Д-р Александар Петличковски злоупотребен во лажна реклама за „Хипертеа“

Фото: скриншот од дел од лажното видео

„Вистиномер“ доби потврда од професор доктор Петличковски дека оваа објава е невистинита и дека злоупотребата веќе ја пријавил во одделот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи. Во конкретната објава што ја рецензираме невистинитиот маркетинг се комбинира со опасна невистинита кампања против вакцинацијата што дополнително претставува опасност за јавното здравје.

„Вистиномер“ доби потврда од професор доктор Петличковски дека оваа објава е невистинита и дека злоупотребата веќе ја пријавил во одделот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи. Во конкретната објава што ја рецензираме невистинитиот маркетинг се комбинира со опасна невистинита кампања против вакцинацијата, што дополнително претставува опасност за јавното здравје

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ во која се споделува измамничка и невистинита содржина во која е злоупотребен идентитетот на професор доктор Александар Петличковски и на водителка на вести на национална телевизија која боже го емитува прилогот во кој зборува докторот. Во објавата со помош на вештачка интелигенција е намонтирано лажно сценарио и зборови кои професор доктор Петличковски, кој инаку е имунолог, никогаш не ги кажал.

Лажното сценарио е во насока на изнесување невистинити тврдења за ковид вакцините и наводните „штетни ефекти од вакцинацијата“. Наспроти изнесеното во објавата, доктор Петличковски кој во времето на ковид вакцинацијата беше и на чело на Комисијата за заразни болести, никогаш нема изјавено дека „секој што примил ковид вакцина е жив мртовец“.

Целата објава е со цел граѓаните излажани од видеото креирано со помош на вештачка интелигенција, да кликнат на линкот во нејзиниот склоп, и да нарачаат препарат „Хипертеа“, за кој невистинито се тврди дека Петличковски го промовирал. Ниту „Хипертеа“ е производ што Петличковски го промовира, ниту пак тој изнесол невистинити тврдења за штетноста на ковид вакцините врз крвните садови.

„Вистиномер“ доби потврда од професор доктор Петличковски дека оваа објава е невистинита и дека злоупотребата веќе ја пријавил во одделот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи.

Во објавата и во видеото невистинито се изнесува дека на вакцинираните против ковид 19 после обдукција од крвните садови им имале „извадено долги густи бели згрутчувања никогаш претходно видени“, во форма на црви, а медиумите молчеле за ова, па дури и измислено е дека од „35 обдукции дневно во 24 случаи се наоѓале вакви тромби“. Потоа невистинито се тврди дека „независни експерти потврдиле дека овие тромбови се резултат на ковид вакцинацијата ама тоа нема да го слушнете на телевизија“.

И на крајот – со овој лажен маркетинг се промовира наводниот „лек“ кој наводно „ги раствора фиброзните тромбови, ги чисти крвните садови, и има над 100 илјади задоволни корисници во Македонија“. Со кликнување на линкот се гледа дека производот рекламиран со невистинити перформанси и здравствени тврдења е „Хипертеа“, а во текстот доктор Александар Петличковски лажно е претставен како „кардиолог и основач на болница Филип Втори“, иако тој не е кардиолог туку имунолог и не е поврзан со „Жан Митрев Клиник“ која порано го носеше името „Филип Втори“.

Поф. др. Александар Петличковски во лажното видео. Фото: скриншот

Со антивакциналаната кампања се штети на јавното здравје

Алармантно е што во невистинитиот маркетинг се изнесуваат и невистинити податоци за вакцината против ковид 19, индиректно против сите вакцини – што може да создаде паника кај населението и избегнување и на други вакцини, со што пак се нанесува штета врз јавното здравје генерално.
Што се однесува пак до рекламираниот „лек“, не е вистина дека „Хипертеа“ е препишуван во приватните медицински установи во главниот град. Станува збор за производ кој е регистриран во категоријата храна (чај од билни тревки).
Во склоп на текстот исто така се пласирани фабрикувани „наводно позитивни искуства од корисници“ кои што се измислени и не потекнуваат од реални Фејсбук корисници. Производот воопшто не е дел од било каков режим во болничкиот систем на Северна Македонија, ниту во државните ниту во приватните болници, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме.
„Вистиномер“ и во минатото има рецензирано невистинити содржини на социјалните мрежи поврзани со овој производ, а последната беше пред само два дена (08.06.2025 г.).

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција