Центарот за зависности во Кисела Вода не е дислоциран

Акција за расчистување медицински отпад пред Центарот за зависници во Кисела Вода, 2018 | Фото: Министерство за здравство

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во кампањата за локалните избори во 2021 година, меѓу другото најави и дислокација на објектот во кој е сместен Центарот за зависности, кој ќе биде заменет со зеленило како составен дел од идниот рекреативен центар „Св. Ѓорѓи“. Три години по неговиот мандат, Центарот сè уште функционира, на големо незадоволство на граѓаните.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во кампањата за локалните избори во 2021 година, меѓу другото најави и дислокација на објектот во кој е сместен Центарот за зависности, кој ќе биде заменет со зеленило како составен дел од идниот рекреативен центар „Св. Ѓорѓи“. Три години по неговиот мандат, Центарот сè уште функционира, на големо незадоволство на граѓаните

 

Во предизборната програма за локалните избори што се одржаа на 17 октомври 2021 година, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина“, во делот „Приоритетни проекти на Општина Кисела Вода за сите луѓе“, вети дислокација на Центарот (болницата) за зависности и изградба на Културно-рекреативен центар „Св. Ѓорѓи“ на негово место.

Ветување: ДИСЛОКАЦИЈА НА БОЛНИЦАТА НА ЗАВИСНИЦИ. Веднаш по преземањето на власта ќе отпочнеме постапка за измена и дополна на ДУП за Блок 20.7, со кој градежната парцела 4.68, за која сега е предвидена болницата, ќе ја замениме со зеленило (Д3), парцела која ќе биде составен дел од Рекреативниот центар „Св. Ѓорѓи“. По бришењето на маркицата ќе објавиме рок до кога Министерството за здравство ќе мора да ја дислоцира Болницата со цел реализација на Рекреативниот центар „Св. Ѓорѓи“. Доколку во утврдениот рок не се дислоцира Болницата, Општината ќе ги преземе сите законски мерки за рушење на Болницата и реализација на урбанистичкиот план.

[Извор: Платформа „Гарантираме за Кисела Вода – Создади нова иднина“; датум: 17.10.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Освен во програмата објавена во печатена и електронска форма, Орце Ѓорѓиевски како кандидат за градоначалник на Кисела Вода од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, гарантираше дислокација на Центарот за зависности и во медиумите и на социјалните мрежи.

Гарантирам дислокација на центарот за зависници во Кисела Вода, проблем кој со децении ги мачи граѓаните на општината. Потребите на сите граѓани ќе бидат задоволени, но не може да се нарушува мирот и безбедноста на 100-тици семејства. Нашата општина има богата историја токму во населба Кисела Вода каде е сместен центарот името го добива и општината. На местото на Центарот за зависници ќе изградиме модерен рекреативен центар кој ќе ги задоволи потребите на сите наши сограѓани. A, за оние наши сограѓани кои имаат потреба од метадонска терапија ќе обезбедиме соодветни, хумани и модерни услови каде ќе ја примаат истата. Дополнително на таа локација ќе го обновиме и потпорниот ѕид на црквата Св. Ѓорѓија која датира од 19 век и ќе ги вратиме верниците во храмот. За година дена од сега ќе започнеме со изградба на новиот рекреативен центар Св. Ѓорѓија, се вели во објавата на неговиот ФБ профил од 9.10.2021 година.

Сепак, нешто повеќе од три години откако е избран за градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски не го исполни ветувањето од предизборната програма.

Објектот во кој е сместен Центарот за зависности бил замислен како временско решение за корисниците на метадонска терапија, но повеќе од 20 години им создава проблеми на граѓаните кои живеат во неговата околина. Низ овој Центар транзитираат околу 500 зависници неделно, а во неговата околина често пати биле забележувани употребени игли, шприцеви и шишенца со метадон. Во околината на Центарот се наоѓаат основното училиште „Круме Кепески“ и две детски градинки.

Медиумите неодамна (16.10.2024) повторно го потсетија Ѓорѓиевски за неоствареното предизборно ветување од пред три години за дислокација на Центарот за зависности, кој сè уште им создава проблеми на граѓаните.

Инаку, ветувањата за дислокација на Центарот за зависности – или барем дисперзија на корисниците на метадонска терапија според територијата на општината во која живеат – изминатава деценија беа бројни, посебно пред секој изборен циклус. Во 2018 година граѓаните организираа протест со блокирање сообраќајници, што резултираше со нови ветувања на тогашната локална и централна власт, но и тие не беа исполнети.

Актуелниот градоначалник Ѓорѓиевски неколку месеци по изборот, на почетокот на 2022 година, го повтори неговото ветување и гаранции дека ќе го дислоцира Центарот за зависности, велејќи дека темелите на денешна Кисела Вода се на таа локација и таа треба да претставува репрезентативно место.

Ова место треба и мора да биде репрезент на Општината во културна смисла, да биде локација која секој ќе може и ќе сака да ја посети, кое, ако гледаме пошироко, може да биде и место кое ќе биде основ за развој на локален туризам. Наспроти тоа, претходното раководство направи само бучава, даде лажни ветувања околу решавањето на овој проблем, а ги остави жителите сами да се снаоѓаат со немањето безбедност во овој дел на градот, со таложењето медицински инфективен отпад и со другите опасности што го нарушуваат квалитетот на нивното живеење. Овој проблем ќе биде целосно надминат, уверуваше Ѓорѓиевски пред две и пол години.

Но, Центарот за зависности не беше дислоциран ниту до 2023 година, ниту до денеска. Минатиот месец се појавија шпекулации дека, наводно, се подготвува преместување на Центарот за зависности на територија на Општина Центар – евентуално решение кое повторно предизвикува негативни реакции во јавноста. Шпекулациите до денес останаа непотврдени.

Според сето изнесено погоре, можеме да заклучиме дека ветувањето за дислокација на Центарот за зависности досега (19.11.2024) е неостварено.

 

Извори:

 

 

Оцени: Стојан Синадинов

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција