Бугарски медиум извртува факти од интервјуто на Заев за грчка „Алфа“

 

Интервјуто на премиерот Зоран Заев за грчката телевизија „Алфа“ предизвика голем интерес на јавноста и дома и кај соседите, па вест за тоа беше објавена и во бугарскиот медиум „Факти“, но, со погрешно цитирање.

„Факти“ во веста под насловСеверна Македонија присвојуваше туѓа историја“, информирајќи ги своите читатели дека Заев признал дека „крадевме историја од своите соседи и од светот“, вели дека во изминатите неколку месеци „тој се обидува да постигне договори со соседните држави на Македонија за културното наследство“

Притоа, конкретниот цитиран пасус што треба да го оправда насловот и главата на веста во бугарскот медиум „Факти“ гласи:

Ние правевме обиди да ја пренапишеме историјата, присвојувајќи факти од минатото на нашите соседи и од целиот свет. Така си дадовме автогол. На тој начин сами си ги затворивме вратите кон НАТО и кон ЕУ. Сега се обидуваме тоа да го промениме – изјави Заев.

„Факти“ се повикуваат на белградскиот портал „Б 92“, чиј цитат е најсличен со она што го вадат медиумите во Македонија и кој се разликува во еден дел од цитатот што го употребил бугарскиот медиум.

„Б 92“: Нашиот обид да се промени нашата историја со преземање на светска, балканска и туѓа, притоа не водејќи сметка како тоа влијае врз нашите соседи, доведе до тоа да бидеме во спор со речиси сите соседи. На тој начин се затворија сите ЕУ и НАТО интегративни процеси.

Повеќето македонски медиуми цитатот го пренесуваат во еднина – „обид“ (точно фокусиран и насочен на одреден период), потоа никаде не стои „крадење факти“, туку „преземање на светска, балканска и туѓа“, употребен е зборот „извитопери“, т.е. искриви и, конечно, никаде го нема зборот „автогол“.

Најцитирана е оваа верзија од интервјуто:

Во минатото обидот да се промени и извитопери нашата историја со преземање на светска, балканска и туѓа историја како наша, без да се води сметка како тоа влијае кај соседите се предизвика состојба да бидеме буквално скарани скоро со сите соседи и се затворија сите процеси за интеграција во ЕУ и НАТО.

Со други зборови, со погрешниот, или поточно – со многу непрецизниот цитат –  бугарскиот медиум го засилува впечатокот на она што Заев го кажал, а дополнително, непрецизно информира дека тој (лично!?) сега се обидува да постигне договори за културното наследство, зашто станува збор за работа на комисии кои се веќе сооставен дел од договорите со Бугарија и со Грција.

 

(преземено од: Мета.мк)

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција