Цунами од конфузија во насловот

[Рецензија: ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ СТРАВ ОД ЦУНАМИ: Заканувачките бранови на само неколку километри од Македонија може да достигнат висина и до еден метар]

Кога на интервју на „Сан“ со грчки сеизмолог ќе му накалемите македонска траекторија, лесно ќе добиете една кармакаша. Ама тоа не е важно, бидејќи нели, поради интересот за темата ќе добиете кликови.

Порталот „Курир“ пренесува интервју што за британски „Сан“ го дал грчки сеизмолог, по серијата земјотреси во Албанија. Цел на интервјуираниот била да укаже дека тие настани можат да предизвикаат цунами, пред сè, осврнувајќи се на неговата Грција. Но, порталот „Курир“ додал „шлаг на тортата“ со тоа што сакал да го зголеми интересот на домашните читатели и „ни дал премин“ до Јадранот, каде што најчесто се епицентрите на албанските земјотреси. Па излегува дека и Македонија може да биде загрозена од цунами?! За да не побегне љубопитноста на читателите, таа „цунами конфузија“ е поставена во насловот.

Линк до оригиналниот напис: ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ СТРАВ ОД ЦУНАМИ: Заканувачките бранови на само неколку километри од Македонија може да достигнат висина и до еден метар

Датум и време на објавување: 29 ноември 2019, 12:30

Датум на рецензирање: 3 декември 2019

Рецензент: Љубомир Костовски

Текстот што е предмет на рецензија, пренесува интервју што грчки сеизмолог Алис Целентис – шеф на Институтот за геодинамика и национална опсерваторија во Атина – го дал за познатиот „Сан“ за она што се случува со почвата во Албанија. Дотука можеме да имаме разбирање, па и интерес за преносот на четивото. Сеизмологот, накусо вели дека ако истиот би се случил во поголем град, бројот на жртвите би можел да е поголем. Тој додава и дека Грција секоја година има најмалку еден земјотрес со јачина од 6 степени по Рихтер во жариштето. Го споменува и фактот дека по вакви земјотреси е можно цунами.

Грчкиот сеизмолог е загрижен дека епицентарот на некој од земјотресите во иднина би можел да биде до некој град со што би се направило поголема штета.

– Атина би била погодена секако и сигурно некои други градови… Тука станува збор и за закана од цунами… Дури и бранови до еден метар би биле закана кога островите се толку згуснати. Иако се ретки постои навистина опасност од цунами – вели тој.

Секако дека кај сеизмологот се забележува една доза сензационализам, бидејќи бранови од еден метар се речиси секојдневие и тие можат со часови да заплискуваат чиј било брег. Да речеме неодамна и без земјотрес Дубровник беше на удар на бранови од 9 метри и тоа подолго време, и тоа никој не го споредуваше со цунами. Така што, читателот веројатно – и со право – може да има потсмешлив однос кон целата таа сторија.

Но, она што може да се забележи на текстот на „Курир“, е дека во насловот е истакнато оти „Заканувачките бранови на само неколку километри од Македонија може да достигнат висина и до еден метар.“

Ова веројатно се должи на обид преводот да се направи поатрактивен за читателот.

Преводот нема линк до оригиналот, па можеби е пренесен од соседскиот портал „Србија данас“, каде што барем нема никакви додатоци.

 

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција