Чедомир Јовановиќ не е во инвалидска количка поради ковид вакцина, туку поради операција на грбот

Здравствените проблеми што довеле до тоа  политичарот Чедомир Јовановиќ да биде во инвалидска количка немаат никаква врска со неговата вакцинација против ковид-19. Според објавите во медиумите, во октомври годинава Јовановиќ имал комплексна операција на грбот, а се оперирал поради повреда што ја здобил во минатото во текот на планинарска експедиција. Снимката од Јовановиќ во инвалидска количка е од 15 ноември 2024 година кога тој присуствувал на погребот на бизнисменот Миодраг Костиќ

Здравствените проблеми што довеле до тоа  политичарот Чедомир Јовановиќ да биде во инвалидска количка немаат никаква врска со неговата вакцинација против ковид-19. Според објавите во медиумите, во октомври годинава Јовановиќ имал комплексна операција на грбот, а се оперирал поради повреда што ја здобил во минатото во текот на планинарска експедиција. Снимката од Јовановиќ во инвалидска количка е од 15 ноември 2024 година кога тој присуствувал на погребот на бизнисменот Миодраг Костиќ

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал од човек во инвалидска количка со роза во раката, кој неколку години пред да настане тоа видео се фотографирал додека ја прима вакцината против ковид-19. Во описот на објавата пишува:

За жал, „затупен, наивко, лекомислен, добро неинформиран“. Како и многу граѓани. Околу 45 проценти од светската популација!

Во продолжение на објавата на српски јазик се кажува дека „повикувал на вакцинација и се вакцинирал“ и дека „краток е патот од повик за вакцинација до инвалидска количка“.

Меѓутоа, како што пишуваат проверувачите на факти на Раскринкавање, оваа снимка која се наоѓа и во објавата што ја рецензираме, а на која се наоѓа политичарот Чедомир Јовановиќ во инвалидска количка, не прикажува дека тој е во инвалидска количка поради вакцината, туку поради тоа што имал операција на грбот.

Чедомир Јовановиќ е политичар од Србија. Во снимката во објавата што ја рецензираме има и негова фотографија на која тој прима вакцина. Таа фотографија е автентична и е од 2021 година. Јовановиќ јавно говореше за својата вакцинација против ковид-19 и ги повикуваше и другите да се вакцинираат. За неговата вакцинација известуваа бројни медиуми, кои ја објавија истата фотографија.

Снимката од Јовановиќ во инвалидска количка е од 15 ноември 2024 година кога тој присуствувал на погребот на бизнисменот Миодраг Костиќ. Јовановиќ користи инвалидска количка поради тоа што имал операција на грбот. Според објавите во медиумите, во октомври годинава Јовановиќ имал комплексна операција на грбот. Грбот го оперирал поради повреда што ја здобил во минатото, во текот на планинарска експедиција. Здравствените проблеми што доведоа до тоа Чедомир Јовановиќ да биде во инвалидска количка немаат никаква врска со неговата вакцинација против ковид-19.

Чедомир Јовановиќ не е првата проминентна личност чија здравствена состојба теоретичарите на заговори против вакцинацијата ја поврзуваат со ковид вакцините. Како што Вистиномер претходно објави, слични манипулации се ширеа и за други личности во тактиката која ја користат дезинформациските канали – за сите здравствени компликации и дијагнози да ги обвинуваат вакцините без никакви докази.

Вакцините наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, се проверени, испитани и контролирани и до ден денешен подлежат на контрола во смисла на тоа дека се следат преку системите за фармаковигиланца во земјите ширум светот. Не е точно наведеното во објавата дека „45 проценти од населението во светот било неинформирано“ кога се вакцинирало против ковид 19. Сите состојки на вакцините беа јавно достапни, а граѓаните кои одлучија да се вакцинираат против ковид 19, претходно потпишаа изјава за согласност. Вакцините успеаја да помогнат да се спасат бројни животи и придонесоа значително за колективниот имунитет и ставањето под контрола на тоа што во одреден временски период беше светска пандемија на ковид 19.

Во објавата што ја рецензираме се додаваат и куп стари линкови споделени од истиот профил, во кои се изнесуваат невистини дека „вакцината против ковид била генетска терапија“, што Вистиномер веќе го има дебанкирано.

Во еден од тие линкови се споделува и теоријата на заговор дека „нè запрашуваат од небото“ за што, исто така, е јасно дека станува збор за невистина. 

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција