Чадиев и Коцевски повторно се борат за градоначалничката фотелја во Велес

Аце Коцевски и Славко Чадиев: реприза од пред 4 години во Велес

Кампања исполнета со обвинувања и речиси исти ветувања на двајцата ривали за градоначалник на Велес: Аце Коцевски од СДСМ и Славчо Чадиев од ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на тоа што кандидатите се исти како и на минатите локални избори пред 4 години, оваа кампања не се разликува многу од претходната. Тоа значи многу меѓусебни препукувања, подметнувања, лажни вести, како и неизбежните ветувања

Кампања исполнета со обвинувања и речиси исти ветувања на двајцата ривали за градоначалник на Велес: Аце Коцевски од СДСМ и Славчо Чадиев од ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на тоа што кандидатите се исти како и на минатите локални избори пред 4 години, оваа кампања не се разликува многу од претходната. Тоа значи многу меѓусебни препукувања, подметнувања, лажни вести, како и неизбежните ветувања

 

Пишува: Саше Димовски

 

Во предвечерието на лоаклните избори во Велес речиси сè е исто како пред четири години, кога сегашните фаворити на двете партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, Аце Коцевски и Славчо Чадиев ги одмеруваа силите. Разликата е во тоа што досегашниот градоначалник Чадиев се жали дека ако новата централна власт во изминатите четири месеци не го спречела со разни административни процедури, тој ќе реализирал уште некои од ветените проекти, а Аце Коцевски, кој најавува дека ќе победи и ќе стане градоначалник на Велес,  го потсетува Чадиев дека стана градоначалник во 2013 година со кражба на гласови, уцени и закани врз жителите на едно од велешките села, во кое Коцевски во првиот круг водеше со 300 гласа, а потоа изгуби со 300 гласа во вториот круг.

lOK-IZB

Јас бев морален победник на изборите во 2013 година. Заради заканите, уцените заплашувањето и купувањето нa гласови, беше изиграна волјата на граѓаните. Се случи класичен изборен инженеринг. Како е можно луѓето за само 14 дена да го сменат мислењето и таму каде што водев со 300 гласа да изгубам со 300 гласа. Тоа беше направено со закани, уцени и со пари, односно многу пари – вели Аце Коцевски, кандидат за градоначалник од СДСМ.

Чадиев реагира дека ќе ги реализирал неговите две најголеми ветувања: кружен тек над Гимназијата и проектот за затворен градски пазар, ветување кое не го реализирал 4 години и за кое беше повикуван од неговите ривали во текот на кампањата.

Во моментов ни треба само дозвола од МВР  за сообраќајно решение за кружниот тек. Барањето е доставено до СВР Велес пред 50 дена. Како и во претходниот случај со Градскиот пазар, полицијата застана во оваа кампања од страна на СДСМ  и на секој начин ги кочи добрите проекти – обвинува  Славчо Чадиев од ВМРО ДПМНЕ.

 

ЛАЖНИ ВЕСТИ, ЦРНА КАМПАЊА

Во оваа кампања не изостанаа и лажните вести, метод по кој стана познат Велес, откако десетина лажни сајтови регистрирани на адреси на велешани станаа дел од кампањата на Доналд Трамп, емитувајќи лажни вести за американските избори.

Се појавија портали на кои се постираа документи во кои се тврдеше дека во фирмата што ја има Аце Коцевски работниците се слабо платени, а за сметка на тоа, Коцевски, наводно, остварува профит. Овие информации поставени на порталите од, како што беа наречени, „свиркачите“, потоа беа пренесувани на електронските медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа кампања беше валкана, црна, гнасна кампања што се води против мене за што поднесов неколку кривични пријави. Имав и две закани на Фејсбук дека ќе ми извршат атентат. За ова пријавив во полиција и се води истрага – вели Коцевски.

На социјалните мрежи се појавија и фотографии од Славчо Чадиев како се забавува во дискотека со вработена во неговиот кабинет, при што се тврди дека градоначалникот наместо за интересите на граѓаните се грижи за своите задоволства, злоупотребувајќи ја позицијата.

 

СЕ ВЕТУВА:  ПАЗАР,  КРУЖЕН ТЕК, ОБИКОЛНИЦА…

Главните ветувања на Коцевски и Чадиев за развој на Велес не се разликуваат многу, па оттаму и обвинувањето на Чадиев, дека власта ги кочи неговите проекти, затоа што тие се предвидени во програмата на Аце Коцевски.

Неколку проекти кои веќе ги имам започнато се наоѓаат во програмата на мојот против кандидат и намерно се кочат. Но, граѓаните сето тоа го гледаат.  Тоа се дел од оние отв орени притисоци од страна на МВР   кое во нашиот град стана партиска структура на живеење на градот – обвинува Чадиев.

Аце Коцевски, пак, тврди дека Велес бил општина за респект додека тој бил градоначалник:

Четирите години на Чадиев треба што побрзо да ги заборавиме. Времето покажа дека Чадиев не е дораснат за толку важна и одговорна функција како што е функцијата градоначалник. Најголем доказ за тоа се лошите резултати во работењето. Сега Велес е општина задолжена до гуша со долгови од околу 3 милиони евра, превработена со заслужни партиски кадри, со голема корупција во урбанизмот и комуналната сфера – вели Аце Коцевски кој беше градоначалник на Велес до 2009 година.

Во програмата на Аце Коцевски наведени се проекти за изградба на затворен градски пазар со паркинг простор, катна гаража, изградба на паркинзи, колекторски систем со пречистителни станици, регионална фабрика за третман за цврст комунален отпад, обезбедување вода за пиење во неколку населени места околу Велес, фекални и канализациони мрежи, нови училишта, уредување на кејот на Вардар, гасификација на градот…

Славчо Чадиев и во новата програма ветува изградба на затворен пазар како нереализиран проект од првиот мандат, изградба на обиколница околу Велес, од потегот Башино село до Превалец, гасификација на градот, изградба на градинка, изградба на паркинг во близина на автобуската станица, реконструкција на над 80 улици во градот.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво во Велес меѓусебно се обвинуваа и за градското зеленило, дека Чадиев исекол дрва во паркот пред училиштето „Васил Главинов“ и не ги проширил зелените површини во градот. СДСМ бараше одговори во кампањата од Чадиев кој дал дозвола хотелот „Интернационал“ во центарот на градот да биде преправен во станови и дуќани без промена на урбанистичкиот план.

Велес има 54.714 илјади жители. На локалните избори во 2013 година кога Чадиев и Коцевски ги одмеруваа силите, од запишани 46.261 гласач, гласале 32.851 гласач, што во процени било 71,01% излезност. Во Велес и околните села се гласа на 74 избирачки места.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција