Д-р Пол Томас не докажал дека невакцинираните деца се поздрави
Нема докази дека вакцините предизвикуваат хронични болести или дека невакцинираните деца се поздрави. Напротив, вакцинираните деца се заштитени од сериозни инфекции кои порано предизвикувале хоспитализации и смрт.
Нема докази дека вакцините предизвикуваат хронични болести или дека невакцинираните деца се поздрави. Напротив, вакцинираните деца се заштитени од сериозни инфекции кои порано предизвикувале хоспитализации и смрт
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ВИСТИНАТА Е НЕПОЖЕЛНА НАУКА Тој докажа дека невакцинираните деца се поздрави. Му ја одзедоа лиценцата. Д-р Пол Томас проучил 3.324 деца и открил дека невакцинираните деца имале ПОМАЛКУ посети на лекар и ПОДОБРИ здравствени исходи. Еве што покажаа неговите податоци: Треска – 9,1× повисока кај вакцинирани Болка во увото – 3,4× повисока Отитис медија (инфекции на увото) – 2,9× повисока Конјуктивитис – 2,4× повисока Нарушувања на очите (други) – 1,8× повисоки Астма – 5,2× повисоки Алергиски ринитис (поленска треска) – 6,9× повисоки Синузитис – 4,3× повисоки Проблеми со дишењето – 2,9× повисоки Анемија – 5,5× повисоки Егзема – 4,5× повисоки Уртикарија (уртикарија) – 2,1× повисоки Дерматитис – 1,4× повисоки Проблеми во однесувањето – 4,1× повисоки Гастроентеритис – 4,7× повисоки Нарушувања во тежината/исхраната – 2,5× повисоки АДХД – 0 случаи кај невакцинирана група *Податоците се базираат на тоа колку често децата го посетувале лекарот за секоја состојба* Наместо да ги испита наодите, Медицинскиот одбор на Орегон ја суспендираше лиценцата на д-р Томас – само неколку дена по објавувањето на студијата. Неколку месеци подоцна, студијата беше повлечена. Д-р Пол Томас не е единствениот кој се соочи со брза казна за објавување на непријатна наука. Други лекари се соочија со слични последици за откривање на истиот модел. Прашањето е: Зошто лекарите се казнуваат само затоа што споредуваат вакцинирани и невакцинирани деца?
Наспроти изнесеното во објавата, д-р Пол Томас не докажа дека невакцинираните деца се поздрави. Фактите се дека во 2020 година тој како коавтор, заедно со Џејмс Лајонс-Вајлер, напиша труд во кој тврди дека невакцинираните деца имаат помалку болести и помалку посети кај лекар во споредба со вакцинираните. Тој труд беше повлечен (retracted) од стручно списание поради сериозни проблеми со методологијата и заклучоците. Тоа значи дека списанието официјално не стои зад резултатите.
Освен тоа, Медицинскиот одбор на Орегон му ја суспендираше лиценцата на доктор Пол Томас поради загриженост околу неговата практика и промовирање на дезинформации за вакцините. Студиите на Томас се мали, пристрасни и методолошки слаби, не ги земаат предвид разликите меѓу семејства чии членови се вакцинирани и оние кои не се. На пример, пристап до здравство, образовно ниво, колку често одат на лекар итн. Овие фактори можат лажно да изгледаат како „помалку болести“ кај невакцинираните, иако всушност се пријавуваат помалку дијагнози бидејќи децата поретко се носат кај доктор.
Големи и добро истражени студии во повеќе земји (од СЗО, CDC, Националната академија на медицина на САД и други) покажуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни. Нема докази дека вакцините предизвикуваат хронични болести или дека невакцинираните деца се поздрави. Напротив, вакцинираните деца се заштитени од сериозни инфекции кои порано предизвикувале хоспитализации и смрт.
Прво, во повлечената студија во која коавтор е доктор Пол Томас од 2020 година („Relative Incidence of Office Visits and Cumulative Rates of Billed Diagnoses“), податоците доаѓале само од неговата приватна педијатриска ординација во Орегон. Од вкупно 3324 деца, 561 (или 17 проценти) биле целосно невакцинирани, а останатите биле делумно или целосно вакцинирани. Тоа е проблематично зашто станува збор за една ординација, а не за претставителен примерок од населението.
Родителите што ја посетувале ординацијата на д-р Томас често биле скептични кон вакцините што создава пристрасност во податоците. Студијата ги споредувала дијагнозите и посетите на лекар меѓу групите, без да земе предвид дека невакцинираните деца поретко одат на лекар. Затоа изгледа како да се „поздрави“, но всушност само имаат помалку пријавени дијагнози.
Списанието ја повлекува статијата „Релативна инциденца на посети на ординација и кумулативни стапки на фактурирани дијагнози долж оската на вакцинација“ цитирана погоре. По објавувањето, на редакцијата ѝ беа упатени загрижености во врска со валидноста на заклучоците од објавеното истражување.
Придржувајќи се до нашата постапка за жалби, беше спроведена истрага која покрена неколку методолошки прашања и потврди дека заклучоците не се поткрепени со силни научни податоци. Затоа, статијата е повлечена. Ова повлекување е одобрено од главниот уредник на списанието. Авторите не се согласија со ова повлекување, се наведува во образложението за повлекувањето.
Данска национална студија со 657.461 деца во периодот од 1999–2010 прави споредба на вакцинирани со МРП вакцина и невакцинирани деца. Главните наоди се дека нема зголемен ризик од аутизам и нема докази дека вакцините се поврзани со поголема стапка на болести. Според оваа студија, вакцинираните деца имаат помал ризик од заразни болести.
Студии покажуваат дека вакцините не предизвикуваат поголем број на болести, ниту поголем ризик за астма, алергии, аутизам итн.
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар