Четири илјади здравствени работници не беа вакцинирани за десетина дена

Фото: Принтскрин видео

На 16 февруари, еден ден пред почетокот на процесот на имунизација против коронавирусот, министерот за здравство Венко Филипче, во интервју за телевизија „Сител“ вети дека за десетина дена ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници што работат со пациенти заболени од ковид-19. Ова негово ветување  досега (01.03.2021) е  неисполнето.

Ние за десетина дена ми се чини ќе бидеме една од ретките земји во Европа во која што ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници кои што работат со ковид пациенти согласно нашиот план. (3:47- 4:00 минута од видеото)

Потоа на прашање од новинарката колку лица ќе се вакцинираат дневно во следниот период, министерот Филипче одговари:

Помеѓу 300 и 400 лица на ден. Започнуваме со институциите каде што се лечеа и сè уште се лечат пациенти со ковид. На Инфективната клиника, болницата 8-ми Септември, болницата Козле, Институтот за белодробни заболувања, сите интерни клиники кои што работеа со ковид пациенти. Од почетокот на следната недела и болниците ширум државата и приватните болници. (5:55-6:18 минута од видеото)

[Извор:Јутјуб –Тема на денот со министерот за здравство Венко Филипче, датум: 15.02.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Првите вакцини Македонија ги доби  на 14 февруари како донација од соседна Србија. Овие вакцини од „Фајзер“ се наменети за приоритетната група за вакцинирање, поточно за медицинскиот персонал што директно работи со заболени од ковид-19 и нивната имунизација започна на 17 февруари. Ден претходно, во телевизиско интервју, министерот Филипче кажа дека оваа приоритетна група ќе се вакцинира за десетина дена, односно дневно ќе се вакцинираат по 300-400 здравствени работници. Сепак, ваквите прогнози не се остварија.

Да, математика вели дека ако дневно се вакцинираат по 300-400 луѓе, за десетина дена ќе бидат вакцинирани околу 4.000 здравствени работници, што е вкупната бројка на здравствени работници кои  секојдневно и директно работат со пациенти заболени од коронавирусот и се во првата приоритетна група за вакцинирање.

Но, состојбата на терен е поинаква од онаа која што ја најави министерот. На 25.02.2021 г., односно девет дена по интервјуто на министерот, официјалната бројка на вакцинирани здравствени работници е 1677, што е два и пол пати помалку од вкупниот број на 4.000 здравствени работници. Тоа значи дека дневно не биле вакцинирани помеѓу 300 и 400 лица како што изјави министерот.

Тука, важно е да се напомене дека и овие вакцинирани здравствени работници не се целосно вакцинирани односно не им е завршен процесот на имунизација. Првите вакцинирани се со вакцината на Фајзер која што е во две дози а втората се прима после 21 ден. Тоа значи дека првите лица што се вакцинираа на 17 февруари, ревакцината ќе ја примат тек на 9-ти март и тогаш ќе може да се означат како дефинитивно вакцинирани, антителата ќе им бидат во пораст односно ќе створат имунитет.

Десетина дена по неговото интервју на „Сител“, не се случи целосна вакцинација на здравствените работници кои се во приоритетната група, туку  тој  даде нова прогноза. На 25 февруари при посетата на Поликлиниката Букурешт, Филипче  изјави – дека во следните десет до 14 дена ќе заврши овој процес на имунизација на здравствените работници.

Исклучително е висок процентот на здравствени работници кои што покажаа интерес да се вакцинираат. Ние во овој следен период од не повеќе од десетина до 14 дена ќе го завршиме процесот на имунизација на сите здравствени работници, близу 4.000 кои што работат со ковид пациенти. Навистина сме задоволни и од одѕивот и од тоа како се спроведува вакцинацијата. (11:07 – 11:32 минута од видеото)

Министерот вчера (28.02.2021), во гостување во Дневникот на „Канал 5“ телевизија, кажа дека „вакцинацијата со Фајзер одлично се одвива и околу 2.400 здравствени работници се веќе вакцинирани“. Притоа најави дека „следната недела бројката ќе достигне до 4000 односно, вакцина ќе примаат сите здравствени работници кои работат со ковид пациенти“.

Така што, имајќи ја предвид првичната проценка на министерот Филипче, дадена  на 15.02.2021г, дека вакцинацијата на 4.000 здравствени работници ќе заврши за десетина дена, а тоа досега (01.03.2021)  не се случи , неговото ветување го оценуваме како неисполнето.

 

 

Оцени: Симона Атанасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција