Црквата на Светиот гроб во Ерусалим не е затворена за првпат во историјата
Иако е точно дека пристапот до Црквата на Светиот гроб во Ерусалим бил ограничен за време на ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран, тврдењата дека станува збор за „првпат во историјата“ се неточни и ја игнорираат претходната пракса на затворања во вонредни услови. Дополнително, нема веродостојни докази дека Иран посветил ракета во чест на Дева Марија или дека на оружје биле испишани политички пораки поврзани со Доналд Трамп.
Иако е точно дека пристапот до Црквата на Светиот гроб во Ерусалим бил ограничен за време на ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран, тврдењата дека станува збор за „првпат во историјата“ се неточни и ја игнорираат претходната пракса на затворања во вонредни услови. Дополнително, нема веродостојни докази дека Иран посветил ракета во чест на Дева Марија или дека на оружје биле испишани политички пораки поврзани со Доналд Трамп
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Откако #Израел ја затвори црквата на светиот гроб во Ерусалим за прв пат во историјата, #Иран посвети ракета со стих од Куранот во чест на Дева Марија: „Кога ангелите ѝ рекоа на Марија: „Бог те одбра, те прочисти и ти даде предност пред сите жени.“ „Како одмазда за сите Христови страдања.“ На ракетата беше напишана уште една порака: „Кога бандата на #Трамп ја уништува Америка, нема потреба нашите ракети да стигнат до територијата на САД.“
Во објавата се изнесуваат неколку тврдења: дека Израел ја затворил Црквата на Светиот гроб во Ерусалим „за првпат во историјата“, дека Иран посветил ракета со стих од Куранот во чест на Дева Марија и дека на ракетата имало политичка порака поврзана со Доналд Трамп.
Точно е дека Црквата на Светиот гроб во Ерусалим во моментов е затворена за верниците, бидејќи Израел воведе привремени безбедносни мерки поради војната со Иран и ракетните напади.
Но, привременото затворање на Црквата на Светиот гроб во Ерусалим не е историски преседан.
Израелските власти ја затворија Црквата на Светиот гроб во Ерусалим како дел од пошироките затворања на јавни објекти од безбедносни причини, вклучувајќи ги и црквите, почнувајќи од 28 февруари, кога Израел и САД започнаа напади врз Иран.
Во соопштението на шефот на израелската цивилна администрација се потврдува дека „сите свети места во Стариот град на Ерусалим, вклучувајќи го Западниот ѕид, Храмовата Гора и Црквата на Светиот гроб, ќе останат затворени од безбедносни причини, со оглед на моменталните тензии во регионот“.
Јозеф Хазбун, регионален директор на канцеларијата на CNEWA/Понтифичка мисија за Палестина во Ерусалим, рече дека иако другите цркви остануваат отворени, тој очекува Црквата на Светиот гроб, во која се наоѓа гробот на Исус, да остане затворена „до крајот на војната и прекинот на ракетниот оган од Иран врз Израел“.
Светата седмица започна на 29 март, а Хазбун рече дека очекува службите за Светата седмица и Велигден да се слават во Црквата на Светиот гроб само со верски лица и свештенство, како што се случи за време на пандемијата ковид-19.
Не е првпат во историјата Израел да ја затвори црквата, како што тоа се тврди во објавата.
Слични затворања имало и претходно на пример за време на ковид-19 и во 2018 година поради спор со Државата Израел.
Во февруари 2018 година, црковните власти (грчко-православната, ерменската и римокатоличката патријаршија) ја затворија црквата како форма на протест против одлуките на израелските власти за нови даноци и законски измени поврзани со црковниот имот. Затворањето траеше околу три дена и заврши откако израелската влада ги суспендираше спорните мерки.
За време на пандемијата на ковид-19 во 2020 година, црквата повторно беше затворена за јавноста како дел од здравствените мерки. Ова беше првпат по децении верниците да немаат пристап во подолг период, но одлуката беше донесена во координација со црковните лидери и важеше за повеќе верски објекти во градот.
Овие примери покажуваат дека затворањето на црквата, иако ретко и чувствително прашање, не е без преседан и обично се случува во исклучителни околности – било поради политички спорови, било поради безбедносни или здравствени причини.
Што се однесува до наводните пораки испишани на ирански ракети, нашата проверка покажа дека во достапните релевантни извори и медиуми нема потврда дека Иран официјално именувал или „посветил“ ракета со стих за Марија. Нема кредибилни фотографии или извештаи од реномирани медиуми за таква порака. Ваквите тврдења се појавуваат претежно во непроверени објави на социјалните мрежи.
Исто така, нема веродостојни извори дека на ирански ракети имало пораки за Доналд Трамп.
Војната меѓу Израел/САД и Иран е реална, но ваквите конкретни цитати не се документирани во релевантни медиуми.
Иако е точно дека пристапот до Црквата на Светиот гроб во Ерусалим бил ограничен за време на ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран, тврдењата дека станува збор за „првпат во историјата“ се неточни и ја игнорираат претходната пракса на затворања во вонредни услови. Дополнително, нема веродостојни докази дека Иран посветил ракета во чест на Дева Марија или дека на оружје биле испишани политички пораки поврзани со Доналд Трамп. Овие наводи се дел од дезинформациски наративи што циркулираат на социјалните мрежи без потврда од релевантни извори.
Поради тоа објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар