COVID-19: Дезинформациите повторно го надвладеаја и светот и Балканот

Ian Muttoo: Creative Commons CC BY-NC-SA 2.0

Додека светот се обидува да се справи со една од најдалекусежните кризи во последните децении и додека многу аспекти на нормалниот живот низ целиот свет се компромитирани, одредена група од луѓе си ги изострија мечевите, односно, додека кризата во достигнува својот врв, тие решија да пишуваат многу повеќе на нивните компјутери.

Ковид-19, скратено од ‘болест коронавирус 2019’, (анг. COVID-19 – coronavirus disease 2019) предизвика бран на кампањи со лажни вести за кои се верува дека се спонзорирани од руски медиуми поврзани со највисокото ниво на политичка моќ во Русија.

Написи со вести за огромни воени операции и испраќања на војски во Европа од страна на големите светски играчи се појавија насекаде. Ваквите написи доаѓаат од сомнителни веб-страници за вести, креирани да личат на оригинални и сериозни медиуми од различни земји, обично од Запад.

Како и секогаш, написите се засноваат на вистински настани што обично биле објавени неколку дена порано, а потоа лажните написи се полнат со сите видови информации за истиот настан со цел вестите да бидат што е можно посензационалистички.

Но лажните вести се само еден елемент на дезинформација што секојдневно ја примаме и тоа со зголемена фреквенција за време на настаните што влијаат врз животите на голем број луѓе кои пак, при вакви ситуации, веднаш се претвораат во потенцијални читатели и кликови што генерираат приходи од реклами.

Деновиве, корисници на социјалните медиуми споделија написи или делови од написи во кои се зборува за дел од превентивните мерки што може да се преземат за спречување на ширењето на коронавирусот, како и мерки за самоизолација и социјално дистанцирање преземени од владите во многу земји, вклучително и Косово и Северна Македонија.

На пример, на Фејсбук беше објавен список на мерки што се советува да бидат преземени за спречување на ширењето на коронавирусот. Списокот беше споделуван од индивидуални корисници или групи формирани заради споделување совети и давање меѓусебна помош во виртуелните заедници.

Списокот се состоеше од совети за тоа како да се изврши самопреглед за коронавирус и други совети за тоа што значат одредени симптоми.

Доколку можете да го задржите здивот 10 секунди без кашлање или болка во пределот на градниот кош, вие сте добри, немате коронавирус “, гласи еден од советите.

Доколку носот ви е затнат или ви тече, тоа е само настинка, немате коронавирус“, гласи друг совет.

Меѓутоа, експертите не се согласуваат со ваквите совети.

Во написот објавен на веб-страницата на „Си-Ен-Ен“ во вторникот, се вели дека мерките на овој список „што се чини дека е напишан на апликацијата IPhone notes“ не се медицински поддржани. Тие биле лажно припишани на Одборот на болницатаСтенфорд.

Специјалист за заразни болести разговарал со „Си-Ен-Ен“ и помогнал во разоткривање на дезинформациите содржани во советите на овој список што се шират на интернет и брзо ги надминуваат јазичните бариери.

Во врска со постапката за самопроверка спомената погоре, д-р Роберт Легар Атмар за Си-Ен-Ен изјавил дека таа не не е точна, бидејќи кога некој има акутна вирусна инфекција дише со потешкотии затоа што патиштата за дишење се иритирани, но задржувањето на здивот 10 секунди не значи дека не е заразен со коронавирус.

Слично на тоа, експертот ги отфрли и другите тврдења на списокот, нарекувајќи ги митови.

Пост објавен на социјалниот канал на Твитер на Универзитетот Стенфорд реагираше на ширењето на оваа дезинформација, за која во голема мера се верува дека е креирана од сопственици на веб-страници за лажни вести во потрага по повеќе приходи во овие турбулентни времиња.

Споменатиот список се споделуваше на Фејсбук и на други социјални мрежи во текот на деновите кога владата на Косово воведе мерки во обид да го контролира ширењето на коронавирусот, откако официјално беа објавени првите случаи на заразени пациенти.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Агим Велиу, рече дека оние што шират лажни вести за мерките и други работи поврзани со корона вирусот ќе бидат соочени со законот и ќе бидат гонети. Слично предупредување изрече и Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија на 11 март.

Нема да има компромис. Сите оние што шират лажни вести ќе бидат санкционирани“, се вели во изјавата дадена од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.

Извршната директорка на Советот за етика во медиумите во Северна Македонија, Марина Тунева, обраќајќи се на медиумите, рече дека паниката може да предизвика чувство на преоптовареност со информации што доаѓаат од различни медиуми и во различни форми, а тоа би можело да предизвика недостиг на вистински информации, што, пак, предизвикува уште поголема штета.

Сепак, најголемите технолошки платформи во светот веќе ја увидоа заканата од лажните вести и дезинформациите кои кружат на интернет и најавија дека заедно се борат против измамите и дезинформациите за КОВИД-19.

Ариан Љумези

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција