Цената на вакцините не ја одредува нивната ефикасноста
Вакцинацијата е јавен интерес, глобално јавно добро. Набавката на вакцини е сложен процес составен од фаза на пред купување (идентификување на потребите, избирање претходно квалификувани производи и добавувачи, воспоставување спецификации и законски критериуми, подготовка за наддавање и евалуација) и фаза по купувањето (обезбедување достапност, навременост, следење на безбедноста и изведба на известување). Овој циклус вклучува континуирана интеракција помеѓу професионалците од јавното здравје, националните креатори на политики, меѓународните регулатори (на пример, СЗО, ЕУ) и производителите. Обезбедувањето навремен пристап до вакцини по пристапни цени е признаено како глобален приоритет на јавното здравје. Токму поради овие фактори може да се постигне пониска цена, која нема никакво влијание на ефикасноста
Вакцинацијата е јавен интерес, глобално јавно добро. Набавката на вакцини е сложен процес составен од фаза на пред купување (идентификување на потребите, избирање претходно квалификувани производи и добавувачи, воспоставување спецификации и законски критериуми, подготовка за наддавање и евалуација) и фаза по купувањето (обезбедување достапност, навременост, следење на безбедноста и изведба на известување). Овој циклус вклучува континуирана интеракција помеѓу професионалците од јавното здравје, националните креатори на политики, меѓународните регулатори (на пример, СЗО, ЕУ) и производителите. Обезбедувањето навремен пристап до вакцини по пристапни цени е признаено како глобален приоритет на јавното здравје. Токму поради овие фактори може да се постигне пониска цена, која нема никакво влијание на ефикасноста
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се тврди дека вакцините не се ефикасни, бидејќи имаат ниска цена.
Ова тврдење е извадено од контекст.
Во постот стои:
Доколку вакцините беа ефикасни, цената ќе им беше огромна ретко кој ќе можеше да плати. Исто како за другите прескапи лекарства.
Прво, вакцинацијата е јавен интерес, глобално јавно добро, а цената на вакцините нема никаква допирна точка со ефикасноста. Од друга страна не е точно и дека сите ефикасни лекови се прескапи, напротив има и евтини и достапни.
Вакцините, иако се скапи во развој, тие имаат широка примена, наменети за голема популација и затоа цената по единица вакцина е ниска. Вакцинацијата е главната алатка за примарна превенција од болести и една од најисплатливите мерки на јавното здравје. Има големи придобивки зашто трошоците кога некој невакциниран ќе се разболи се многу повисоки.
Цената на дозите на вакцините е поттикната од два трошока: трошок за истражување и развој (R&D) и трошок за производство.
За производство на нови вакцини, трошоците за истражување и развој може да бидат повисоки отколку за воспоставените вакцини; новите и технолошки напредни вакцини често имаат повисоки производствени трошоци и веројатно ќе бидат на пазарот за пократки временски периоди бидејќи може брзо да се заменат со комбинирани вакцини.
Во случајот на производство на вакцини САРС-КоВ-2, владите, билатералните и мултилатералните организации, невладините организации (НВО) и приватните компании финансираа истражување и развој на вакцините. Ова ги зголемува стимулациите за производство на вакцини и го намалува ризикот од загуба на капитал, односно ги намалува трошоците.
Понатаму, вакцините имаат долгорочна употреба и се користат со генерации, така што цената по единечна вакцина паѓа уште повеќе.
Повеќето вакцини имаат долг животен циклус; некои вакцини што се користат денес беа развиени во 1940-тите и 1950-тите и остануваат суштински непроменети .
Постигнувањето големо производство и долгите животни циклуси на производите им помагаат на производителите да произведуваат по ниска цена и да ги вратат своите инвестиции во истражување и развој на вакцини.
Набавката на вакцини е сложен процес, а механизмите за набавка се наменети за постигнување на целите на правичност, пристапност и висока покриеност со вакцинација.
Во најголем број земји вакцините ги купуваат националните здравствени системи за целото население, што значи дека добиваат поевтини цени по единица вакцина.
Во некои случаи, каде што суверените интереси на земјите не можат лесно да се координираат за глобална цел што е многу потребна, се вклучува меѓународната заедница, често заедно со филантропското финансирање. Мисијата на Алијансата за вакцини ГАВИ е добар пример за ова, во неа група партнери одлучија да иновираат начини за да се осигурат дека вакцинацијата на децата ќе биде достапна за секој на кој му е потребна.
ГАВИ, пак, обединува многу сиромашни земји и за сите нив се купуваат вакцини одеднаш, за цената по вакцина да биде ниска.
Како дел од својата мисија да спасува животи и да го заштити здравјето на луѓето преку зголемување на правичната и одржлива употреба на вакцините, ГАВИ помогна да се вакцинираат повеќе од 1,1 милијарда деца во 78 земји со пониски приходи, спречувајќи повеќе од 18,8 милиони идни смртни случаи.
Влијанието на ГАВИ се потпира на силните страни на нејзините основни партнери, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ, Светската банка и Фондацијата Гејтс и игра клучна улога во зајакнувањето на примарната здравствена заштита.
ГАВИ, исто така, работи со донатори, вклучувајќи суверени влади, фондации од приватниот сектор и корпоративни партнери; НВО, групи за застапување, професионални и здруженија на заедницата, верски организации и академија; производители на вакцини, вклучувајќи ги и оние на пазарите во развој; истражувачки и технички здравствени институти…
Фармацевтските компании со седиште во индустријализираните земји помагаат да обезбедат соодветно снабдување со соодветни вакцини преку ГАВИ за луѓето кои живеат во најсиромашните земји во светот.
Ефикасноста на лековите не оди „рака под рака“ со цената
Во однос на скапите лекови, не е точно дека сите се скапи. Има многу ефикасни лекови кои не се воопшто скапи. Скапи се новите лекови, во првите години односно сè додека не се појават генерички варијанти. Таков пример се антибиотиците, кои се ефикасни, а не се скапи. На почеток биле скапи, имало проблем со производството, во Втората светска војна приоритет била армијата и дури после накај 1949 ги добиле и обичните граѓани. А после извесен период се појавиле генерички антибиотици и тие многу поевтиниле.
Во фармацевтската индустрија, варијацијата на цените е поврзана со заштита на патент, голема инвестиција за истражување и развој и ниски трошоци за производство – честопати доведува до широк спектар на цени за даден фармацевтски производ.
Болниците, клиниките и организациите за одржување на здравјето, кои купуваат лекови директно од производителите и влијаат на практиките за препишување на лекарите честопати плаќаат помалку за ист производ отколку аптеките на мало.
Ефикасните лекови не значи дека се скапи, најчесто скапи се новите лекови зашто тие се нови, во нив се има вложено многу пари и се гледа што повеќе од тие пари дадени за истражување и развој да се повратат, но по извесен период, се појавуваат генерички лекови и цената им паѓа.
Генеричките лекови во просек се 80–85 отсто поевтини од лековите.
Придобивките од вакцинацијата односно нивната ефикасност е докажана низ вековите
За секој долар инвестиран во вакцинација во 94-те земји со најниски приходи во светот, 16 американски долари се очекува да бидат заштедени во здравствени трошоци, изгубени плати и изгубена продуктивност поради болест и смрт.
Ако вклучиме пошироки придобивки, како што е вредноста што луѓето ја ставаат на поздравиот, подолг живот и долгорочниот товар на инвалидитет, нето-приносот се зголемува на 44 УСД по инвестиран долар.
Вакцините спречуваат околу 6 милиони смртни случаи годишно. Надвор од превенцијата на морбидитетот и морталитетот, работниците се попродуктивни, економскиот раст е поголем и правичноста е зголемена.
Имунизацијата преку вакцинација е докажано најдобрата одбрана против сериозни, превентивни, а понекогаш и смртоносни заразни болести.
Благодарение на широко распространетата вакцинација, големите сипаници е искоренета, Европа се ослободи од детската парализа и многу други болести денес се речиси елиминирани.
Повеќе од 100 милиони деца во светот се вакцинираат годишно против болести како што се дифтерија, тетанус, пертусис, туберкулоза, детска парализа, сипаници и хепатитис Б.
Според Светската здравствена организација (СЗО), вакцинацијата спречува околу 2-3 милиони смртни случаи во светот секоја година и ги намалува трошоците за лекување специфични за болеста, вклучувајќи ги и антимикробните третмани.
Од сите изнесени факти може да заклучиме дека цената на вакцините нема допирни точки со ефикасноста на вакцините. Така што ова тврдење го класифицираме како извадено од контекст.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар