Бројот на живородени деца, со исклучоци, континуирано паѓа од 2011 година!

Влатко Ѓорчев. Фото: Вебсајт на ВМРО-ДПМНЕ

 

Освен бројот на живородени деца, кој во 2006 година изнесувал 22.585, а во 2016 година 23.002, што е навистина одреден благ пораст, треба да се одговори на прашањето зошто од 2010 година, кога бројот на живородени деца стигнал до над 24 илјади, тој е во постојано опаѓање и за време на владите на ВМРО-ДПМНЕ? Што се случило во 2011 година за драматичен, што би рекол Ѓорчев, пад од над 1.500 помалку новородени живи деца?

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Пратеникот и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, на прес конференција одржана на 30.08.2018 година изнесе нeцелосни податоци и извртенa вистинa, односно спин, кој се однесува на причините за намалувањето на живородените деца во Република Македонија:

Значи, 2017 година благодарение на анти-семејните, анти-економски политики на владата на Заев, ние имавме историски најмал број на родени деца 21.700 родени деца. Сега на тие 21.700 историски најмал број на родени деца во 2017 година, дополнителниот пад само во вториот квартал изнесува 6.3 проценти. Фрапантни бројки.

Ви додал уште нешто. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, почитувани присутни, беше единствената влада во јужниот дел на Европа која што го зголеми бројот на родени деца од 2006 до 2016 година. Бројот на родени деца во 2005-2006 година беше 22.482 родени деца, оставивме 23.075 деца. Тоа е зголемување од речиси три проценти во текот на овој десетгодишен период…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб сајтдатум: 30.08.2018]

 

Контраспин: Влатко Ѓорчев не е политичар од вчера за да не знае што зборува, во смисла да не ги проверува податоците или да зборува напамет. Но, она што го изнесе како заклучок на прес конференција во врска со намалувањето на бројот на населението во Република Македонија, од аспект на живородените деца, делува токму така. Зашто, многу е паушално да се оцени една политика за анти-семејна, анти-економска, само ако се споредува бројот на живородените деца во 2017 година и вториот квартал на 2018 г. Но, извртувањето на вистината, односно спинот кај Ѓорчев е очигледен и во делот дека ВМРО-ДПМНЕ била единствената партија на власт која успеала од Македонија да направи единствена земја со зголемување на природниот прираст, не кажувајќи притоа дека оваа партија имала и драматични и континуирани паѓања на бројките по однос на ова прашање.

Вистиномер ги провери статистиките за период од 2006 до 2018 година. Од нив може да се види контиуниран тренд на намалување на природниот прираст, иако во некои од годините имало и зголемување, а во некои драматично намалување што би рекол Ѓорчев.

 

ДРАМАТИЧЕН ПАД НА ЖИВОРОДЕНИ ДЕЦА ВО 2011 ГОДИНА

Во 2010 година Државниот завод за статистика излегол со податок дека во 2009 година бил забележан пораст на природниот прираст од над 3 отсто, бидејќи во таа година се родиле за над 700 живородени деца повеќе отколку во 2008 година. Вкупниот број на живородени деца изнесувал 23.684 деца

Во листата на сите соопштенија на Заводот за оваа тема, во 2011 година го нема соопштението кое редовно се објавува во јуни со податоци за преходната година. Но, од следното соопштение од 2012 година и од Макстат базата, може да се види дека во 2010 година биле родени 24.296 живородени деца.

Во тоа соопштение од 2012 година, Државниот завод за статистика сооопштува, што би рекол Ѓорчев, за драматичен пад од 6,3 отсто. Имено, во 2011 година имало 22.770 живородени деца, односно 1.526 деца помалку од претходната 2010-та година!

Во 2012 година, пак, ДЗС забележал повторно зголемување од 3,5 отсто во однос на 2011 година, односно во 2012 г. се родиле 23.568 живи деца – се наведува во соопштението на ДСЗ од 2013 г.

Во 2013 година, бројот на живородени деца повторно опаѓа. Во таа година се родиле 23.138 деца што претставува опаѓање од околу 2 отсто во однос на 2012 г., соопштил ДСЗ .

Наредната, 2014 година овие околу 2 отсто пад на некој начин се анулирале, зашто во 2014 година е забележан пораст на живородените од 458 деца повеќе во споредба со 2013 г., односно тогаш имало 23.596 живородени деца.

Во 2015 година, според истиот извор повторно имаме пад од 2,2 отсто, затоа што во таа година бројот на живородени деца изнесувал 23.075 деца, односно за 521 дете помалку од претходната година.

Во 2016 година намалувањето е благо – од 0,3 отсто, зашто што биле родени 23.002 деца, односно за 73 деца помалку од 2015 година. Изворот е ист – соопштение на ДЗС.

Во 2017 година, бројките од статистичарите од ДСЗ покажуваат намалување за над 5 отсто, односно биле родени 21.754 живородени деца, односно помалку се родиле 1.248 деца во однос на 2016 година. Но, за да се тврди дека тоа е резултат на анти-семејните политики на Заев, треба прецизна статистика одново по квартали, зашто СДСМ ја презеде владата на 01.јуни 2017 г. а дотогаш на власт сè уште беше ВМРО-ДПМНЕ.

Статистиката што ја изнесува Ѓорчев за вториот квартал од 2018 година, цитирајќи го ДСЗ, едноставно не може да се земе како податок од кој може да се градат трендови и прецизни заклучоци, зашто е податок што се однесува на едно тромесечие, споредено со истиот период во 2017 година.

 

БРОЈОТ НА ДЕЦА КОНТИНУИРАНО ПАЃА СО ГОДИНИ

Но, кој е сеопфатниот заклучок за овој 10-годишен период? Што може недвосмислено да се заклучи од статистиката во последните 10-тина и повеќе години? Бројот на новородени живи деца во РМ е во бавен, но континуиран пад, без оглед на годините на благи порасти и тоа поточно од 2011 година.

 

Табела: Број на живородени деца од 2007 до 2017 година

2007г. 2008г. 2009г. 2010г. 2011г. 2012г. 2013г. 2014г. 2015г. 2016г.
22.585 22.945 23.684 24.296 22.270 23.586 23.138 23.596 23.075 23.002

Извор: ДСЗ – Макстат база, Преглед за природно движење на население по години

 

Навистина, во 2007 година, прва цела година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, имало благ пораст од 100-тина живородени деца повеќе, кој продолжил и во 2008 година. Но, веќе во 2009 година има пад, па во 2010 пораст од 612 живородени деца повеќе од претходната година.

Но, што да се каже за драматичниот пад, што би рекол Ѓорчев, во 2011 година од 6,3 отсто, односно 1.526 деца помалку од 2010 година? Според логиката која ѝ ја нуди на јавноста, тоа би можело да биде било резултат на анти-семејните и анти-економските политики на ВМРО-ДПМНЕ, односно на владата на Груевски!?

Освен што бројот на живородени деца, кој во 2006 година изнесувал 22.585, а во 2016 година 23.002, што е навистина одреден благ пораст, треба да се одговори на прашањето зошто од 2010 година, кога бројот на живородени деца стигнал до над 24 илјади, тој е во постојано опаѓање и за време на владите на ВМРО-ДПМНЕ? Што се случило во 2011 година за драматичен пад од над 1.500 помалку новородени живи деца?

Покрај ова, за какви заклучоци може да стане збор ако континуирано во сите години на владеење на ВМРО-ДПМНЕ бројот на починати деца при породувањето се движи околу 200 на годишно ниво? Конечно, какви заклучоци може да се изведат по логиката на Ѓорчев, ако се знае дека во последните две децении, според Светска банка, од земјава се иселиле околу 600 илјади граѓани?  Кога, во кои години иселувањето, кое е континуиран процес, било најдраматично? Дали можеби 2011 година е една од таквите екстремно критични?

За подобри научни сознанија, секако, би помогнал и сеопфатен попис на населението, онаков каков што ВМРО-ДПМНЕ не успеа да го спроведе во 2011 година. Многу подобри законски прописи околу регистрирање на миграциите, исто така, би дошле добро. Движењето на населението, живородените, умрените, отселените, итн. се состојби кои се зависни од премногу фактори, иако политиките на една влада, секако, се еден од значајните фактори.

Но, природните трендови, како што е сè помалиот број деца во една заедница, миграциите како глобален тренд на образованите, миграциите од принуда поради лоша економска или друга политика, бесперспективноста и слично, се голем композит од елементи кои треба серизно и научно да се истражат. Научната јавност треба да го даде и одговорот на прашањето зошто се раѓаат помалку деца.

Тврдењето, какво што го изнесе Ѓорчев, за анти-семејни и анти-економски политики на владата на Зоран Заев е само паушално спинување во јавноста, односно политикантство и извртување на вистината, зашто бројките што ги наведовме во овој текст говорат дека трендовите, какви и да се, имаат повеќе причини и никако не можат да припишат само на една влада и една власт.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција