Цитатот „Без Македонија ја нема Европа“ во книгата на Гимбутас не може да се најде

Терминот Македонија во книгата на историчарката Марија Гимбутас се користи исклучиво како географска одредница за регион каде што се откриени праисториски локалитети, а не како политички или современ културен идентитет.

Терминот „Македонија“ во книгата на литванско-американскиот археолог Марија Гимбутас се користи исклучиво како географска одредница за регион каде што се откриени праисториски локалитети

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

„Без Македонија ја нема Европа” – American Lithuanian Historian PhD Maria Gimbutiene, The Godess and Gods of old Europe, London, 1974, pp.33-54.

Во склоп на објавата има фотографија од авторката, археологот Марија Гимбутас. Вистиномер ја пронајде книгата што се споменува со наслов The Godess and Gods of old Europe, London, објавена во 1974 година. Со пребарување на терминот „Македонија“ во книгата, доаѓаме до резултатот дека името „Македонија“ се појавува 65 пати. Но, ниеднаш не е споменато дека „Без Македонија ја нема Европа“. Најголем дел од споменувањата се локации на археолошки наоѓалишта, како оние под илустрациите на артефакти. Ниту една современа држава не се истакнува како нешто посебно во смисла на национален-историски континуитет.

На пример на страна 32 во книгата се спомнува Македонија во следниот цитат:

Најмалку петстотини тумби што содржат материјални остатоци од Гумелница се регистрирани во Романија, Бугарија и источна Македонија, од кои околу триесет се систематски ископани. Самата локација Гумелница се наоѓа југоисточно од Букурешт на Дунав и била ископана помеѓу 1924 и 1960 година.

На страница 39 во книгата пишува дека „змијската жаба од локалитетот Неа Никомедија во Македонија е извонредно уметничко дело од седмиот милениум п.н.е“. На страна 82 во книгата пишува дека „фрагменти од коскени флејти или цевки се откриени во ископувањата на авторот во Анза, ​​Македонија, кои припаѓаат на периодот пред 6000 година п.н.е. (Гимбутас, 1972)“. На страна 95 пишува дека „во неолитскати Породин во Македонија се откриени бројни змии од керамика“. Во склоп на фотографиите во книгата има и фотографии од артефакти во близина на Битола. 

Фото: Принскрин

Во изданијата од 1974 и 1982 година, зборот „Macedonia“ се појавува во индексот како едно од географските места, заедно со други археолошки локалитети од југоисточна Европа (како Грција, Југославија, Бугарија, Винча, Тесалија итн.). Тоа значи дека терминот се користи исклучиво како географска одредница за регион каде што се откриени праисториски локалитети — а не како политички или современ културен идентитет. „Македонија“ во индексот се појавува покрај термини поврзани со фигурини, југоисточна Европа и други балкански региони, што укажува дека се однесува на археолошки наоди (неолитски артефакти, фигурини, керамика и сл.) од тој регион. Ова покажува дека терминот не се користи во современа национална или политичка смисла, туку како дел од археолошката класификација на праисториска југоисточна Европа.

На страна 135 се споменува раната населба Винеја во Македонија каде биле откриени голем број вазни со очи на божицата извајани во релјеф на цилиндричен врат. Има и фотографија од вазните.

Фото: Принскрин

Употребата на терминот „Македонија“ е строго археолошка и географска, поврзана со праисторискиот период (7–3 милениум п.н.е.).

На страна 176 пишува:

Керамика со релјефи или врежани репрезентации на фигури со кренати раце и раздвоени нозе се пронајдени од Тесалија и Македонија до северна Унгарија и Германија, каде што божицата е шематски гравирана на садови (многу илустрации за нив се дадени од Гулдер 1962).

Во книгата има фотографии од фигури од 4.500 години п.н.е. како што може да се види на следната фотографија од самата книга.

Фото: Принскрин

Потоа има и фотографија под која пишува дека винчанската цивилизација оставила ремек-дело во форма на свинска глава од Лесковица во близина на Штип во Македонија.

Фото: Принскрин

Зборот „Европа“ во книгата се споменува 301 пат, но се  користи и во поширока географска смисла кога се опишува ширењето на неолитското земјоделство во Европа, културните контакти низ Југоисточна и Централна Европа, археолошки региони како Балканот и Егејот, и во овој контекст, „Европа“ е географска одредница, а не политички или етнички поим.

Конкретниот цитат „без Македонија ја нема Европа“ во книгата го нема. Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција