Д-р Диша апелира: Вакцинирајте се сите, вакцините не предизвикуваат неплодност!

Преку еден сензационален наслов , авторот на дезинформациите објавени во News225media успеал да измами над 300 луѓе кои дале „лајк“ за овие дезинформации на Фејсбук. Во овој случај, авторот на погрешен начин толкува документарен филм направен од една германска телевизија во Србија за процесот на имунизација и ги лаже граѓаните дека во овој документарец е „обелоденето“ дека вакцинираните лица не можат да раѓаат деца. На оваа тема поразговаравме со лекарот Лиридон Диша кој категорично ги негира овие информации, при што вели дека нема ниту една сериозна студија што го потврдува тоа.

 

За што станува збор во документарниот филм?

Во документарецот направен од реномираната медиумска куќа „ ARTE Documentary“, кој потоа е погрешно протолкуван од теоретичарите на заговори, во ниту еден момент не се зборува за можноста вакцините против Ковид-19 да предизвикаат неплодност.

Со цел да произведе сензационална вест, авторот на дезинформацијата, овој дел од документарниот филм го измислил, за потоа погрешно да ја информира јавноста. Овој начин на „информирање“ не го помага процесот на колективна имунизација и може да предизвика страв кај луѓето кои се решиле да го примаат единственото оружје што во моментов го имаме против коронавирусот – вакцината.

Да, во овој документарец се зборува за можното сокривање на реалниот број на смртни случаи од коронавирусот од страна на српската влада. Истражувањето на новинарката Сандра Петрушиќ, која е интервјуирана во овој документарец, покажува дека здравствените власти во Србија кријат околу 60 проценти од смртните случаи.

Според моето истражување, околу 60% од смртните случаи предизвикани од коронавирусот се бришат од здравствените власти, и според ова во Србија треба да има 2 до 3 пати повеќе смртни случаи од пријавените, вели новинарката Сандра Петрушиќ во овој документарен филм.

 

Лекарот Лиридон Диша ни потврди дека вакцините не предизвикуваат неплодност.

Тој нагласува дека не постои ниту една веродостојна и сериозна студија што ја поддржува дезинформацијата дека овие вакцини предизвикуваат неплодност, притоа додавајќи дека тврдењето за такво нешто не може да биде точно бидејќи овие вакцини се користат помалку од една година и дека е многу рано за такви заклучоци.

Веста дека овие вакцини предизвикуваат неплодност кај луѓето не е точна! Како прво, на научниците им треба време да го докажат тоа. Овие вакцини се користат помалку од една година и е премногу рано за да се донесат такви заклучоци. Другата причина зошто се работи за една лажна вест е фактот дека до сега не е направена една сериозна студија што го потврдува тоа, додека пак студии како овие има многу , ни рече доктор Лиридон Диша.

Диша за  Порталб.мк додаде дека процесот на одобрување на овие вакцини е толку комплициран што е речиси невозможно да предизвикаат таков негативен ефект врз луѓето и додаде дека главната работа е што сите овие вакцини создаваат антитела кои штитат од коронавирусот.

Новите вакцини против коронавирусот се многу безбедни бидејќи претходно се тестирани на луѓе и како резултат на тоа, многу мал број лица имале несакани ефекти. Процесот на одобрување на една вакцина е многу комплициран бидејќи новата вакцина треба да помине низ многу фази и „филтри“ за да биде избрана како ефективна и безбедна за примена кај општата популација. Вакцините што се користат денес против новиот вирус корона се од различни типови и стимулирајќи го телото да произведува антитела тие создаваат имунитет (некои повеќе, некои помалку) против него, посочува доктор Диша.

Тој додаде и дека доказ дека овие вакцини се безбедни и не се опасни е фактот што и самите здравствени работници се вакцинирани, притоа апелирајќи за што помасовна вакцинација на граѓаните.

Што велат студиите?

Koмитетот за вакцинација и имунизација на Обединетото Кралство ги советува бремените жени да се вакцинираат против Ковид-19 заедно со луѓе на иста возраст или од ризичните група. Во САД, против Ковид-19 со вакцини од производителите „Фајзер“ и „Модерна“ вакцинирани се 90.000 бремени жени и не се идентификувани никакви проблеми по однос на сигурноста на вакцините.

Она што е сигурно е дека бремените жени кои ќе се разболат со Ковид-19 имаат поголема можност да завршат на интензивна нега отколку жените на иста возраст кои не се бремени. Веројатноста да се породат предвремено бремените жени со ковид 19 е за два до три пати поголема отколку за бремените жени кои не се инфицирани со ковид.

Упатствата за бремените жени во Обединетото Кралство официјално покажуваат дека кај бремените жени со коморбидитети ризикот од сериозни компликации од Ковид-19 е поголем. Ризик фактори за бремените жени се проблемите со имунитетот, дијабетесот, високиот крвен притисок, срцевите заболувања и астмата, прекумерната тежина, возраста, односно ако се постари од 35 години, и ако ја поминале дваесет и осмата недела од бременоста.

Вакцините против ковид 19 на бремените жени им нудат најдобра заштита од болеста што може да биде сериозна во поодмината бременост. Првата доза на вакцината против Ковид-19 ќе ви овозможи добра заштита. За подолга заштита, потребна ви е втора доза и не треба да одолговлекувате, препорачуваат британските здравствени власти.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција