Дали е можен „Ветинг” процес во македонскиот правосуден систем?

Фото: pxhere.com

 

 

На македонското правосудство му требаат реални реформи, ова е една од препораките во Извештајот на Прибе, но и констатација на повеќе домашни експерти. Дека е тоа така, говорат и објавените телефонски разговори  таканаречените „бомби на опозицијата”, каде е видливо влијанието на политиката врз правосудниот систем, а доказ за тоа е и самото формирање на Специјалното јавно обвинителство. Иако, новата власт се зафати со измени на законската регулатива поврзана со правосудниот систем, сепак останува фактот дека во оваа област потреба длабоки, брзи и практични реформи

 

Пишува: Дрилон Салиу

 

Со слични главоболки  се соочуваат речиси сите земји на Балканот, некои помалку, некои повеќе. Соседна Албанија, на пример, пред две години реши да побара „лек“ со спроведување на длабоки  судски реформи. За таа цел на 22 јули 2016 година во Парламентот на Албанија беа изгласани уставни измени за реформи во правниот систем, таканаречен  „Ветинг“ процес, при што  се усвоија и законски измени за проверка на судиите, обвинителите, инспекторите и полициските службеници.

 

ШТО ВСУШНОСТ ПРЕТСТАВУВА ПРОЦЕСОТ „ВЕТИНГ“

Според новото законско решение со „Ветинг“ процесот се опфатени сите судии, вклучувајќи ги управните судии, врховните судии, обвинителите, инспекторите, полициските службеници, судските советници во Административниот суд, потоа екс- судиите, екс-обвинителите, какои советниците што најмалку три години работеле во судството.

Сите овие лица ќе бидат оценети на три нивоа: проценка на нивниот имот – во смисла како тоа богатство е стекнато, контрола на нивната личност – со цел да се провери дали имале контакти со лица замешани во организиран криминал, како и оценување на нивниот професионален капацитет врз база на кој ќе се констатира дали личноста е професионално подготвена за вршење на дејноста.  Потоа овие три формулари  детално се проверуваат од Комисијата за квалификација, Посебниот колегиум за апелација и јавните комисионери во соработка со меѓународните набљудувачи. Откако ќе  заврши овој процес, за тие што не ги исполниле условите или не ги почитувале овие норми ќе следат санкции – од казна за една година суспензија, па сè до целосно разрешување на оној кој не ги исполнува критериумите. Ова тројна евиденција има за цел не само прочистување на елементите поврзани со криминалот, туку и на непрофесионалниот кадар кој обезбедил работно место врз база на коруптивни, политички или финансиски врски.

Предвидено е овој процес да тра девет години, до 2024, и веќе ги дава првите резултати. Според информациите во албанските медиуми, стотина полициски службеници одбиле да ги пополнат формуларите, а четири судии и обвинители дале отказ сакајќи да го избегнат овој процес.

 

ДАЛИ ВАКОВ ПРОЦЕС Е МОЖЕН ВО МАКЕДОНСКОТО ПРАВОСУДСТВО?

Во Извештајот на Прибе објавен во 2017 година, има сериозни забелешки во врска со судските реформи, па така, на страница 4 (точка 26 и 27) се вели:

Спроведена е  една од дванаесетте препораки од 2015 година во областа на судството и гонењето. Тоа беше препораката за одржување на Академијата за судиите и обвинителите…

Многу од практиките обелоденети во Извештајот за 2015 година продолжија. Контролата и злоупотребата на судскиот систем од страна на мал број судии на моќни позиции за да служат и промовираат политичките интереси, не се намали. Овие судии продолжија да вршат притисок врз нивните помлади колеги преку нивна контрола над системите за назначување, оценување, унапредување, дисциплина и разрешување, кои се користеле за наградување на послушниците и казнување на оние кои не подлегнаа на притисоците . Ова е опишано како вид на „заробена држава“, но можеби е попрецизно да се каже како „заробено“ судство и обвинителството од страна на извршната власт.

После длабоката политичка криза во Македонија, со доаѓање на новата власт, започнаа и реформите предвидени токму во препораките на Прибе, но не и „Ветинг“ процес.

Универзитетскиот професор по уставно и административно право, Јетон Шасивари, за „Вистиномер“ вели дека таков процес е неопходен не само во судството, туку и во политичките кругови:

Несомнено, во нашата земја, постои потреба за сеопфатна проверка, која ќе ги вклучува не само на судството и полицијата, туку сметам дека процесот треба да  почне од политичарите.

Овој радикалнен реформски процес е пред сè во интерес на заштита на граѓаните, особено поради фактот што правдата во нашата земја сè уште е меѓу „заробена правда” и „реформа на правдата”, а институциите се сериозно пристрасни, политизирани и непрофесионални, со низок степен на доверба кај граѓаните.

Тој, смета дека ваков процес е тесно поврзан и со интеграцискиот процес на земјата, како услов за членство во НАТО и ЕУ:

Потребата од оваа реформа е подеднакво голема, имајќи предвид дека вистинските системски реформи претставуваат неопходен услов во процесот на НАТО интеграција и во ЕУ. Главниот предуслов за да се постигне успешна проверка се однесува на дискусија и консензуално усвојување на сеопфатна правна рамка на демократски начин, која ќе служи како водич за овој процес, јасно дефинирање на клучните критериуми за Ветинг, како што се професионални критериуми , морален и човечки интегритет, како и можни влијанија од криминалот, корупцијата и секојдневната политика, додава Шасивари

Но, од друга страна, екс-обвинителот, Бардил Кука, смета дека иако  е неопходна ваква проверка, сепак, во моментот нема услови за имплементација на „Ветинг“ процесот во Македонија:

Егзекутивната и правосудна власт се на „стаклени нозе“ немаат стабилно мнозинство. Во актуелниот политички амбиент  во Македонија, не може да се замисли „Ветинг“ процес,  бидејќи многу од сегашните функционари, може да бидат објект на ваков процес. Така што, овој процес најпрво би се спречил токму од тие функционери

Екс – обвинителот Кука, смета дека таков процес е повеќе од потребен и во Државното правобранителство:

Отворање  на Ветинг проверка во Македонија е повеќе од потребно. Всушност, не само во судството, туку во целиот правен систем – како и во државно правобранителство). Иако Државното правобранителство не е класичен орган на правдата, сепак, тоа е тесно поврзано со областа на судството

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција