажните вести, кои се проширија низ целиот свет.

После видеото на Јутјуб, невистините досегнаа до широка публика, дури и во САД, каде оваа невистина стана вирална меѓу крајната десница за време на претседателската кампања во 2021 година. Неколку жени политичарки ширум светот се имаат соочено со вакви невистини дека се трансродови вклучително Мишел Обама, Камала Херис и поранешната премиерка на Нов Зеланд, Џакинда Ардерн.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција