Чедомир Дамјановски: Ние немаме мандат никого да лустрираме од 15 јануари наваму

Чедомир Дамјановски
Чедомир Дамјановски, Комисија за лустрација Извор: 24 Вести | Датум: 04.02.2014

„Ние немаме мандат никого да лустрираме од 15 јануари наваму. Затоа што нас ни е истечен мандатот на 15 јануари. Во Законот пишува дека членовите на Комисијата се избираат за пет години, а мандатот на членовите престанува со истекот на времето за кое се избрани. Јас не знам како подобро да објаснам и на претседателот на Комисијата и на јавноста“

Образложение:

Според претседателот на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев, ваквото тврдење на Дамјановски е погрешно. Тој смета дека:

Комисијата ќе го загуби мандатот оној ден кога со Одлука на Собранието ќе биде избрана новата Комисија. Еден државен орган не може да си дозволи да има вакум во неговото функционирање

Во членот шест, став еден од Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција (на кој се повикува Дамјановски),  се вели:

Комисијата е составена од 11 члена, односно од претседател, заменик-претседател и девет члена кои ги избира и разрешува Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници од редот на личности со висок личен и професионален интегритет. Членовите на Комисијата се избираат за време од пет години.

Во членот 39, став два е наведено:

 

Мандатот на членовите на Комисијата избрани согласно со Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ број 14/2008, 64/2009 и 24/11) престанува со истекот на времето за кое се избрани согласно со Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ број 14/2008, 64/2009 и 24/11).

Професорот на  Факултетот за правни науки на ФОН Универзитетот, Осман Кадриу, во изјава за еден дневен весник вели:

Ако Комисијата продолжи да работи со овој состав, за мене е спорно. Мислам дека нивниот мандат е завршен и треба да се избере нова Комисија. Во спротивно, во иднина сите нивни решенија ќе треба да се оспорат.

Изборот на новиот состав на Комисијата  повеќе од еден месец е заглавен во Собранието, поради неможност да се обезбеди двотретинско мнозинство – минимум 82 гласа.

Актуелните членовите на Комисијата за верификација на фактите се избрани на 15 јануари 2009 година. Според наведеното во Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција, мандатот на членовите на Комисијата престанал на 15 јануари 2014 година.

Имајќи го предвид сето ова, изјавата на Дамјановски дека членовите на Комисијата немаат мандат никого да лустрираат, затоа што мандатот им е истечен на 15 јануари, е вистинита.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција