Булеварот „Босна и Херцеговина“ во Скопје е пуштен во употреба

Фото: skopje.gov.mk

Ветувањето на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов за надградување на улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар, дадено за локалните избори  во октомври 2017 година,   е  исполнето. Изградбата на споменатата сообраќајница е целосно завршна во текот на мај, а деновиве булеварот беше пуштен во употреба

 

Во предизборната програма на кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов за локалните избори во 2017 година е дадено следното ветувње:

Ја надградуваме улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар. Го пренасочуваме фреквентниот сообраќај од урбаните крвни садови во вените на градот Скопје. Одговараме на барањата на граѓаните од општината Бутел со системско решение. Оваа градска магистрала ќе ги поврзе булеварот „Словенечка“ и ново планираниот булевар „Хрватска“. Мобилност за сите!

 [Извор:  Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.35 – датум, октомври 2017 г. ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова ветување на градоначалникот Петре Шилегов, кое е дел од инфраструктурните ветување и е сместено во делот од изборната програма, насловен: „Синергија на градот со општините“/Скопје- Бутел (стр.35), е исполнето.

Имено, изградбата на булеварот „Босна и Херцеговина“ заврши во текот на мај оваа година, а на 19 мај тој беше пуштен во употреба.

Во информацијата од веб-порталот на Град Скопје се наведува дека:

Станува збор за целосно нов булевар со вкупна должина од околу 1.700 метри, ширина од 40 метри, со 6 коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки, средишно и странично зеленило од двете страни и ново улично осветлување, од булевар „Словенија“ до булевар „ Христијан Тодоровски Карпош“.

На прес-конференцијата по повод отворањето на булеварот градоначалникот Шилегов информираше дека за реализацијата на овој капитален проект од Буџетот на Град Скопје се потрошени околу 100 милиони денари. Со ваквата инвестиција поранешната истоимена улица изградена пред 40 – на години, широка 7 метри, се претвори во  булевар.

 

Фото: skopje.gov.mk

Изградбата на оваа сообраќајница започна на крајот на септември 2018 година. Во мај 2020 година е завршена првата и започна изведбата на втората фаза. Шилегов тогаш  кажа дека малку се доцни со проектот „поради инфраструктурни проблеми на кои се наишло при пробивање на трасата“, истовремено  тој изрази надеж дека во „во наредните десетина месеци ќе дојде до спојување на трасата“:

Очекуваме во наредните десетина месеци да дојде до спојување со трасата на булеварот „Босна и Херцеговина“, која веќе се работи. Граѓаните на Бутел, Чаир, Шуто Оризари и на Железара ќе имаат целосно булеварско решение, со кое се спојуваат булеварот „Словенија“, „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“.

Според оваа прогноза на скопскиот градоначалник, булеварот требаше да биде завршен во март – април оваа година. Тој е пуштен во употреба во мај, еден – два месеца подоцна од првичниот рок на Шилегов, но тоа сепак, не влијае на генералната оценка што се дава во овој текст.

„Вистиномер“ го анализираше  ова ветување на Шилегов во мај 2020 година и тогаш го оцени како делумно исполнето, а сега со вчерашното пуштање во употреба на булеварот, ветувањето го сметаме за исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција