Дали ретките минерали во украинската почва се ретки во светот и каква е нивната геополитичка вредност?

Ретки минерали од Баоту, Внатрешна Монголија, Н.Р. Кина Фото: Brücke-Osteuropa, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Фамозните ретки минерали (rare earth minerals) и натаму се сметаат за срцевина на евентуалниот договор меѓу САД и Украина, по тензичните преговори на претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски овие денови, полни со експлозивна реторика и брзи пресврти. Ретките минерали, според нивните геохемиските својства, се дефицитарни во концентрирани облици, па поголем проблем од резервите и ресурсите со ретки земни метали е економската исплатливост од нивната експлоатација, како и геополитичката оправданост.

Фамозните ретки минерали (rare earth minerals) и натаму се сметаат за срцевина на евентуалниот договор меѓу САД и Украина, по тензичните преговори на претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски, полни со експлозивна реторика и брзи пресврти. Ретките минерали, според нивните геохемиските својства, се дефицитарни во концентрирани облици, па поголем проблем од резервите и ресурсите со ретки земни метали е економската исплатливост од нивната експлоатација, како и геополитичката оправданост

 

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Договорот за користење и експлоатација на ретките рудни богатства со кои располага Украина од страна на САД, се покажа дека е еден од клучните фактори што (ќе) го решава клучното прашање за мир или продолжувањето на војната во Украина. Фамозните ретки минерали (rare earth minerals) и натаму се сметаат за срцевина на евентуалниот договор меѓу САД и Украина, по тензичната средба на претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски минатата недела во Белата куќа, што резултираше со прекин на американската воена помош на Украина.

Во говорот во американскиот Конгрес на 4.03.2025, претседателот на САД Трамп најави повторно зближување на ставовите со Зеленски и потпишување на договорот за заедничко користење на ретките минерали во Украина, што би го отворило патот кон мировен договор. Зошто тие минерали на украинската почва се битни за САД, и колку се навистина ретки во светски рамки?

 

Кои елементи се ретки и за што се користат?

Домашен медиум пренесе анализа дека на украинска почва има богати наоѓалишта на лантан и цериум (потребни за телевизори и осветлување), неодимиум, кој се користи во турбини на ветер и батерии за електрични возила; ербиум и итриум (се користат за нуклеарна енергија и ласерска технологија); потоа големи резерви на скандиум, титаниум и ураниум, но и литиум, елемент нужен за производство на батерии, керамика и стакло.

Според податоците од онлајн енциклопедијата „Википедија“, ретките земни минерали во земјината почва, познати и како ретки земни метали, претставуваат збир од 17 елементи од хемискиот периоден систем, а името го добиле во втората половина на 18 век од англискиот термин „earth” со кој се означувале првите изолирани оксидирани минерали, „mineral”, во Англија. Ретките земни елементи се користат во различни технологии откако ќе го минат процесот на нивно изолирање со испирање и кристализација.

Според геохемиските својства, тие ретко се наоѓаат во концентрирани облици, па поголем проблем од наоѓалиштата на резерви со ретки земни метали е економската исплатливост од нивната експлоатација. Таа најчесто е пропратена со големо загадување на околината, па затоа е сместена во тн. „валкани индустрии“. Најголем произведувач на овие ретки метали во светот, преку 95 отсто, е Кина. Нејзините капацитети во оваа индустриска гранка главно се сместени долж границата со Република Монголија, во Автономната област Внатрешна Монголија.

 

Што велат геолошките експерти во светот?

Американскиот Конгрес посочи дека околу 174 милијарди долари во последните неколку години биле вкижени како помош за Украина, а Трамп го врами потенцијален приход од аранжманот за ретките минерали од Украина на 500 милијарди долари. Колку вредат тие минерали на пазарот?

Лора Луис, универзитетска професорка по хемиско и машинско инженерство на Универзитетот Нортистерн, ги проучува критичните минерали и нивната експлоатација. Во неодамнешното интервју таа вели дека ретките (критичните) минерали се супстанца која е неопходна за економската и за националната безбедност, како и за технологијата, и таа не може лесно да се замени со други супстанции.

Нејзиното нарушување во пристапот или снабдувањето би создало тешкотии за националниот ентитет. Тоа е критичен материјал. Критичниот материјален простор порасна, што значи дека сè повеќе и повеќе елементи му се додаваат на периодниот систем во последните 5 до 10 години. Друг сет на дефиниции кои би можеле да бидат корисни би било да се разгледа разликата помеѓу резерва и ресурс, бидејќи тие лесно можат да се помешаат. Минерален ресурс е количеството за кое некои субјекти посочуваат дека може да бидат достапно во земјата на некоја држава. Но, резерва е сума што е позната и може да ù се пристапи – така што тие поими воопшто не се исти. Мислам дека овие концепти се мешаат во медиумите, вели Луис.

Третиот аспект, посочува професорката Луис, е производството, кое го опфаќа ископувањето на рудата, која потоа треба да се обработи за да се ослободи минералот или металот што на крајот ќе се користи во технологијата.

Ретките земјени елементи се користат апсолутно насекаде во технологијата, но тие се потребни во нивната метална форма – додека во земјата тие се во многу, многу сложени минерални склопови. Кога ќе се отстранат од земјата во различни рудници, прво треба да ги одвоите минералите кои имаат различна хемија, објаснува Луис.

Украина поседува некои минерали што се важни за технологијата, како титаниум, кобалт и литиум. Луис вели дека литиумот не е ниту во првите 20 елементи во однос на украинските ресурси или резерви, бидејќи стотици пати повеќе го има во Јужна Америка.

Луис вели дека САД произведуваат титаниум и околу 60% од титаниумот се рециклира во САД, додека, пак, Украина има малку титаниум, изразувајќи резерва да ја коментира економската конкурентност на титаниумот од САД (кои доста увезуваат од овој елемент од Канада) наспроти титаниумот од Украина. За графитот како важна компонента за батериските електроди посочува дека навистина го има во Украина, но сепак Кина доминира во пласманот на графитни производи во светски рамки.

Кога станува збор за кобалтот, неопходен минерал во производството на батерии, магнети и други апликации важни за САД, податоците велат дека најмногу количества од овој елемент пристигнуваат од Демократска Република Конго. Во оваа држава – која има сто пати повеќе резерви на кобалт од САД – во моментов владее мошне сериозен внатрешен конфликт, па е можно свртување кон други дестинации како ресурси. Но, тоа не мора нужно да биде Украина со нејзините непознати или, во најмала рака, непотврдени резерви, бидејќи кобалт има и во Русија (три пати повеќе од САД) и во Австралија.

Но, според Луис, најпроблематично во наративите за ретките минерали во Украина се доказите дали тие воопшто постојат, бидејќи сегашните извештаи за нивните количини се базираат на извештаи стари најмалку 50 години, создадени во времето на СССР, односно спроведени од Русија.

Навистина нема значајни докази дека Украина ги поседува тие ретки минерали. Ако го докажат тоа, и велат дека сега ќе го развијат овој ресурс, ќе биде потребно време за создавање рудник, а изградбата на рудникот може да трае 15-20 години. Но, не мислам дека ресурсите за ретки минерали ќе бидат развиени од Украина во краткорочна до среднорочна временска рамка, заклучува Луис.

 

Каков е геополитичкиот потенцијал на ретките елементи?

Во неодамнешното интервју за Investor.News, Џек Лифтон, копретседател на Институтот за критични минерали (CMI), говореше за неверојатноста и неефикасноста на развојот на ресурсите за ретки минерали во Украина, нагласувајќи го недостатокот на остварливи наоѓалишта.

Украина нема никакви депозити на ретки минерали, за кои знам… Тоа е само залуден труд, вели Лифтон, нагласувајќи го непостоењето на економска исплатливост во експлоатацијата на ретките минерали од Украина.

Тој ги спореди наоѓалиштата во Украина со оние во Кина (Внатрешна Монголија), каде што ретките земји се нуспроизвод во процесот на значително ископување железна руда, што ù го носи статусот на Кина како главен производител на челик, но и на дел од ретките елементи. Елаборирарќи ги, пак, геополитичките аспекти на предложеното американско учество во украинските рударски операции, Лифтон сугерира дека вистинската намера може да биде да се вгради американското економско присуство како пречка за странско мешање, особено од Русија.

Мислам дека тоа што Трамп сака да го направи е – комерцијална операција на целиот свет во корист на САД, категоричен е Лифтон.

Тој смета дека инвестирање во украинското ископување на ретки елементи ќе биде непрактично, дури и како операција за пренасочување од региони со повеќе ветувачки можности како Канада и Австралија,  бидејќи тие не само што имаат значителни наоѓалишта на ретки елементи, туку поседуваат и етаблирани пазари.

Според Лифтон, изобилството на критични минерални ресурси во Северна Америка, а особено во Канада, е доволен мотив за засилена соработка меѓу САД и Канада во развојот на овие средства, наместо фокусирањето на геополитички комплицирани и економски неодржливи проекти, како оние предложени во Украина.

И анализата на Wall Street Millennial оперира со слични податоци за вредноста на украинските ресурси со ретки минерали и нивната економска и геополитичка исплатливост. Оттаму, во наредниот период можеме само да ги следиме новите епизоди во развојот на американскиот предлог за мировен план за Украина преку договорот за користење на нејзините наоѓалишта со ретки земни елементи.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција