Бројот на тестирани и новозаразени со корона вирусот не зависи од „фармакомафијата“

Фото: скриншот од дел од постот

Невистина е дека бројот на тестирања и бројот на новозаразени се „штелува“ за да се збогати „фармакомафијата“, зашто тоа не може да прави, а да не се забележи, ниту пак, состојбата со епидемијата со корона вирусот во земјата, дозволува една таква шпекулација. Во јавното здравство на тестирање одат лица упатени од матичен лекар, во приватното најчесто по сопствена проценка. „Фармакомафијата“ нe може да ја контролира епидемијата

Невистина е дека бројот на тестирања и бројот на новозаразени се „штелува“ за да се збогати „фармакомафијата“, зашто тоа не може да се прави, а да не се забележи, ниту, пак, состојбата со епидемијата со корона вирусот во земјата, дозволува една таква шпекулација. Во јавното здравство на тестирање одат лица упатени од матичен лекар, во приватното најчесто по сопствена проценка. „Фармакомафијата“ нe може да ја контролира епидемијата

 

Пост објава на Фејсбук на македонски јазик, преку математика на број на тестирања и број на заболени, ставени во контекст на фотографија – плакат, која покажува кои се директорите на неколку скопски клиники и нивната поврзаност со некои веледрогерии, невистинито тврди дека бројките со новозаразени се лага.

Во постот, кој веќе има приличен број споделување се наведува следното:

2500 тестирања вчера помножено со 4000 ден. За еден тест се добива сума од 10 милиони денари или во евра 150.000. На дневна основа. Имало толку тестирања? Може да може не. 6 месеци со темпо 100.000 евра на ден е 18 милиона евра за тестови. Заштитините средства башка. Увозниците, дистрибутерте и оние кои за задолжени за набавки…товрат со лопати.

За да има висок број тестирани…логично е да има висок број заразени (да се одржи набавката во ритам) Глупо е да има 2000 тестирани а 5 заболени…така?

До постот со ваква содржина објавена е фотографија – плаката на која може да се видат имиња на диектори на скопски клиники, графички поврзани или со министерот за здравство Венко Филипче или со некои од сопствениците на веледрогериите што оперираат во РСМ. Ваквата фотографија, заедно со содржината на постот, кој започнува со хаштаг #Фармакомафија, има за цел да ги убеди читателите во една голема невистина – дека бројот на тестираните во текот на еден ден и бројот на новозаразени од тој број на тестирани зависи од сопствениците на веледрогериите, од министерот Венко Филипче или од некој друг од здравствените власти, кои „ги штелуваат бројките“, сè со цел да има што поголем број новозаразени и што поголем број тестирања.

 

Погрешна математика

Како прво, математиката не е точна. Зашто вкупниот приход од тестовите, чија цена едно време беше 4.600 денари, а сега е помала, не може да се земеме како чист ќар, зашто од неa се одбиваат набавните цени на тестовите и други трошоци кон државата, плус работната рака и трошоците на лабораториите каде што се прават.

Второ, основно, бројот на тестирања или бројот на новозаразени не зависи од ничија волја. Се прават онолку тестови за колку што има потреба. Во државните лаборатории се прават тестирања согласно вкупните закажани што ги пријавиле матичните лекари, согласно алгоритмите за тоа кој треба да се тестира. Другите тестови ги прават приватните лаборатории или лабораториите во поголемите приватни клиники.

Еве, на пример, како изгледала состојбата на 18.10.2020 година, според статистиката на Институтот за јавно здравје на РСМ. Тој ден имало вкупно 771 тестови, од кои 368 во Институт за јавно здравје – вирусологија, 45 во Центарот за јавно здравје – Скопје и 7 тестови на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје. Тоа се вкупно 420 тестови. Останатите 351 тестови за тој ден ги направиле приватните лаборатории и приватните клиники. Бројките се однесуваат за во недела, кога вообичано се прават мал број тестирања.

Во работен ден бројките на тестирања се многу поголеми, при што соодносот е обратен. Во јавното здравство се прават помалку тестирања од приватното поради капацитетите. Тоа може да се види од статистиката за 17.10.2020 година, кога во јавните здравствени установи се направени 754 тестови, наспроти 1.099 тестови во приватното здравство. Она што е клучно е дека во јавното здравство тестовите не се наплаќаат, а во приватното се наплаќаат во цел износ. Во јавното одат лица упатени од матичните лекари по појава на симптоми. Во приватното одат лица кои сами изразиле желба да се тестираат, а можеби не спаѓаат во лица кои би требало да се тестираат.

 

Бројката на тестирања зависи од епидемиолошката состојба

Според тоа, вкупниот број тестирани и вкупниот број позитивни не ги одредуваат лабораториите, туку состојбата со епидемијата во дадените денови. Тоа не зависи од веледрогериите, ниту од Филипче. Зависи од ширењето на корона вирусот во општеството, а дали и колку заработуваат веледрогериите ќе зависи, исто така, од состојбата со корона вирусот. Зашто, не постои никаква логика да се лажат пациенти дека се заразени и да немаат никакви симптоми, бидејќи една таква претпоставена ситуација брзо би се открила со голем број пријави од самите пациенти или, пак, од самата статистика на заболени, хоспитализирани и слично.

Досега во РСМ нема ама баш ниту еден полупоказател, а камо ли факт дека бројките на новозаразените „се штелувале“ од некакви причини. Има јавен сомнеж дека тоа се случувало во Србија пред изборите пред неколку месеци, но со бројот на починатите.

Трето, поврзано со аргументацијата дека бројките растат и на тестовите, а дека намерно имало високи бројки на новозаразени поради потребите на фармакомафијата….Ако е така, тогаш е тоа некоја поврзана фармакомафија во цел свет. Зашто јавноста е сведок дека бројките енормно се зголемуваат секаде – и во регионот и во светот со паѓањето на надворешната температура, со завршувањето на летните одмори и почетокот на училиштата и факултетите, со поголемо групирање во јавниот превоз и во угостителските објекти во затворен простор, итн.

Оттука, пост објавата на Фејсбук што е предмет на нашата рецензија содржи невистина по линијата теорија на заговор, во случајот „фармакомафија“. Невистина е дека бројот на тестирања и бројот на новозаразени се „штелува“ за да се збогати „фармакомафијата“, зашто тоа не може да прави, а да не се забележи, ниту, пак, состојбата со епидемијата со корона вирусот во земјата дозволува една таква шпекулација. Бројот на пациенти во клиниките со средна или тешка клиничка слика е реалност, исто како што се реланост и бројката на секојдневно умирање во Ковид болниците или во домашни услови како последица на заболувањето со Ковид-19.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција