Членовите на ДИК немаат заменици

Фото: Скриншот

 

Зборувајќи за можноста СДСМ да ги повлече своите членови од ДИК и како во таква ситуација би работела Комисијата, професорот Оливер Андонов изјави:

Во тој случај ДИК може да функционира нормално и да носи одлуки, а нивното место може да го заземат замениците во Комисијата. Постои и можност Собранието да се свика и да изгласа членови на ДИК од другите партии.

[Извор: Телеграф   Датум: 08.04.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Откако опозициската СДСМ најави дека ќе ги бојкотира изборите на 5. јуни, партијата го разгледуваше и прашањето за повлекување на нејзините членови од Државната изборна комисија (ДИК). Притоа, се отвори дилемата: како во таков случај ќе функционира Комисијата? Во текст објавен на порталот Телеграф, професорот Оливер Андонов посочува дека  местата на членовите на СДСМ можат да ги заземат нивните заменици, или Собранието, кое е распуштено, може да се свика и да избере членови од другите партии. Ваквата изјава на професорот Андонов е невистината од неколку причини.

Прво, членовите на ДИК немаат заменици. Составот на ДИК е утврден во Изборниот законик на страна 42, кој предвидува:

Државната изборна комисија е составена од претседател, потпретседател и пет члена.

Со измените на Изборниот законик, усвоени поради Пржинскиот договор, утврдено е ДИК да има девет членови.

Измените на Изборниот законик што беa донесени како резултат на разговорите во рамки на договорот од 2 јуни /15 јули предвидуваат зголемување на бројот на членовите на ДИК. Така сега ДИК ќе биде составена од девет членови односно претседател и потпретседател и седум членови. Тие оваа функција ќе ја вршат професионално со право на повторен избор, а Собранието ќе избира нов состав за време од пет години најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот на постојниот состав.

Составот на ДИК може да се види и на официјалната веб страна на Комисијата.

Второ, професорот посочува дека Собранието може да се свика и да избере членови од другите партии. Уставот на Република Македонија пропишува дека:

Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.

Притоа, вонредната сотојба не е доволно прецизирана, поради што не може да се тврди дека изборот на нови членови на ДИК е вонредна состојба.

Исто така, не може да се тврди дека Собранието би избрало членови на ДИК од другите партии од причина што јасно е прецизирано дека членовите се бираат по принципот 3+3+3, односно, односно тројца членови да бидат на предлог на власта, тројца од опозицијата и на нив да им се приклучат тројца експерти.

Политички партии се договорија околу изборот на членови на ДИК, изборната комисија треба да се избира по формулата 3+3+3, односно тројца членови да бидат на предлог на власта, тројца од опозицијата и на нив да им се приклучат тројца експерти. Ова во интервју за телевизија Телма го изјави заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, што е прва официјална изјава на еден од директните актери во преговорите за тоа што е досега договорено на состаноците на работните групи за имплементацијата на договорот од Пржино.

Имајќи го предвид сето ова, може да се каже дека изјавата на професорот Андонов е невистинита.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар