Бугарите од Скопје го фатија во лага „Телеграф“ дека е скршена спомен-плочата на Мара Бунева

Целосно лажна вест дека наводно повторно била скршена спомен-плочата на Мара Бунева, објавена во бугарскиот весник „Телеграф“ разоткри Лазар Младенов, претседателот на Управниот одбор на Бугарски културен клуб Скопје.

Тој на својот Фејсбук-профил објави фотографија од вест објавена вчера на 8-та страница од бугарскиот весник „Телеграф“ која освен што носи наслов „Пак ја скршија плочата на Мара Бунева“, почнува со лажното тврдење дека „србоманите и оваа година ја скршиле спомен-плочата на Мара Бунева“. Дополнително, во веста има и „изјава“ од Лазар Младенов, која е целосно измислена. Текстот е потпишан од Румен Жерев, кој е потпишан како дописник на „Телеграф медија“.

Младенов веднаш под фотографијата од лажната вест во „Телеграф“ постави негова фотографија од негибнатата спомен-плоча, до која е вчерашното издание (14 јануари 2020) година на весникот „Слободен печат“ за да потврди дека станува збор за невистина, односно целосна измислица.

„Една фотографија на денешен Телеграф“, во кој е објавена ноторна лага, и фотографија на плочата на Мара Бунева, со весник до денешен датум, со што се потврдува лагата! Прашањето е  кому му служат провокациите од ваков тип? Кој има интерес за нарушени односи помеѓу Бугарија и Македонија? Точни ли се гласините од извори блиски до ВУЧИЌ дека за некого во Софија е неопходно плочата да биде скршена!?“, гласи постот на Младенов.

Подолу, во еден од многуте коментари под постот, Младенов вели и дека во веста се лаже дека дал изјава, со што негира дека „изјавата“ во текстот е вистинита.

„Најновото сквернавење на местото на погибијата на Мара Бунева е акт на безумство, безидејност и беспомошност“’ коментира Лазар Младенов за ,Телеграф’“, гласи делот од текстот кој Младенов исто така го отфрли како целосна измислица, негирајќи во коментарите дека на Жерев му дал таква изјава.

Да бидат работите уште поинтересни, во коментарите се вклучува и профил со името „Румен Жерев“ (наводниот „дописник“ и автор на текстот) и со фотографија на постар маж кој изгледа исто како фотографијата ставена како негов потпис до лажната вест.

 

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција